Македонија
Ковачев: За темите за идентитетот и за јазикот нема место во извештајот, се отвора Пандорината кутија
Трите најголеми политички групи во Европскиот парламент го поддржаа предлогот да се отстранат термините „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од извештајот за Северна Македонија, потврдува бугарскиот европратеник, Андреј Ковачев по пишувањата на бугарските медиуми.
Тој рече дека на барање на групата на Европската народна партија (ЕНП), трите најголеми политички сили во Европскиот парламент – ЕНП, Социјалдемократите (С&Д) и Обнови ја Европа (Либералите) – синоќа се согласиле да ги отстранат сите референци на „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од нацрт-извештајот за напредокот на Северна Македонија.
Очекувањата се дека на пленарната седница следната недела мнозинството во Европскиот парламент ќе го поддржи овој амандман.
Ковачев истакна дека за темите за идентитетот и јазикот нема место во извештај за напредокот на земја-кандидат за членство во Европската Унија, бидејќи тие само водат кон поделби и отворање на „Пандорината кутија“.
Тој додаде дека целта на власта во Скопје е, пред локалните избори, да прикажат некаква „неверојатна триумфална победа“ над „источниот сосед“.
Ковачев рече дека Република Северна Македонија треба да го почитува потпишаниот договор со Бугарија и да ја деблокира работата на историската комисија, бидејќи тоа е местото каде треба да се дискутира за заедничката историја, како што е утврдено во договорот.
Тој изрази благодарност до сите колеги од сите политички групи во Европскиот парламент, особено до бугарските, за единствената позиција по ова прашање.
Премиерот Христијан Мицкоски, претходно денес го опиша бришењето на термините „македонски јазик“ и „македонски идентитет“, подеднакво лошо како и обидите да се стави придавката „модерен“ пред јазикот и идентитетот.
Рече и дека уште еднаш се покажало и се докажало на јавната сцена оти не се работи за само неколку стотини Бугари во Уставот, туку е многу, многу подлабоко. Тој побара да се извинат сите што досега убедуваа дека ако само се смени Уставот, нема да имаме проблеми.
Мицкоски рече и дека бришењето на македонскиот јазик и на идентитетот од извештајот е направено на талибански начин.
Извештајот треба да се гласа на пленарната седница на Европскиот парламент на 8 јули, а бугарските европратеници очекуваат поддршка од мнозинството за овој амандман.
Владата во мај годинава како голема победа на македонската дипломатија го претстави спомнувањето на македонскиот јазик и на идентитетот на четири места во извештајот за напредокот на земјата. Уште една победа нашата Влада прогласи кога нацрт-извештајот помина на комисија без измени и покрај барањето на бугарските европратеници пред македонскиот идентитет и пред јазикот да стои зборот „сегашен“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Доделени ЕУ наградите за истражувачко новинарство
Церемонијата за доделување на Наградите на Европската Унија за истражувачко новинарство 2025 се одржа денеска во Скопје на која беа наградени најдобрите стории објавени во Македонија во 2024 година. Престижната награда поддржана од Европската Унија ги препознава најдобрите истражувачки стории објавени во претходната година во земјите од Западен Балкан и во Турција, а координатор за Македонија е Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.
Церемонијата ја отвори амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас, кој ја истакна посветеноста на Европската Унија во поддршката на независното новинарство и слободата на медиумите во регионот.
Жири-комисијата која одлучуваше за нградите ја сочинуваа Валентин Нешовски, Соња Колевска-Делевска и Огњен Зориќ.
Победниците на кои сертификатите им ги доделија амбасадорот Рокас и претседателот на жири-комисијата Нешовски беа прогласени во следниот редослед:
3. место:
Срѓан Стојанчов и Снежана Лупевска Созен за сторијата „Досие Крмзов – Епски криминал или обид да му се одземе бизнисот“ од емисијата КОД, ТВ Телма која истражува финансиски криминал со мрежа на фирми кои испумпувале пари од државниот буџет.
2. место:
Сашка Цветковска, Бојан Стојановски, Александра Денковска, Трифун Ситниковски, Александар Јанев и Давид Илиевски (Истражувачка репортерска лабораторија) за сторијата „Украдени животи“ која ја открива шемата за крадење идентитети со цел подигање брзи кредити на туѓо име.
1. место:
Александар Димитриевски и Михаил Милошевски за сторијата „По трагите на Јулија“, која го истражува скандалот со „лажната“ диплома за англиски јазик на шефот на тајната полиција.
По доделувањето на наградите победниците имаа можност да одржат краток говор:
„Владеењето на правото е израз кој кај нас лесно се заборава. Се надевам дека сите стории, независно од нивниот епилог, дека оставаат порака кај сите што допрела, дека владеењето на правото не е само израз…“, рече Александар Димитриевски од 360 степени.
„Сакам да се заблагодарам на жирито, второ на сите колеги кои работеа, а не се тука на сцената и трето за овој случај има 43 обвинети, сега случајот е во истрага, но за жал сите измамени граѓани се уште се должници во кредитно биро оти судството се уште не си ја завршило работата. Се надевам дека работат побрзо за да ги заштитат своите граѓани во иднина“, рече Александра Денковска од ИРЛ по примањето на втората награда.
„2024 беше прилично добра година од аспект на истражувачко новинарство, може да ми текне барем на 7-8 стории кои беа одлични. Навистина сум почестен што сме во тоа друштво. Истражувањата за финансиски криминал немаат многу простор во дневното новинарство и затоа драго ми е што имав време да го сработам тоа“, рече Срѓан Стојанчов од тимот на КОД.
Македонија
Сиљановска-Давкова прифати да биде покровителка на 60. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ја прими Ана Стојаноска, уметничка директорка на МТФ „Војдан Чернодрински“, театролог, писателка и редовна професорка на Драмскиот факултет во Скопје.
Директорката детално ја запозна со програмата на 60. јубилејно издание на фестивалот којшто ќе се одржи во јуни следната година под провокативното мото „Храбриот нов театар“.
„Импресионирана од иновативноста на програмската содржина, претседателката со задоволство прифати да биде покровителка на фестивалот. Соговорничките споделија мислења за македонската драматургија, местото и улогата на славните глумци во неа, но и хроничните проблеми со коишто се соочуваат театрите, вклучувајќи ги и најтешките: просторните и финансиските. Сепак, недвосмислено заклучија дека театарот мора да остане жив и витален, обидувајќи се да привлече нова публика меѓу децата и младите, воден од чесната намера да ја поттикне кај нив љубовта кон уметноста. Претседателката смета дека знаењето, професионалноста, храброста и ентузијазмот на директорката и нејзиниот тим гарантираат незаборавен фестивал којшто заслужува институционална и финансиска поддршка“, соопштија од претседателскиот кабинет.
Македонија
Гаши на средба со ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денес одржа работен состанок со ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопјe, проф. Беким Фетаји, како и со претседателот на Синдикатот на Универзитетот, проф. Авни Авдиу.
За време на средбата, соговорниците разговараа за можностите за зајакнување на соработката меѓу Собранието и академските институции, со посебен фокус на подобрување на квалитетот на образованието и потребата од одржливи реформи во оваа област.
Беа разменети мислења за конкретни чекори што можат да се преземат за подобрување на условите за академскиот кадар и студентите, како и за зголемување на ефикасноста и транспарентноста на образовниот систем.
Ректорот го информираше претседателот за развојните проекти и планови на Универзитетот, додека претседателот Гаши, од друга страна, изрази целосна подготвеност да ги поддржи овие напори, соопштија од Собранието.
„Гаши високо го пофали придонесот на Универзитетот „Мајка Тереза“ и целиот персонал во развојот на образованието во земјата, охрабрувајќи ги континуираните напори за квалитетно, современо и инклузивно образование“, се наведува во соопштението.

