Македонија
СДСМ: Повлекувањето на обвинението против Димитриевски е срам за правдата
Скандалозен е потегот на Основното јавно обвинителство Куманово, кое, само неколку дена пред завршните зборови во судска постапка, го повлекло обвинението против градоначалникот Максим Димитриевски без никакво објаснување, реагира СДСМ.
„Ова е скандал без преседан, класичен пример за партизирано судство и селективност“, изјави Соња Тодоровска, секретар на Општинската организација на СДСМ Куманово.
Според неа, станува збор за случај што бил воден повеќе од една година и се однесувал на злоупотреба на службена положба и нанесена штета од над 3 милиони денари, поврзано со издавање дозвола за градба. Од СДСМ обвинуваат дека обвинителството, без нови докази или промена на фактите, одлучило едноставно да се откаже од случајот.
„По чиј налог? Кој притискал, договарал и овозможил оваа фарса?“, праша Тодоровска, повикувајќи на итна истрага за одлуката и за мотивите зад неа.
СДСМ тврди дека ова е јасен показател за постоење на политички влијанија врз правосудниот систем, со цел прикривање на одговорност и заштита на поединци блиски до власта.
„Ова е срам пред правдата, направен во Куманово и уште еден доказ дека судството е под капата на ВМРО-ДПМНЕ и нивните сателити“, рече Тодоровска.
Партијата предупредува дека без независно обвинителство и непристрасно судство, нема ни правна држава, ниту доверба во институциите, нагласувајќи дека граѓаните заслужуваат вистинска правда, а не селективност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши: Ромскиот јазик е дел од културниот мозаик што го збогатува нашиот општествен идентитет
Ромскиот јазик е дел од културниот мозаик што го збогатува нашиот општествен идентитет. Затоа, заштитата и развојот на Ромскиот јазик значи заштита на меморијата, достоинството и динамиката на една заедница која дала многу на нашето општество, рече претседателот на Собранието, Африм Гаши, на владината седница посветена на Светскиот ден на Ромскиот јазик.
Тој додаде дека ссвен институционалната одговорност, имаме и морална одговорност да гарантираме ова наследство да не остане само симбол на календарот, туку да се претвори во секојдневна реалност на еднакво учество во јавниот живот.
„Како Собрание, остануваме посветени на гарантирање на заштитата и унапредувањето на правата на Ромската заедница, преку зајакнување на инклузивните политики во образованието, културата и граѓанското учество. Иако актуелно немаме пратеник од Ромската заедница, сакам повторно да нагласам, со целосно убедување, дека секогаш ќе бидам еден одговорен и посветен глас за заштита на правата и аспирациите на оваа заедница. Додека сум тука во оваа владина сала, сакам да го охрабрам владиниот кабинет заедно да преземеме конкретни чекори за поддршка на Ромската заедница и за зачувување и развој на нејзиниот јазик. Разновидноста не е поделба, туку извор на сила, и наша должност е да го претвориме овој ден во повик за единство, меѓусебно почитување и конкретни дејствија“, рече Гаши.
Македонија
(Видео) Филипче: ВМРО-ДПМНЕ успеа за една ипол година да нѐ стави во групата со Косово, БиХ, Молдавија и со Украина
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на денешната прес-конференција порача дека Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија е сериозен аларм за иднината и перспективата на државата, нагласувајќи дека е најлошиот извештај којшто Македонија го добила во изминатите десетина години.
„Објавувањето на Извештајот за напредокот со оцена дека Македонија не постигнала напредок на европскиот пат, ни испрати јасна порака каде се движи земјава изминатите година и пол под власт на ВМРО-ДПМНЕ. Овој Извештај е практично најлошиот извештај којшто сме го добиле изминатите десетина години и сериозно го вклучува алармот за иднината и перспективата на државата“, рече Филипче.
Лидерот на СДСМ посочи дека извештајот го потврдува застојот и назадувањето на земјата во процесот на европските интеграции и дека потребни се итни чекори за враќање на државата на европскиот пат.
„Се случи тоа што предупредувавме, ВМРО-ДПМНЕ успеа за една ипол година да не стави во групата со Косово, со Босна и Херцеговина, со Молдавија, со Украина, со земји коишто последни го почнаа патот на евроинтеграциите”, изјави Филипче.
Македонија
Бојан Бојкоски нов претседател на Советот на Општина Битола
На денешната конститутивна седница беше усвоен новиот состав на Советот на Општина Битола. На седницата присуствуваше и градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.
Со седницата претседаваше највозрасниот член на Советот, Јагода Талевска од движењето ЗНАМ. На конститутивната седница присуствуваа и гости од збратимената општина Стари Град – Белград, Република Србија.
Во своето обраќање пред новиот советнички состав, градоначалникот Тони Коњановски упати порака за заедништво и посветеност кон развојот на општината.
„Очекувам соработка и взаемно почитување меѓу Советот и градоначалникот, насочени кон заеднички цели – развој, реализација на проекти и конкретни резултати за доброто на Битола. Затоа, ги повикувам сите советници на конструктивен дијалог“, истакна градоначалникот Коњановски. Во знак на почит, присутните одржаа едноминутно молчење за прерано починатиот советник Зоран Петковски.
За нов претседател на Советот на Општина Битола беше избран советникот Бојан Бојкоски од ВМРО-ДПМНЕ, за кого гласаа 18 советници, 11 беа против, а двајца воздржани.
„Дискусијата во Советот мора да се подигне на повисоко ниво. Нема да дозволам навреди и лични пресметки. Кога има волја, има и резултати. Ќе успееме, само ако сме обединети“, порача Бојкоски.

