Македонија
Филипче: Во Берлин ги бранев македонските интереси, ја повикувам ВМРО-ДПМНЕ заедно да се бориме амандманот да не помине

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на денешната прес-конференција, во одговор на новинарско прашање, посочи дека посетата во Берлин ја искористил како можност да лобира и да разговара со присутните европратеници за да остане неутралната дефиниција за македонскиот јазик – а не, како што е наведено во амандманот на извештајот на Европскиот парламент за Македонија, каде се предлага зборот „современ“ да се додаде како квалификација за македонскиот јазик.
Тој потенцираше дека со неактивноста на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, се влошува преговарачката позиција на Македонија во однос на ЕУ.
„Јас лично лобирав и во име на партијата, меѓутоа и во име на државата. Жал ми е што не гледам дека тоа го прави Владата, ниту пак ВМРО-ДПМНЕ го прави – да остане неутралната дефиниција за македонскиот јазик. Сметам дека со оваа неактивност и со сè што Владата прави, практично нашата преговарачка ситуација и позиција во рамки на ЕУ се влошуваат. И еве сега, овие работи што се наведени во извештајот, практично укажуваат и го отвораат прашањето, зошто е тоа така, и зошто Владата навистина не сака видливо да лобира тоа да не се случи“, рече Филипче.
Притоа, тој ја посочи дека констатацијата на европратениците кои биле присутни во Берлин е дека ваквите додавки во однос на македонскиот јазик се резултат на провокациите од страна на Владата на ВМРО-ДПМНЕ.
„Сите констатираат една работа – дека таквите додавки на македонскиот јазик доаѓаат како резултат на провокациите што доаѓаат од нашата Влада. Тоа е сериозно влошување на нашата положба во ЕУ“, изјави Филипче.
Во одговорот на прашањето, Филипче ги повика ВМРО-ДПМНЕ да лобираат заеднички за амандманот да не помине.
„Сакам да упатам уште една директна порака,апелирам до ВМРО-ДПМНЕ заеднички да лобираме тоа да не се случи, да нема таков амандман во ЕП, туку да помине неутралната дефиниција македонски јазик, без никакви додавки. Затоа што тоа е и заслуга на политиките на нашата Влада изминативе седум години- јасен, чист македонски јазик, потпишан на македонски јазик со сите земји членки на ЕУ. Не гледам ниту една причина, освен тие провокации, зошто сега таа позиција би била загрозена“, истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Го замолуваме Филипче да не ги лаже младите и да им се извини за тоа што ги заборавија изминативе 7 години“, реагира ВМРО-ДПМНЕ

„Сериозно сме изненадени од настапите на Филипче по локалните средби со млади коишто си ги правел во текот на вчерашниот ден. Филипче им говорел на своите членови од младината, како тешко се живее во Македонија, дека младите се иселувале, дека платите биле ниски, говорел и за инфлацијата и рангот на универзитетите од Македонија на Шангајската листа“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на изјавите на Венко Филипче.
„Да го потсетиме господинот Филипче дека до пред само една година, или еве поточно 15 месеци, тој и неговите пајташи и криминалци од СДС и ДУИ, како Заев, Ахмети, Груби, Османи и останати, ја водеа оваа држава, на начин на кој на сите им е познат.
Господинот Филипче, се нашол за достоен да говори за младите, за инвестициите, за платите и инфлацијата. Епа господине Филипче, да ве потсетиме како беше во ваше време.
Инфлацијата беше над 20%, историски највисока. Платите беа мизерни, инфлацијата ги поразуваше и оние срамни покачувања кои ги имало во периодот кога тие ја водеа Владата. Пензиите да не ги спомнуваме, навистина е срамно СДС и Филипче да говорат за тоа, бидејќи во нивно време се зголемуваа за 185 денари, а сега за само 18 месеци ќе бидат зголемени за 7000 денари. Јавниот долг беше над 60%, а задолжувања, анекси и камати, го празнеа Буџетот на државата, поради неспособноста на СДС. Салата на УКИМ така стои 7 години, со прст не мрднаа, ФИНКИ и ФФК можеби и не знаеле дека постојат па затоа и не ги реновирале, учениците немаа учебници по цела година, учеа од скрипти или ако се снајдеа на некаков друг начин. Студентските домови беа оставени на милост и немилост, градовите и селата се празнеа, младите го бараа спасот надвор од државата, а велеа дека ќе ги врателе оние 600 илјади кои биле избегани од државата, кога доаѓаа на власт. И секако, за сето ова што го направија, добија казна на изборите со најлош историски резултат во нивната историја. Нешто слично ќе им се случи сега на изборите во октомври.
Но, господинот Филипче, можеби сè уште е со паметот на грчките плажи и јахтите со Заев, па еве да му пренесеме што се новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ направи за само година дена.
Платите се покачени во администрацијата, здравството, образованието, културата, полицијата, социјалата. Дел од овие се историски највисоки зголемувања направени со синдикатите во вид на колективни договори. Инфлацијата се контролира и не е веќе 20%, а јавниот долг се намали. Странските директни инвестиции достигнаа историски рекорд, од милијарда и 250 милиони евра. Се отвораат нови работни места, се вложува во енергетиката, дигитализацијата и образованието. Се реконструираат студентски домови, факултети и училишта. Книгите учениците ги добиваат на први септември. Младите добиваат по 250 евра за електронски уред, финансиска поддршка за стартап бизнис, финансиска поддршка за млади земјоделци, како и многу мерки и поволности за вработување со оперативниот план за 2025 година.
Ова се само дел од проектите и мерките коишто за година дена ги имаме преземено како нова власт, од минус во секоја можна државна институција, сега сме на нула и одиме напред, градиме темели на иднината и ги правиме промените кои граѓаните ги заслужуваат“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Еднократна парична помош за глувонемите во Центар, извести Герасимовски

Општина Центар ќе доделува еднократна парична помош за глувонемите лица во Центар. Ова беше договорено на средбата меѓу градоначалникот Горан Герасимовски и претставниците на Сојузот на глуви и наглуви – Даре Џамбаз. На средбата се разговараше за актуелните потреби и предизвици со кои се соочуваат овие лица, како и за можностите за понатамошна поддршка од страна на општината.
Како резултат на дискусијата, Герасимовски најави дека Општина Центар ќе предвиди еднократна парична помош за глувонемите лица, што ќе се доделува еднаш годишно.
„Центар е една од ретките општини која обезбедува лични асистенти и финансиска поддршка за децата и семејствата кои имаат таква потреба. Со оваа нова мерка ќе покажеме дека секој наш сограѓанин е важен и дека заедно градиме општество на еднакви можности. Од следната година, глувонемите лица ќе добиваат еднократна парична помош. Како општина обезбедивме бесплатен паркинг за глувонемите и ме радува тоа што се задоволни од оваа мерка“ истакна градоначалникот Герасимовски.
На средбата беше договорено во септември да се одржи нова работна средба, на која дополнително ќе се разгледаат предлози и барања од здруженијата, со цел истите да се вградат во програмите на Општина Центар.
Македонија
Муцунски: Дијаспората е важен мост меѓу државите и чувар на идентитетот и вредностите

Во рамки на работната посета на Женева, Швајцарија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, учествуваше и се обрати на настан по повод Денот на независноста – 8 Септември, организиран за македонската дијаспора во овој дел на Швајцарија.
Во своето обраќање, Муцунски ја потенцираше суштинската и незаменлива улога на македонската дијаспора во градењето на мостови помеѓу државите, истакнувајќи дека тие се чувар на идентитетот и вредностите на нашата земја, соопшија од неговиот кабинет.
„Изразувам искрена благодарност за сите иницијативи, проекти и активности што произлегуваат од македонската дијаспора во Швајцарија. Како Влада, остануваме посветени на унапредување на врските со Македонците ширум светот – институционално, но и преку конкретни иницијативи“, истакна Муцунски.
Настанот беше можност за директна размена на идеи и мислења со претставници на македонската заедница во Швајцарија, за нивната поголема вклученост во креирањето на политики и за зајакнување на институционалната комуникација со матичната држава.