Македонија
Владата размислува да ги даночи немажените и неженетите, рече Мицкоски
																								
												
												
											Владата размислува за дополнителни даноци за немажени и за неженети, соопшти премиерот Христијан Мицкоски говорејќи дека е време за држава во која ќе се раѓаат повеќе деца, младите ќе стапуваат во брак, а отселените ќе се вратат.
Неговото обраќање, посветено на прашањето за падот на наталитетот, стареењето на населението и иселувањето, ја стави во фокусот демографската рецесија, која ја нарече тивка, долготрајна, системска и глобална криза.
Тој нагласи дека ова не е проблем само на Македонија, туку предизвик со кој се соочуваат и држави како Германија, Италија, Бугарија, Јапонија и Јужна Кореја, каде што се раѓаат сѐ помалку деца, населението старее, а младите се сè почесто во потрага по подобар живот надвор од границите.
„И ние не сме исклучок. Но, нашата состојба е посебна. Затоа што додека некои држави ја забележуваат оваа појава како тренд, кај нас таа е аларм“, оцени Мицкоски.
Факти што, според Мицкоски, не смее да се игнорираат:
– Во 2024 година се родија 16.061 дете, а починаа 20.201 лице. Тоа е природен пад од 4.140 луѓе за само една година;
– Во последните 4 години изгубивме повеќе од 33.000 жители – како да исчезна еден град од големина на Кавадарци или Кичево;
– Стапката на наталитет падна од 12,5 проценти во 2010 година на само 8,8 отсто во 2024;
– Во многу општини и села веќе нема ниту прво одделение;
– Сè повеќе луѓе живеат сами. Сè помалку се женат, сè помалку деца се раѓаат.
„Ова не се само бројки. Ова е тишина што се шири“, додаде премиерот.
„Оваа Влада не го премолчува проблемот“
Мицкоски рече дека оваа Влада го именува проблемот, го признава и се бори со него.
„Тоа не е борба со едно министерство. Тоа е борба на сите нас. Борба што се води во градинките, во училиштата, во родилиштата, во домовите, во иселеничките клубови, на граничните премини, каде што се простуваат мајки и синови“.
Се размислува за дополнителни даноци за немажени и за неженети
Главните цели, според Мицкоски, се: да се направи животот овде вреден; мајчинството да биде благослов, а не товар; да им се даде причина на младите да останат; да се изградат институции што ќе ја негуваат младоста; да се изгради држава „во која надежта е поважна од пасошот.
„И тука сериозно размислуваме, рече премиерот, за дополнителни даноци за немажени и за неженети“, додаде тој.
Премиерот порача дека „нема ништо потажно од тоа што денес нашата држава тивко се празни. Но, исто така – нема ништо похрабро од народ што се буди“.
„Време е за држава во која ќе се раѓаат повеќе деца“
„Време е. Време е за држава – каде што ќе се раѓаат повеќе деца, тоа ни е главниот императив, повеќе млади да стапуваат во брак и да се раѓаат повеќе деца, а оние што се отселени да се вратат. Затоа што само така ќе се живее со повеќе срце“.
На крајот го цитира филозофот Едгар Морен: „Демографијата не е судбина – туку огледало. Прашањето е: што ќе видиме во него и дали ќе имаме храброст да дејствуваме“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
																	
																															Македонија
Ќе работиме со транспарентност: Меџити го презеде мандатот како градоначалник на Чаир
														Денес, новоизбраниот градоначалник на општина Чаир, Изет Меџити, и официјално го презеде својот мандат.
Во своето обраќање по повод преземањето на функцијата, Меџити истакна дека ова враќање за него претставува чувство на чест и длабока одговорност кон граѓаните на Чаир кои му укажаа доверба со неспорна изборна победа на последните локални избори.
„Од денес се враќам во моето место, меѓу моите луѓе, со чест, со скромност и со длабока благодарност. Чаир секогаш ме поддржувал, а овој пат ми даде силен мандат, доверба што ќе ја претворам во чесна работа, конкретни резултати и управување што го познава само јавниот интерес,“ истакна Меџити.
Тој додаде дека Чаир е дел од неговиот идентитет, дел од неговата лична историја и јавна мисија, нагласувајќи дека секој успех што ќе следи ќе го носи печатот на граѓаните кои никогаш не се откажаа.
„Пред нас стои ново поглавје. Ќе работиме со јасен план, со транспарентност и со храброст за да направиме големи промени. Имам доверба во луѓето на Чаир, во нивната енергија, талент и љубов кон ова место. Од денес започнува работата за општина Чаир што ја сакаме, од денес започнува нашето време!“, додаде Меџити.
Македонија
Македонија треба да ги спроведе уставните измени, порача Кос
														Презентирајќи ги извештаите за земјите кандидатки за членство во ЕУ, пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, еврокомесарката за проширување Марта Кос накратко спомена дека Северна Македонија е целосно усогласена со Надворешната и безбедносна политика на ЕУ и дека продолжува со работата на деловите поврзани со Кластерот 1.
Северна Македонија мора да ги направи уставните измени за да го продолжи својот пат кон Европската Унија, порача таа.
„Северна Македонија, како што реков, остана целосно усогласена со CFSP (Заедничката надворешна и безбедносна политика) и ја продолжи техничката работа на Патоказите и на Акцискиот план поврзани со Кластерот 1, но земјата не презеде одлучни чекори да напредува во процесот на пристапните преговори во изминатата една година.
Таа мора да ги донесе уставните измени согласно заклучоците на Советот на Европа од 2022 година за да напредува на својот пат кон Европската Унија“, нагласи Кос.
Фото: принтскрин
Македонија
„Вреди“ е втора политичка сила, локалните избори запечатија нова политичка реалност во Македонија, велат од коалицијата
														„Локалните избори запечатија нова политичка реалност во Северна Македонија.
Коалицијата „Вреди“ излегува од овој процес како втора политичка сила на државно ниво, со 10 освоени општини, и како апсолутен победник во албанскиот табор.
Резултатите се јасни, но пораката на граѓаните е уште појасна. Ерата на старата политика е завршена.
На овие избори, граѓаните гласаа за работа, за одговорност и за политика што дава резултати. Тие дадоа поддршка на визијата на „Вреди“ за локален развој и за нов стандард на управување базиран на чесност и ефикасност“, велат од оваа коалиција.
Во Тетово победи, како што велат, интегритетот и визијата на Билал Касами, што го претвори градот во симбол на промени и одговорно управување.
„Во Боговиње, граѓаните му ја дадоа довербата на Фети Абази, архитектот кој со знаење и посветеност ќе ја ревитализира општината.
Во Теарце, по 20 години непроменета власт, дојде долгоочекуваната промена и граѓаните му ја дадоа довербата на Даут Мемиши. Самиот овој факт е извонреден успех. Во Чаир на Изет Меџити, каде што ДУИ се обиде да ја претвори трката во „референдум за опстанок“, чаирчани јасно рекоа Не! Општината не е отскочна даска за спасување на никого.
Додека во Сарај, Арачиново, Желино, Дебар, Струга и Долнени, граѓаните ја запечатија промената, правејќи го ВЛЕН силата што ги обединува општините под заедничка визија за развој и одговорност.
Овој резултат е повеќе од изборна победа, тоа е епохална промена во политичкото претставување на Албанците. По 23 години доминација на политика која беше отсечена од граѓанинот, Албанците избраа нов модел, политика на одговорност“.
Според „Вреди“ овој резултат е почеток на нова етапа, каде што ќе се управува со европски стандарди и со целосно почитување на граѓанинот.
„Вреди“, најавуваат од таму, ќе продолжи да биде гаранција за политичка стабилност и правично застапување на Албанците во институциите.

