Македонија
СДСМ поднесе 160 амандмани за ребалансот на буџетот

Овој ребаланс е фискално нереален, социјално штетен и без развојна компонента, изјави пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, на денешната собраниска расправа за ребалансот на Буџетот.
Таа најави дека СДСМ поднесува 160 амандмани со кои се бара поддршка за итна корекција на, како што рече, штетните политики на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН.
„Со овој ребаланс нема пари за повредените и семејствата на настраданите во Кочани, нема пари за повисоки плати, нема нови мерки за заштита на стандардот. Владата крати од граѓаните, за да си го зголеми луксузот“, рече Лукаревска.
Таа кажа дека клучни амандмани што СДСМ ги предлага:
-934 милиони денари за поддршка за семејствата на загинатите и повредените во Кочани
-60 милиони денари за реновирање на болницата во Кочани, 20 милиони за нова медицинска опрема
-Медицинска опрема, магнетни резонанци, дефибрилатори, вентилатори, боци со кислород и инсулин
-10% зголемување на платите на наставниците во основното и средното образование
-Бесплатен превоз за ученици од рурални средини
-Зголемени стипендии и поддршка за студенти од социјално ранливи семејства
-Повеќе пари во инфраструктура: за нови училишта, патишта, канализации, здравствени установи, градинки, домови за стари лица, повеќе пари за Сојузот на борци.
„Ова се реални и одговорни предлози. За нив има пари – ако се скрати расипничкото трошење на Владата. Наместо папаја, манго и приватни авиони за функционерите, време е парите да одат кај народот“, нагласи Лукаревска.
СДСМ апелира до сите пратеници, без оглед на политичката припадност, да ги поддржат овие амандмани.
„Ова не е момент за партиска калкулација, туку за солидарност, одговорност и праведност. Македонија заслужува повеќе!“, порача Лукаревска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во пожарот во „Винчини“ повредени се пожарникари, доброволци и вработени во фабриката

Медицинска помош во текот на синоќешниот пожар во фабриката Макпрогрес-Винчини побарале 16 лица, изјави градоначалникот на Општина Виница, Миле Петков. Тој посочува дека овие информации ги има добиени од ЈЗУ Здравствен дом Виница, а повредени се пожарникари, доброволци и вработени во фабриката.
-Според информациите од Здравствен дом Виница помош побарале 16 лица, дел од повредените се пренесени во Здравствен дом во Кочани, додека оние коишто имаат вдишано чад се пренесени во Клинички центар во Скопје. Здравствената состојба им е добра, вели Петков.
Посочува дека пожарот во магацините на фарбиката Макпрогрес е локализиран, а опожарени се три погони и магацин на површина од околу 5.000 метри квадратни.
Градоначалникот на Општина Виница Петков вели дека во гаснењето на пожарот учествуваа пожарникари и доброволци од Виница, Кочани, Штип, Македонска Каменица, Кавадарци, Струмица, Делчево, Пробиштип, Свети Николе, Радовиш и од Велес.
Македонија
Подметнат е големиот пожар кој избувна кај селото Косово Дабје близу планината Голак

Пожарот кој синоќа околу 23 часот избувна кај селото Косово Дабје во Општина Делчево, е целосно изгаснат и ставен под контрола, информираше утринава градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски.
Во гаснењето на пожарот беа вклучени повеќе луѓе, меѓу кои и Територијалните противпожарни единици од Делчево и Македонска Каменица, Шумското стопанство, Гранична полиција, МВР и други.
Според еден од пожарникарите кој учествуваше во гаснењето на огнената стихија, делчевчани особено треба да бидат горди, бидејќи голем број граѓани-доброволци се вклучиле во гаснењето на пожарот, заедно со институциите кои биле на терен.
-Од оваа вечер треба да бидеме особено горди како делчевчани. Јас, како вработен во Единицата со факултетско образование од областа на безбедноста, од правилната реакција констатиравме со мојот колега Сашо Мановски и полицијата дека пожарот е подметнат на две одделни места. Јавно сакам да им се заблагодарам на сите учесници во гаснењето на пожарот во Косово-Дабје, на огромната пожртвуваност и борбата на сите институции, како и на големиот број доброволци, меѓу кои и ендуро-тимот од нашиот град, младите луѓе, Шумското стопанство, полицијата, ТППЕ Делчево, ТППЕ Македонска Каменица, Делчево365.мк, и другите општествено одговорни фирми, кои спречија голема катастрофа за нашиот град. Постоеше голема опасност да изгори нашата прекрасна планина Голак. Секоја чест за сите борци, истакна Јонче Атанасовски, пожарникар кој учествуваше во гаснењето на пожарот.
Пожарот кај Косово Дабје избувна непосредно по завршувањето на концертот што исто така синоќа во Делчево се одржа на летната сцена, како дел од одбележувањето на Денот на ослободувањето на Делчево, 7 септември.
Македонија
Пожарот во фабриката „Винчини“ е под контрола, пожарникарите со часови се бореле со огнот

Ставен е под целосна пожарот што изби вчера во фабриката за кандирани производи и вафли „Макпрогрес“ во Виница позната по производите од брендот „Винчини“, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување(ДЗС), Стојанче Ангелов. При неколкучасовна интервенција на многубројните противпожарни екипи, неколкумина пожарникари добиле изгореници на стапалата откако се заглавиле во смола од стопен шеќер во еден од погоните.
„При обидот да ги одглават стопалата чизмите им останале во стопениот шеќер и згаснале во стопената смеса“, рече Ангелов.
Пожарот направи голема штетата на фирмата „Макпрогрес Винчини“, која е и најголемиот стопански објект во оваа општина. Пожарот избувна во 18:40 часот и во магацините и во производствените погони 6, 7 и 8 на фабриката, од кои два магацини. Сите имале сончеви панели на кровот.
На терен веднаш излегоа екипите на Противпожарната единица на Виница со неколку противпожарни возила и пожарникари, а помогнаа и противпожарните служби од Кочани, Македонска Каменица и Штип, Пробиштип, Струмица, Кавадарци и Велес, кажа Ангелов. Огнот се прошири вдолж фабриката, а жители на Виница со куќи во близина на огнот стравуваада не се прошири и кон нив.
Основана е пред 35 години, „Макпрогрес Винчини“ е еден од водечките производители во кондиторско-пекарската индустрија во Македонија, 75% од производството е наменето за извоз, а производите се извезуваат во 45 држави.