Свет
Кина првпат отворено ѝ соопшти на ЕУ: Не сакаме Русија да ја изгуби војната
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји ѝ рекол на шефицата за надворешна политика на Европската Унија, Каја Калас, дека Кина не сака Русија да изгуби во Украина бидејќи се плаши дека САД тогаш „ќе го насочат целото свое внимание кон Пекинг“, објави „Саут Чајна морнинг пост“, дневен весник со седиште во Хонг Конг, кој често се смета за близок до кинеските власти.
Според повеќе извори запознаени со разговорот, Ванг ја дал изјавата за време на состанокот во Брисел во вторникот, на кој биле опфатени низа геополитички и економски прашања.
Според истите извори, Ванг ги отфрлил обвинувањата дека Кина воено или финансиски ја поддржува агресијата на Русија во Украина велејќи: „Доколку го правевме тоа, војната ќе завршеше одамна“.
Некои европски претставници беа изненадени од директноста на кинескиот министер, кој, како што велат, му дал на шефот на европската дипломатија и низа историски лекции и предупредувања засновани на принципите на реалполитиката. Ванг, тврдат тие, нагласил дека Пекинг верува оти Вашингтон – ако ги постигне своите цели во Украина – целосно ќе го пренасочи својот стратешки фокус кон Кина, што би претставувало значаен безбедносен предизвик за Пекинг.
Во Брисел изјавата на Ванг се толкува како потврда на нешто за кое многу европски дипломати долго време се сомневаа дека Пекинг, иако не ја побарал оваа војна, нејзината долготрајна природа му одговара стратешки бидејќи ги поврзува американските ресурси и внимание со Украина.
Кина досега се позиционира како неутрален актер и самопрогласен миротворец во војната во Украина. Редовно тврди дека не е страна во конфликтот, но никогаш не ја осуди руската инвазија и одржува блиски политички и економски врски со Москва.
Европската Унија долго време го обвинува Пекинг дека ја снабдува Русија со стока со двојна намена, обвинение што Кина го негира. Кинеското Министерство за надворешни работи во својата официјална изјава за разговорите со Калас не ги споменува многуте точки на спор. Наместо тоа, нагласува дека Кина и ЕУ немаат фундаментални конфликти на интереси и дека двете страни треба заедно да напредуваат и да придонесуваат за цивилизацијата на човештвото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сенатот ја изблокира резолуцијата што ќе го спречеше Трамп да ја нападне Венецуела
Републиканците во американскиот Сенат ја блокираа резолуцијата што ќе му забранеше на претседателот Доналд Трамп да ја нападне Венецуела без одобрение од Конгресот. Гласањето заврши со резултат 51 спрема 49, најмногу по партиски линии. Само двајца републиканци се приклучија на демократите во поддршката на мерката.
Иницијативата беше предложена поради стравувања дека Трамп би можел да нареди напад врз Венецуела, откако американските сили во последните два месеца извршиле најмалку 16 напади на бродови во Пацификот и на југот од Карибите, при што биле убиени повеќе од 65 лица.
Главни поддржувачи на резолуцијата беа демократските сенатори Тим Кејн и Адам Шиф, како и републиканецот Ренд Пол. Тие предупредија дека администрацијата не понудила јасна стратегија за Латинска Америка и дека правното оправдување на нападите не спомнува директни операции на територијата на Венецуела.
Трамп претходно изјави дека овластил ЦИА да спроведува тајни операции, но потоа негираше дека планира копнени напади. Сепак, САД ја засилија воената присутност со воени бродови, авиони и илјадници војници во регионот.
Државниот секретар Марко Рубио и министерот за одбрана Пит Хегсет го информирале Конгресот дека администрацијата „во моментов не планира војна со Венецуела“, но не обезбедиле детали за целите, трошоците и правното покритие.
Некои правни експерти предупредуваат дека нападите може да претставуваат кршење на меѓународното право и на американските закони.
Свет
Маск може да заработи билион долари ако „Тесла“ ги исполни целите
Акционерите на „Тесла“ одобрија најголем пакет плата во корпоративната историја — речиси 1 билион долари — за извршниот директор Илон Маск. Планот предвидува доделување 12 транши акции ако компанијата ги исполни амбициозните цели во следните 10 години.
Маск би можел да ја зголеми сопственоста во компанијата од 13 на 25 проценти, а првата исплата би следела кога пазарната вредност на „Тесла“ ќе достигне 2 билиони долари. Целосниот пакет би се реализирал ако компанијата достигне 8,5 билиони долари вредност и 400 милијарди долари годишна добивка.
Оваа одлука доаѓа откако судот во Делавер минатата година го поништи претходниот бонус од 2018 година. Дел од инвеститорите изразија загриженост дека договорот му овозможува на Маск огромна добивка дури и без целосно исполнување на деловните цели.
Свет
Перу ја прогласи мексиканската претседателка за непожелна личност
Перуанскиот конгрес ја прогласи мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум за „персона нон-грата“, неколку дена откако Перу ги прекина дипломатските односи со Мексико поради тоа што Мексико ѝ одобри азил на поранешната перуанска премиерка Бетси Чавес.
Чавес, која била премиерка во времето на соборениот претседател Педро Кастиљо, се засолнила во мексиканската амбасада во Лима за да побара азил. Мексико соопшти дека азилот е даден согласно меѓународното право, одбивајќи ги обвинувањата на Перу дека станува збор за „непријателски чин“.
Перу го разгледува правниот основ — „Конвенцијата од Каракас“ од 1954 година — на која се повика Мексико.
Односите меѓу двете земји се затегнати уште од 2022 година, кога Мексико одобри азил на сопругата и децата на Кастиљо.
Бетси Чавес е обвинета за заговор во обидот за распуштање на парламентот и се соочува со казна до 25 години затвор.

