Македонија
Владата со бесплатни инвитро-процедури и даночни олеснувања во борба против падот на наталитетот
Пратеничката Бети Стаменкоска-Трајкоска од ВМРО-ДПМНЕ предупреди дека Македонија повеќе од една деценија се соочува со сериозна фертилитетна рецесија и ја истакна неопходноста од итни чекори, но и промена на начинот на размислување во општеството.
Како дел од предвидените владини мерки, Стаменкоска-Трајкоска зборуваше за шест бесплатни инвитро-процедури, стимулација за прво и за второ дете, како и даночни олеснувања за мајките.
„Мајката ќе биде ослободена од персонален данок на доход една година за првородено дете, две години за второ родено дете, а за трето и повеќе – секоја година сè додека првото дете не стане полнолетно“, прецизира таа.
Рече дека Македонија повеќе од деценија е во фертилитетна рецесија. Повеќе од една деценија бројот на новородени рапидно се намалува, а само за последните четири години Македонија изгуби еден град со големина на Кавадарци.
Според официјалните податоци што ги презентира, ако во 2016 година биле родени 23.000 деца, во 2024 година бројката паднала на 16.737. Тоа значи дека за осум години годишниот број на новородени се намалил за над 9.000.
„Во 2024 година родени се 16.737 дечиња, а починале 20.187 луѓе. Тоа значи дека починале 3.500 луѓе повеќе отколку што се родиле“, предупреди Стаменкоска-Трајкоска додавајќи дека демографските трендови се алармантни.
Таа потсети дека во 1950 година стапката на фертилитет била 5,7, а денес е 1,5, што е четирипати помалку. За да постои природен прираст, потребно е стапката на фертилитет да биде најмалку 2,1.
На крајот, истакна дека политичарите и институциите имаат обврска да ја отворат јавната дебата и да ги поддржат сите напори за зголемување на наталитетот.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера пресече дека нема да се воведе данок за немажените и за неженетите откога претходно ја спомена таа можност како насока на која Владата размислува. Вчера, целосно ја отфрли ваквата идеја коментирајќи дека целта била да се поттикне јавна дебата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
АХВ: Уништени над 1 тон небезбедна храна од продавниците за здрава храна
Илјада и десет килограми небезбедна „здрава храна” уништија инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство кај 14 оператори во рамки на 373 контроли спровдени неделава, кај оператори именувани како објекти за производство и промет со здрава храна, соопшти АХВ.
Со контролите утврдено било дека 14 оператори воопшпто не биле регистрирани како оператори со храна во Агенцијата.
За утврдените недоследности со контролите, биле издадени 65 решенија, 19 опомени и 44 парични казни, во вкупна вредност од 20.550 евра.
„Кај 9 оператори со контролите утврдени биле незадоволителни хигиенски и технички услови во објектите, кај 7 била пронајдена храна со поминат рок на употреба. Кај двајца оператори најдена била и храна со непознато потекло. Несоодветно означена била храната кај 18 оператори, а кај 23, вработените немале спроведено задолжитрелен здравствен преглед. Двајца од операторите немале воспоставени процедури за Добра производствена и Добра хигиенска пракса, или не воделе соодветни записи. Кај исто толку оператори не била извршена задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација во објектите“, пишува во соопштението на АХВ.
Македонија
СДСМ: Наместо луксуз на власта со авиони, да се пренаменат пари за 600 евра минимална плата
Животот во Македонија станува сѐ поскап, работниците едвај врзуваат крај со крај, а власта сѐ луксузира врз грбот на народот, велат од СДСМ.
„Според последните податоци, синдикалната кошничка во февруари достигна 67.400 денари. На едно четиричлено семејство не му се доволни ниту 3 минимални плати месечно за да ги покрие основните потреби. Над 200 илјади работници земаат плата под 30.000 денари. Со сегашното ниско ниво на минимална плата не можат да се покријат трошоците за основни потреби, храната, сметки.. Тешкото секојдневие, високите сметки и поскапувањата ги доведоа работничките семејства на раб. И додека граѓаните се борат за корка леб, премиерот Христијан Мицкоски се луксузира на сметка на народот – со владини авиони, со скапи часовници од 60 илјади евра. Време е да се укине луксузот на власта, а работниците да добијат достоинствени плати, какви што заслужуваат. Бараме парите што власта ги планираше за нов авион да се пренаменат за минимална плата од 600 евра за сите работници. Нема повеќе оправдувања дека „нема пари“. Имало пари за нов авион, за мебел, за уредување кабинети, за службени автомобили. Нека направат ребаланс на Буџетот и нека ги пренаменат парите за плати. Доста е расфрлање со милиони за авиони – мали или големи – додека народот тоне. Доста е луксуз на грбот на народот“, стои во соопштението на СДСМ.
Македонија
Обвинителство: Забрана за две правни лица од Велешта да вршат ископ во близина на изворите за вода за пиење во Шум
Преземајќи истражни дејствија по наредба на Основното јавно обвинителство Струга за испитување на причините за загадувањето на водата од извориштето во селото Шум, истражните органи затекнаа работни машини на две правни лица од Велешта кои вршеле кршење, ископ и транспорт на карпи во поголем обем во непосредна близина на изворите, информираат од Обвинителството.
Како што се наведува во соопштението, поради сомненија за кривични дела – Незаконита експлоатација на минерални суровини од член 225-а и Загадување на водата за пиење од член 219 од Кривичниот законик, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка веднаш достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрани на правните лица да ги посетуваат парцелите каде вршеле ископ и забрана да преземаат какви било работни активности на подрачјето.
Основното јавно обвинителство Струга продолжува да презема дејствија за обезбедување докази и испитување на евентуална кривична одговорност во однос на енормното загадување на изворите во Шум од каде подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење, стои во соопштението.

