Македонија
Христоски: Работиме за секој еден граѓанин на Крушево, ние сме симбол на непокорот
Градот Крушево е симбол на непокорот, симбол на визијата и напредокот, симбол на единството истакна денеска на граѓанската трибина „Мугра на слободата“, Томе Христоски, актуелен градоначалник и кандидат за градоначалник на Крушево од Социјалдемократскиот сојуз.
„Со особена чест и голема одговорност денеска ви се обраќам од името на граѓаните на Крушево – градот на храброста, историјата и надежта. Градот симбол на слободата и непокорот. Денес сме тука, не само да зборуваме за политиката, туку да зборуваме за прогресот, визија и иднината што сите заедно ја градиме под знамето на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. СДСМ отсекогаш бил гласот на народот, заедништвото, двигател на реформи и симбол на напредокот. Денес не сме тука заедно без разлика на верска или било каква друга поделеност, само за да одбележиме уште еден момент во политичкиот календар, туку сме тука за да потврдиме дека веруваме во иднина – иднина на развој, правда, еднаквост, слобода и просперитет. Иднина која ја градиме заедно, со дело и посветеност, чекор по чекор, за секоја улица, за секое населено место, за својот град, за својата општина. Тука сме да го потврдиме нашето заедничко уверување – дека Македонија може повеќе, а Крушево уште повеќе. Дека со планско работење, труд и единство – и највисоките цели се достижни“, истакна Христоски.
Градоначалникот нагласи дека Крушево отсекогаш било симбол на борба и достоинство.
„Токму тоа ни дава сила да продолжиме со конкретни чекори кои го подобруваат животот на секој наш сограѓанин. Во времиња на неизвесност, ние нудевме стабилност. Во времиња на неправда, ние се боревме за правда. Во времиња на поделби, ние градевме мостови на соработка и хармонија по примерот на Крушевскиот Манифест, со една цел, за едно поинакво, поубаво и заедничко Крушево во кое сите придонесуваме“, вели Христоски.
Градоначалникот наброја и дел од најважните проекти реализирани од локалната самоуправа.
„Иако имаше забелешки и критики дека фокусот бил повеќе насочен кон населените места, одредени населени места или во некои делови од општината повеќе или помалку се реализирале проекти, верувајте цел изминат период бевме насочени да рамномерно се гради како во градот така и во секое населено место. За мене зборот важи, ако до сега се поврзуваа населените места со патна инфраструктура и се она што беше најнеопходно за живот, Затоа сега јавно и одговорно ветуваме дека следниот период приоритет ќе биде решавање на сите актуелни проблеми на нашите сограѓани во градот, но и во населените места, со конкретни мерки и видливи резултати. Нашата работа продолжува, но овојпат со поголема рамнотежа и интензитет и во градот“, рече Христоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

