Свет
(Видео) „Како несмасен дедо кој флертува“: коментарот на Трамп до новинарка предизвика хаос на социјалните мрежи
Доналд Трамп предизвика бран критики на социјалните мрежи кога ја нарече новинарката прекрасна за време на настан во Белата куќа – и покрај советот од неговата портпаролка да не го прави тоа.
Непријатниот момент се случи во петокот, 27 јуни, за време на потпишувањето на мировниот договор меѓу Демократска Република Конго и Руанда, кој се одржа во Белата куќа. На церемонијата присуствуваа министрите за надворешни работи на двете земји – Тереза Кајквамба Вагнер од Конго и Оливие Ндухунгирехе од Руанда – како и Џеј Ди Венс и Марко Рубио.
Во еден момент, новинарката Харијана Верас, дописник од Ангола, се појави на говорницата пофалувајќи го американскиот претседател за неговата улога во мировниот процес и изразувајќи надеж за траен мир.
Трамп потоа одговори со коментар што предизвика мешани реакции: „Тоа е толку убаво кажано. Каролина (портпаролката на Каролина Ливит) ми рече, првото нешто што го кажа беше: „Немој да го кажуваш тоа, политички е некоректно… Но, таа рече дека си убава. И ти си навистина убава!“
„Знам дека не треба да го кажувам тоа, знаете? Можеби е крај на мојата политичка кариера, но сепак ќе го кажам. Прекрасна си – и однатре и однадвор. Би сакал да имам повеќе новинари како тебе“, додаде тој. Верас му се заблагодари, а тонот на Трамп беше, според очевидци, хумористичен и лежерен.
Сепак, реакцијата на интернет не беше блага.
Корисниците на „Редит“ го нарекоа однесувањето на Трамп морничаво и несоодветно. Еден корисник напиша: „Трамп ја нарекува новинарката ‘прекрасна’ на средина од интервју… Навистина морничаво однесување“. Друг коментира: „Како несмасен дедо што флертува со келнерка (а не остава бакшиш)“.
Од друга страна, неговите поддржувачи тврдат дека тоа бил безопасен комплимент, но критичарите предупредуваат дека ваквите изјави испраќаат порака за несоодветни стандарди на однесување кон новинарките и жените воопшто.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кралот Чарлс му ги одзема титулите на принц Ендру и го сели од кралската резиденција
Британскиот крал Чарлс официјално покрена постапка за одземање на сите титули и почести на принцот Ендру, како и негово селење од резиденцијата „Ројал лоџ“, јави Си-Ен-Ен.
Одлуката уследи по нови реакции во јавноста поради поврзаноста на Ендру со осудениот сексуален преступник Џефри Епштајн и објавувањето на мемоарите на Џуфре, која го обвини принцот за сексуално злоставување додека била тинејџерка, обвинение што тој го негира.
Во соопштение на Бакингемската палата се наведува дека „Неговото Височество денес започна формална постапка за одземање на стилот, титулите и почестите на принц Ендру“ и дека тој отсега ќе биде познат како Ендру Маунтбатен Виндзор.
Палатата потврди дека Ендру ќе мора да се исели од резиденцијаа и да се пресели во приватен престој, додека неговите ќерки, принцезите Евгенија и Беатрис, ги задржуваат своите титули.
Во изјавата се нагласува дека „кралското семејство останува со мислите и најдлабокото сочувство со жртвите и преживеаните на сите облици на злоупотреба“.
Јавноста со остри реакции го коментира случајот, особено по откритијата дека Ендру за резиденцијата платил симболичен износ и плаќал минимална кирија, иако од 2019 година не е активен член на кралското семејство.
Свет
Саграда Фамилија официјално стана највисока црква во светот
Познатата барселонска базилика Саграда Фамилија од денес е и официјално највисоката црква во светот, откако беше поставен новиот дел од централната кула, пренесе „Гардијан“.
Делото на Антонио Гауди сега се издига на 162,91 метар, со што ја надмина катедралата во германскиот Улм, висока 161,53 метра. Во следните месеци се очекува кулата на Исус Христос да ја достигне својата крајна висина од 172 метра.
Темелите на базиликата се поставени во 1882 година, а Гауди починал пред да го види проектот завршен.
Последните децении работите се забрзани благодарение на милионите туристи што ја посетуваат црквата; минатата година ја разгледале 4,9 милиони луѓе, а приходите од билетите целосно се користат за финансирање на изградбата.
Комплетното завршување на Саграда Фамилија се очекува околу 2035 година, а 2026 ќе се одбележи 100-годишнината од смртта на Гауди со низа културни настани.
Свет
Трамп го ограничи бројот на бегалци во САД на 7.500 за наредната година
Американскиот претседател Доналд Трамп го постави годишниот лимит за прием на бегалци на 7.500 лица за фискалната 2026 година, што претставува најниско ниво досега.
Одлуката е дел од поширока промена на политиката кон бегалците, при што Трамп најави дека приоритет ќе имаат Јужноафриканци од белата етничка заедница Африканери, тврдејќи дека се соочуваат со расен прогон — тврдење што властите во Јужна Африка го негираа.
Трамп претходно го паузираше приемот на бегалци, наведувајќи дека ќе продолжи само ако тоа е „во најдобар интерес на САД“. До септември годинава, во земјата пристигнале само 138 Јужноафриканци.
Во документот објавен денес, Белата куќа најави дека ќе се разгледува прием и на други жртви на „незаконска или неправедна дискриминација“, а интерен владин извештај сугерира дека приоритет би можел да се даде и на Европејци кои биле мета поради ставови против масовна миграција или поддршка на популистички партии.
Покрај тоа, администрацијата најави дека надзорот над програмите за бегалци ќе се префрли од Стејт департментот на Министерството за здравство и социјални услуги.

