Свет
(Видео) Ким Јонг-ун им оддаде почит на севернокорејските војници убиени во Украина

Ким Јонг-ун им оддаде почит на севернокорејските војници убиени во војната на Русија против Украина со ставање на рацете на нивните останки во ковчезите што беа вратени во земјата во ретко јавно признание дека неговите вооружени сили претрпеле загуби во конфликтот.
Фотографии од севернокорејскиот лидер како стои пред ред од шест ковчези обвиени со националното знаме беа прикажани на екран за време на гала-концертот одржан во неделата по повод првата годишнина од воениот договор меѓу Северна Кореја и Русија.
Настанот во театарот „Гранд“ во источен Пјонгјанг ги комбинира настапите на севернокорејските и на руските уметници во посета со проекции на фотографии што го слават договорот за меѓусебна одбрана што Ким и рускиот претседател Владимир Путин го потпишаа во Пјонгјанг минатиот јуни.
The DPRK held a farewell ceremony for the North Korean soldiers killed in the Kursk region.
State TV published a video of Kim Jong-un shedding tears over the coffin of a dead soldier.
The ceremony took place on June 29 at the East Pyongyang Grand Theater, Seoul-based Korea… pic.twitter.com/UM6Fbtb3qq
— Positionlive (@Positionlive) July 1, 2025
Фотографиите од Ким и останките од паднатите војници следуваа по снимки од војници од двете земји како ги мавтаат своите национални знамиња. Една од фотографиите наводно прикажува страници од крвава тетратка за која се верува дека му припаѓа на севернокорејски војник пронајдена на бојно поле во рускиот регион Курск.
Според јужнокорејската новинска агенција „Јонхап“, тетратката содржела пораки „Конечно дојде одлучувачкиот момент“ и „Храбро се бориме во оваа света битка со безграничната љубов и довербата што ни ја даде нашиот сакан врховен командант“ алудирајќи на Ким.
Не е познато точно кога се одржала церемонијата за враќање на останките. Ким и други функционери, вклучувајќи ги неговата влијателна сестра, Ким Јо-џонг, и министерката за надворешни работи, Чое Сон-хуи, носат зимска облека, што сугерира дека телата можеби биле вратени пред неколку месеци.
Откога со месеци негира дека севернокорејските војници биле испратени да се борат заедно со руските сили, режимот сега се обидува да го прикаже своето учество во војната во Украина во позитивно светло.
„Северна Кореја, веројатно, сакала да ги прикаже паднатите војници не само како жртви туку и како дел од приказна за победа“, изјави Хонг Мин, виш истражувач во Корејскиот институт за национално обединување, за „Јонхап“.
„Се чини дека снимката е објавена откога двете земји го признаа распоредувањето на трупите и ја прогласија заедничката операција за ослободување на Курскиот регион во западна Русија за успешна“, додаде Хонг.
Видеата од церемонијата емитувани од државниот радиодифузер КРТ го покажаа Ким, кој изгледаше трогнат, како седи до гостинот, руската министерка за култура, Олга Љубимова, и неговата ќерка Ким Ју-ае. Публиката беше прикажана како брише солзи.
„Кореја хералд“ објави дека ова е првпат државните медиуми да објават снимки и фотографии од војници испратени во Русија до севернокорејските граѓани.
Државната новинска агенција КЦНА соопшти дека настанот ја зголемил довербата во „врските на пријателство и искрената интернационалистичка посветеност меѓу народите и армиите на двете земји, кои беа создадени по цена на крв“. Во април Путин и Ким потврдија дека севернокорејските војници биле испратени во руската војна и двајцата ги опишаа како херои.
Се проценува дека Северна Кореја испратила речиси 15.000 војници во војна од минатата есен.
Ким објави дека во Пјонгјанг ќе биде подигнат споменик во чест на паднатите војници и дека ќе биде положено цвеќе на нивните гробови, што се смета за прво јавно признание на режимот дека севернокорејски војници загинале во борба.
Северна Кореја исто така испорачала големи количини муниција, артилериски гранати, балистички ракети и друго оружје на Русија, наводно во замена за оружје, сателитска технологија и економска и друга помош од Кремљ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ: Србија ќе се приклучи на развојот на руската вакцина против рак

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека разговарал со Александар Кецман, директор на Институтот „Гамалеја“ во Москва, кој го информирал дека во Русија се развива вакцина против рак.
„Ми објаснија одредени работи. Имаме голем процент на заболени од рак. Оваа вакцина е поинаква, бидејќи им помага на веќе болните луѓе — не е превентивна. Може да биде успешна до 85 проценти,“ рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија ќе се вклучи во проектот веднаш штом Русија го дозволи тоа:
„Ќе подготвиме целосна инфраструктура за да бидеме спремни за два до три месеци. Не можеме уште да ја произведуваме, но ќе направиме сè за да бидеме подготвени.“
Вучиќ нагласи дека во Србија има повеќе случаи на малигни заболувања отколку во другите земји, што, според него, е поврзано со последиците од бомбардирањето во 1999 година.
Свет
Ројтерс: Зеленски ќе му презентира на Трамп план за користење на ракетите „Томахавк“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски подготвува презентација за Доналд Трамп во која ќе објасни како Украина би ги користела крстосувачките ракети „Томахавк“ доколку САД одобрат нивна испорака, објави Ројтерс повикувајќи се на висок извор.
Според агенцијата, Киев смета дека овие ракети со домет од над 1.600 километри би можеле да го променат текот на војната, овозможувајќи напади врз цели длабоко во Русија, вклучувајќи енергетски постројки и воени бази.
Сепак, не е извесно дали Трамп ќе ја прифати украинската аргументација. Тој вчера изјави дека на САД им се потребни сопствените залихи на „Томахавк“ и изрази загриженост поради нивното исцрпување.
Свет
Орбан и Путин разговарале за можниот самит со Трамп во Будимпешта

Унгарскиот премиер Виктор Орбан телефонски разговарал со рускиот претседател Владимир Путин за планираниот состанок меѓу Путин и американскиот претседател Доналд Трамп во Будимпешта, соопшти Кремљ. Според соопштението, иницијативата за разговорот дошла од унгарската страна.
„Орбан ја изрази подготвеноста да помогне во организирањето на можниот руско-американски самит во Будимпешта“, се наведува во соопштението на Кремљ.
Путин го информирал Орбан за неговиот неодамнешен телефонски разговор со Трамп и изјавил дека планираниот состанок ќе го искористи за дискусија околу „алгоритамот на понатамошни чекори“ со цел пронаоѓање начин за завршување на војната во Украина.
По разговорот, Орбан на социјалните мрежи напиша дека „подготовките се во полн ек“, очигледно алудирајќи на можниот самит во унгарската престолнина.
Трамп и Путин разговарале вчера, првпат по речиси два месеца. Американскиот претседател потоа најави дека планира состанок со рускиот лидер во Будимпешта — што би билa првa неговa посетa на главен град на земја членка на ЕУ од почетокот на инвазијата врз Украина.
Трамп изјави дека Путин не ја поддржува идејата САД да ѝ испорачаат на Украина ракети „Томахaвк“ и додаде дека „можеби сега не е совршен момент“ за воведување дополнителни санкции насочени кон руските енергетски приходи.