Македонија
„Влен“: „Отворен Балкан“, казина и корупција: наследството на ДУИ
Партијата на Црната листа, Демократската Унија за Интеграција, со функционери обвинети за корупција и контрола над судството, која им служеше на антиалбанските интереси повеќе од две децении, денес има дрскост да обвини дека наводно Република Северна Македонија се внесува во „српскиот свет“, велат од ВЛЕН.
„Токму оваа политичка партија со години ги затвораше очите пред дестабилизирачките проекти на Србија во регионот, станувајќи нивна алатка на сметка на Албанците и граѓаните на оваа земја. Тоа е партијата чии главни функционери се обидоа по секоја цена да го вратат Никола Груевски на власт и да го ослободат Сашо Мијалков. Јавно прашуваме, дали заборавија дека токму поранешните функционери на ДУИ ентузијастички ја прифатија иницијативата „Отворен Балкан“, најважниот српски геополитички проект по распадот на Југославија, само за да ги зачуваат привилегиите на својот политички клан? Дали заборавија дека токму тие се наредија рамо до рамо со Вучиќ и Дачиќ, станувајќи промотори на идејата „Отворен Балкан“ во време кога Албанците гласно се спротивставуваа на овој проект што им служеше на српските интереси и беше целосно против Република Косово? Да не заборавиме, дали токму моќните на ДУИ, Артан Груби и Перпарим Бајрами, главни партнери во бизнисот со казината беа високи експоненти на српското подземје. Замислете ја иронијата, ДУИ, која сервилно ги пречекуваше и ги придружуваше српските функционери со црвени теписи во Македонија, денес продава патриотизам преку стерилни изјави. Отидоа дотаму што Бујар Османи го донесе шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, во Македонија. Целата нивна „патриотска“ пропаганда е само фасада за да ги сокријат неуспесите и корупцијата што ја имаат на своите рамена“, велат од коалицијата.
ВЛЕН додава дека тие се истите оние што денес врескаат од страв да не изгубат на следните локални избори, од страв дека албанските граѓани повеќе нема да можат да ги измамат со лагите и лажниот патриотизам што ги користат само кога се во опозиција.
„ВЛЕН ќе продолжи да работи за граѓаните, за владеењето на правото, за европската интеграција и за заштитата на албанските интереси без да се замори од празните обвинувања на оние кои повеќе од две децении се збогатуваа и ја користеа власта само за нивниот тесен семеен круг. Со голема посветеност, го градиме Коридорот 8 и го зајакнуваме стратешкото партнерство со САД. Северна Македонија е во сигурни раце и ќе се движи кон ЕУ, без корупциските кланови кои станаа потпора на секој проект што доаѓа од Белград, само за да ја зачуваат својата моќ и богатство“, велат од ВЛЕН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кардиохирурзите Колев и Џелили на обука во Клиниката за кардиохирургија во Бордо, Франција
Кардиохирурзите при ЈЗУ Клиника за кардиохирургија, Скопје, Александар Колев и Кујтим Џелили престојуваат на Универзитетската болница за кардиохирургија во Бордо, Франција, каде учествуваат на работилница за запознавање и обука со некои од најиновативните техники во совремата кардиохирургија.

-Заедно со мојот колега Кујтим Џелили имавме одлична можност да учествуваме на едукативна работилница во Универзитетската болница за кардиохирургија во Бордо, организирана од Петерс.
Под менторство на водечките професори Томас Модин, Луис Лаброус и Џулијан Пелтан, се запознавме со некои од најнапредните техники во современата кардиохирургија. Меѓу нив најсофистицирана и најпрефинета беше употребата на роботскиот систем на Да Винчи за поправка на митралниот вентил, како и други минимално инвазивни кардиохируршки процедури. Преку практични тренинг сесии, вежбавме креирање на анастомози на реални модели, користејќи некои од најновите помошни хируршки апарати, напиша кардиохирургот Колев на неговиот фејсбук профил.

Тој особено го потенцира фактот дека кардиохирургија, како една од поновите гранки на медицината, продолжува да се развива и брзо напредува.
-За нас, како кардиохирурзи кои доаѓаат од мала земја како Македонија, од особено значење е да останеме во тек со овие иновации, со цел да обезбедиме највисок можен квалитет на третман за нашите пациенти, наведува д-р. Колев.
Македонија
Ѓорѓиевски на фејсбук објави дека најдоброто за Скопје допрва доаѓа
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски на Фејсбук објави видео од активностите што се преземаат за чистење на главниот град, согласно неговото ветување за темелно чистење на Скопје во првите 72 часа од преземањето на мандатот.
-Скопје го правиме заедно, ви го дадов мојот збор! Се чисти кејот на реката Вардар. Се поставуваат украсни канделабри на плоштадот „Македонија“. Најдоброто, доаѓа!, објави Ѓорѓиевски попладнево на неговиот фејсбук-профил.
Акцијата за чистење Ѓорѓиевски ја почна завчеравечер по примеопредавањето на функцијата од досегашната градоначалничка, и како што самиот изјави, акцијата би требало да заврши утревечер.
Деновиве со механизација и рачно се чисти коритото и косините на Вардар, се отстранува кабаст отпад и пластични шишиња и се расчистува земјен материјал насобран во централниот дел на кејот, а се празнат и контејнерите од ѓубре.
Во акцијата се вклучени луѓе и опрема од комуналното претпријатие на Скопје, како и механизација и екипи од ЈП „Улици и патишта”- Скопје.
Македонија
Родителите на починатите во „Пулс“ со порака до судиите: Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми
Во Кочани денеска родителите на жртвите од пожарот во дискотоеката „Пулс“ одржаа нов „Марш за ангелите“, упатувајќи порака до правосудните институции дека очекуваат вистинска правда за настраданите.
-Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми, затоа што ако институциите продолжат да молчат, луѓето ќе ја изгубат вербата во системот. Исполнете ја вашата должност — не за нас, туку за нашите деца и за иднината на сите други што утре ке сакаат да живеат во држава со вистинска правда, порачаа родителите на починатите во „Пулс“ во своето обраќање пред медиумите.
Пред зградата на Основниот суд, мајка на починато дете во името на сите учесници на маршот, упати критика до Јавното обвинителство дека оваа институција не реагирала на тоа што уште пред три недели им биле доставени докази дека осомничено лице се сретнало со оштетен родител, што сметаат дека носи реална опасност да се влијаа врз сведоците и оштетените и да се загрози целата постапка и нејзината правичност. Тие најавија, дека во рок од една недела очекуваат јасен и конкретен одговор за преземените мерки по доставените докази, во спротивно велат ќе преземат посилни јавни и организирани акции.
Првото судско рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ ќе се одржи на 19 ноември, обвинети се 34 физички и три правни лица, кои се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност. Како што информираа од Кривичниот суд Скопје, рочиштето ќе се одржи во судницата во КПУ Идризово, а предметот според Акмис системот е распределен кај судијката Диана Груевска-Илиевска.
Во пожарот во дискотеката во Кочани што се случи на 16 март, годинава, загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

