Македонија
15-милионитиот патник на „Визер“ во Македонија доби ваучер за лет по избор

ТАВ Македонија и Визер, на дојдовниот лет од Дортмунд, заеднички го пречекаа 15 милионитиот патник на оваа нискобуџетна авиокомпанија во земјава, од нивниот влез на пазарот во 2011 година досега.
Во знак на благодарност за лојалноста на патничката, ТАВ Македонија и подари патнички реквизити, а Визер и додели вредносен ваучер за авиобилети за дестинација која таа самата ќе ја избере.
„Во годината кога ја одбележуваме нашата 15 годишнина на пазарот, денеска го наградивме 15-милионитиот патник на Виз ер и со тоа ја прославивме нашата 14 годишна плодна партнерска соработка со овој авиопревозник, кој лета до вкупно 30 дестинации и 12 земји од Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид. Заедно со нив и со Владата, продолжуваме заеднички да работиме на проширување на мрежата на авиолинии од двата македонски аеродроми, правејќи ја Европа и светот поблиски како за македонските граѓани, така и за граѓаните од околните земји”, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, која е членка на француската групација АДП (Aeroports de Paris), партнерството со нискобуџетната унгарска авиокомпанија, Виз ер, го почна во јуни 2011 година, со првиот лет од Меѓународниот Аеродром Скопје до аеродромот Лутон-Лондон.
Во јули 2015 година, Виз ер почна со летови и од охридскиот аеродром, со летот од Охрид кон Базел.
Виз ер денес има база од пет авиони на Меѓународниот Аеродром Скопје и опслужува 30 дестинации до 12 земји до и од нашата земја, со пазарен удел од над 46%, со што е најголемиот авиопревозник на македонскиот пазар.
„Достигнувањето на 15 милиони патници во Северна Македонија е извонреден успех и доказ за нашата силна врска со ТАВ Македонија и нашите патници тука. Како лидери на пазарот, нудејќи летови до 30 дестинации од оваа земја, горди сме што играме клучна улога во поддршката на економскиот раст, како и во отворањето врати за деловни можности и охрабрувањето на посетителите да ја истражат богатата култура и прекрасните пејзажи на Северна Македонија. Возбудени сме што денес го прославуваме овој пресврт со среќниот патник и остануваме посветени на обезбедување ниски цени, сигурна услуга и повозбудливи можности за патување за сите во оваа земја.“ – изјави Андраш Радо, раководител за комуникации во Виз Ер.
Во 2024 година Визер превезе 1,8 милиони патници преку двата македонски аеродрома, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, а според бројот на патници, најфрекфентни рути на Виз ер се авиолиниите од Скопје до Милуз, Дортмунд, Мемингем и Берлин.
ТАВ Македонија и Виз ер и натаму продолжуваат партнерски да работат, со развивање на мрежата на авиолинии од скопскиот и охридскиот аеродром, зголемување на бројот и понудата на дестинации според барањата на патниците, со цел поголема достапност кон Европа и светот за македонските граѓани, како и за граѓаните на соседните држави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Летни температури во септември, Скопје до 35 степени

Граѓаните на Македонија денеска ќе уживаат во сончево и топло време со слаба до умерена облачност, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Очекуваната максимална температура во земјата ќе достигне од 28 до дури 36 степени, додека утринските минимални ќе се движат меѓу 7 и 18 степени.
Ќе дува слаб до умерен ветер, а долж Повардарието повремено засилен од северен правец.
Во Скопје времето ќе биде претежно сончево и топло, со слаб до умерен северен ветер, кој во делови од котлината ќе биде повремено засилен. Температурите ќе се движат од минимални 15 до максимални 35 степени.
Според најавите на УХМР, во наредните денови под влијание на висок воздушен притисок ќе преовладува стабилно, претежно сончево и топло време со мала до умерена облачност.
Македонија
ЗНАМ: Максим Димитриевски кандидат за градоначалник за Општина Куманово, Мирослав Лабудовиќ за Општина Центар

Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија одржа прес-конференција на која беа соопштени одлуките на Извршиот и на Централниот одбор во врска со претстојните локални избори.
„Зад нас се месеци исполнети со динамична работа на терен. Успешно ги реализиравме двете кампањи низ целата држава, преку кои илјадници граѓани ни ја доверија својата визија за подобар живот во своите општини. Наша обврска и задача е таа визија да ја претвориме во конкретни програми и проекти за претстојните локални избори“, рече портпаролот на Движењето, Никола Мемов.
„На вечерашната седница на Извршниот одбор, а потоа и на Централниот одбор, беа донесени значајни одлуки во врска со претстојните локални избори и тоа:
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија ќе настапи самостојно на претстојните локални избори со свои листи за советници во повеќе од 50
општини. Централниот одбор ја усвои одлуката за взаемна соработка и поддршка со ВМРО-ДПМНЕ во делот на кандидатите за градоначалници.
Оваа одлука значи дека ВМРО ДПМНЕ ќе ги поддржи кандидатите на ЗНАМ и во тие опшптини нема да имаат свој кандидат за градоначалник, а од дргуа страна Движењето ЗНАМ ќе ги поддржи кандидатите за градоначалници на ВМРО ДПМНЕ во сите општини, вклучувајќи го и градот Скопје, каде што
ЗНАМ нема да има свој кандидат за градоначалник.
За кандидат за градоначалник на Општина Куманово едногласно е избран: Максим Димитриевски, актуелен градоначалник на општина Куманово.
За кандидат за градоначалник на Општина Центар едногласно е избран: Мирослав Лабудовиќ претседател на Градската организација Скопје на Движењето ЗНАМ и актуелен Заменик-министер за енергетика, рударство и минерални суровини“.
Тој нагласи дека на овие локални избори, Движењето ЗНАМ нуди кандидати со искуство и докажани резултати, стручни луѓе со интегритет и визија.
„Нашите кандидати не се само имиња на изборен плакат – тие се личности кои имаат пред се чист образ, јасен план и визија да донесат вистински промени во своите општини, достојни на довербата што ќе ја добијат.
Ние веќе докажавме преку нашето учество во Владата дека знаеме да раководиме со институции на независен и ефикасен начин, со еден и единствен приоритет – интересот на граѓаните и националните интереси на Македонија.
Нашите советници и градоначалници ќе се погрижат секоја општина да стане подобро место за живеење – со современа инфраструктура, квалитетно образование, силна социјална заштита, поддршка за културата и спортот и нова енергија за локалниот развој.
Запрашан зошто ЗНАМ настапува со двајца кандидати и дали се задоволни со бројот на општините каде што ќе имаат кандидати за градоначалник, Мемов одговори: „Во медиумите се креира наратив околу бројот на кандидати за градоначалници. Движењето ЗНАМ многу внимателно го гради својот равој и довербата кон граѓаните. На овие локални избори пристапуваме многу релаксирано, ослободени од било каков притисок за кандидирање на градоначалници во голем број на општини, по секоја цена. Засега утврдивме кандидати за градоначалници во најголемата општина во Македонија, тоа е Куманово и во најзначајната општина во Скопје, тоа е општината Центар.
Процесот на аналитика и проверка за други општини сеуште е отворен и не ја исклучуваме можноста ЗНАМ да има кандидати за градоначаници и во други општини.
Од друга страна, Движењето ЗНАМ ќе настапи со многу сериозни кандидатски листи за советите во над 50 општини во Македонија“.
Македонија
Шукова: „Граѓаните не бараат чуда, туку јавен превоз што функционира“

Кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, денеска предупреди дека јавниот превоз во главниот град се наоѓа во состојба на целосен колапс, со што секојдневно се соочуваат десетици илјади граѓани, ова Шукова го разговараше со претставници на приватните превозници.
„Граѓаните се оставени без автобуски линии, особено во делови од градот како Маџари, Ново Лисиче, Сарај и Аеродром. Линиите се ретки, пренатрупани или воопшто ги нема, особено во ударните термини“, изјави Шукова.
На средбата се разговараше за најитните проблеми и можни краткорочни решенија за стабилизирање на јавниот превоз.
Во таа насока, Шукова истакна дека од Советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје ќе побара да поднесе иницијатива за итна вонредна седница.
„Целта е јасна – да предложиме конкретни и законски можни мерки, кои нема да значат враќање на хаосот, туку враќање на функционален јавен превоз“, нагласи таа.
Во фокусот на иницијативата ќе бидат:Изменет возен ред со засилени критични линии; Редовно сервисирање на долговите кон приватните превозници од страна на ЈСП;
Засилена обврска на приватните превозници за покривање на најоптоварените линии во клучните периоди од денот.
Покрај краткорочните мерки, Шукова повика и на системски пристап:
„Нам ни треба јасен и отчетен план за стабилен јавен превоз. Тоа значи субвенции за набавка на нови, еколошки автобуси, поголема поддршка за превозот на ученици и студенти, решавање на недостигот од возачи, и нов модел на соработка со стручните училишта за обучување на автомеханичари“ истакна Шукова.
Шукова предупреди дека ако не се преземат итни мерки, ЈСП до крајот на 2025 ќе остане со едвај 60 функционални автобуси, што ќе значи крах на јавниот превоз во градот.
„Граѓаните не бараат чуда бараат јавен превоз што функционира. Јас и СДСМ тоа ќе го обезбедиме“, заклучи таа.