Македонија
Град Скопје ја заврши реконструкцијата на улицата Волковска
Град Скопје со Јавното претпријатие Улици и патишта Скопје ја заврши реконструкцијата на ул. Волковска.
Од Градот велат дека реконструкцијата се состоела во две фази, од кои првата фаза на реконструкција на подземната инфраструктура, се изгради нова атмосферска канализација со профил Ф500 по улицата 100 во Волково, со што се реализирало уште едно ветување од програмата. Станува збор за проект со кој се гради нова атмосферска канализација во вкупна должина од 1650 метри, кој го реализираше од скопското јавно претпријатие Водовод и канализација.
„Со овој проект се разрешува долгогодишниот проблем со кои се соочуваа жителите на ова населено место во општина Ѓорче Петров, каде по обилни дождови, доаѓаше до излевање на фекални води и преоптоварување на мрежата. Со изградба на атмосферската канализација се создаваат услови за идно приклучување на останатите линии во овој реон на новата атмосферска мрежа, со што дополнително ќе се подобри функционалноста на канализациониот систем“, информираа од Град Скопје.
Во втората фаза се реконструираше коловозот во вкупна должина од 1700 метри на површина од 13.240 метри квадратни, се поставија нови рабници, се обновија тротоарите за подобрување на пристапот за пешаците и се нивелираа на над 30 шахти. Со реконстукцијата на коловозната површина на оваа сообраќајница се овозможи побезбедно движење на граѓаните кои живеат во овој дел од градот, како и на сите учесници кои во сообраќајот.
Преку инвестициите во комуналната инфраструктура се надминуваат предизвиците со кои граѓаните се соочуваат со години и се овозможува порамномерен развој, со реализација на проекти и во урбаниот и во руралниот дел, особено проекти кои биле неопходно потребни, а не биле реализирани со децении.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пратениците за една година потрошиле 14,3 милиони за патни трошоци, објави Левица
Во држава во која минималната плата едвај достигнува 400 евра, а јавните политики постојано се правдаат со „недостаток на средства“, пратениците само во една година потрошиле 14.369.470 денари за патни трошоци. Станува збор за износ кој јасно ја разоткрива изопачената хиерархија на приоритети – за комфорот на елитата секогаш има пари, но за основните потреби на граѓаните континуирано нема, велат од Левица.
„Со оваа сума би можело да се реконструираат и опремат училишни кабинети, да се набават медицински апарати за регионални болници што со години работат без или со застарена опрема, да се финансираат јавни кујни за илјадници сиромашни семејства во текот на цела зима, да се субвенционираат градинките за коишто градоначалниците на ДПМНЕ ги зголемија надоместоците на товар на граѓаните. Наместо тоа, 14 милиони завршија во систем на патни надоместоци кој одамна не служи за покривање реални трошоци, туку како дополнителен извор на лични приходи“, велат од партијата.
Според Левица, апсурдот станува уште поочигледен ако се направи директна споредба со социјалните политики што државата одбива да ги финансира.
„Истата таа држава не субвенционира меѓуградски превоз за студентите, кои секојдневно патуваат на сопствен трошок за да можат да студираат. Истата таа власт го одби и амандманот на Левица за субвенции за кирии за жени жртви на семејно насилство, оставајќи ги без институционална поддршка во најкритичните моменти од нивниот живот. Но, додека за студентските билети и за безбедниот кров над глава на жртвите на насилство „нема пари“, за пратеничките кирии од по 400 ЕУР месечно и за патните трошоци секогаш има. Има пратеници кои истовремено наплаќаат и кирии и патни трошоци. Има и такви кои поседуваат сопствени станови во Скопје, а сепак земаат патни надоместоци. Буџетот се користи како штит за привилегираните, а како изговор за најранливите. Пари има за удобноста на функционерите, но не и за мобилноста на студентите и за елементарната сигурност на жените жртви на насилство“, велат од Левица.
Од таму додаваат дека Левица останува единствената парламентарна партија чии пратеници не земаат ниту денар за патни трошоци, гориво, патарини, амортизација, ниту пак за кирии.
„Додека владејачката структура предводена од ДПМНЕ и Мицкоски го одржува системот на расипнички бенефиции, граѓаните со минимална плата од 400 евра и со отсутна социјална поддршка плаќаат двојна цена – прво преку буџетот што се троши за туѓ комфор, и второ преку државата што им свртува грб кога им е најпотребна“, велат од партијата.
Македонија
Герасимовски: 15 милиони денари за поквалитетен и активен живот на пензионерите во Центар
Градоначалникот Горан Герасимовски на средба со Здружението на пензионери на Општина Центар информираше за проектите и програмските активности за унапредување на животот на повозрасните граѓани во локалната самоуправа во 2026 година
„Во Буџетот за тековната година се обезбедени 15.000.000 денари за активности и проекти наменети за нашите жители од трето доба. Целта е да им обезбедиме поздрав и поквалитетн живот, повеќе социјализација и континуирана грижа”, истакна Герасимовски.
Во проектите наменети за пензионерите се опфатени: Сервис за стари лица, Итно копче (24/7 медицинска поддршка), Бесплатен превоз до здравствени установи, Сезонски екскурзии во сите годишни времиња , настанот „Носталгија за корзо- сеќавање на едно убаво време“, Пензионерски спортски игри 2026 , Застапеност на предметот домаќинство во образованиот процес во соработка со пензионерите, како и подршка за пензионерите во социјален ризик.
На состанокот, претставниците на центарското пензионерско здружение го поздравија ангажманот на општината и ја потврдија својата вклученост во дел од активностите планирани за годинава.
Според статистиката, околу 20 проценти од населението во Општина Центар се на возраст над 60 години, што ја потврдува потребата од овие мерки со кои се промовира витална и активна старост на повозрасните жители во локалната самоуправа, велат од Општината.
Македонија
Акција за чистење и уредување на трим-патеката во Кисела Вода
Во рамките на континуираните активности за одржување на јавните површини и унапредување на животната средина, Општина Кисела Вода од утрово спроведува обемна интервенција за чистење, кастрење, косење и подигнување на кабаст отпад долж трим-патеката, на потегот од објектот на Институтот за јавно здравје до спојката со булевар Србија.
За реализација на овие активности се ангажирани 30 сезонски работници. Со цел ефективно и квалитетно извршување на работите, се користи и целокупната опрема на општината: камиони, тримери и телескопски пили.
Со овие интервенции, Општина Кисела Вода продолжува да работи на одржување чиста и уредна животна средина, обезбедувајќи јавни простори кои се функционални и пријатни за рекреација и слободно време на сите граѓани.
Воедно, локалната самоуправа упатува апел до граѓаните за одговорно и совесно однесување, со правилно одлагање на отпадот, со цел заеднички да ја зачуваме чистотата и редот во нашата општина.

