Македонија
(Видео) Ангелов: Има нови индиции дека пожарот кај Блаце е подметнат, некој утрово се обидуваше да го реактивира

За пожарот, кој во неделата околу пладне избувна покрај магистралниот пат, кој од Скопје води кон граничниот премин Блаце, се појавуваат нови индиции дека е подметнат, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
„Најпрвин, на местото на избувнувањето на овој пожар можев да видам дека линијата на огнот е многу широка како за пожар што би се појавил од фрлено догорче од цигара. Денеска утрово, додека пожарникарите работеа на негово догаснување, најдоа на неколку места дрвени палети, претходно, најверојатно, намачкани или полиени со бензин и фрлени во смреките. Некој намерно утрово се обидуваше да го реактивира овој пожар, кој е под контрола“, изјави Ангелов.
Тој апелира до граѓаните, доколку забележат сомнително однесување, веднаш да пријават на бројот 112.
Ангелов рече дека ниеден манастир или црква не биле во непосредна опасност во вчерашниот пожар ниту, пак, дека изгореле три куќи од селото Чучер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДИК: Навреме отворени сите избирачки места, гласањето се одвива без проблем

Државната изборна комисија извести дека денес навремено се отворени сите избирачки места и процесот на гласање се спроведува без проблем.
На Локалните избори 2025 во Северна Македонија право на глас имаат 1.832.415 граѓани.
Се гласа за вкупно 309 кандидати за градоначалници и 576 листи за членови на општинските совети со вкупно 10 490 кандидати.
Гласањето на локалните избори започна во 7:00 часот и ќе трае непрекинато до 19:00 часот. Ако гласањето биде прекинато подолго од еден час, тоа ќе продолжи за онолку време колку што траел прекинот, но не подолго од три часа.
Македонија
Претпладне променливо облачно со сончеви периоди, попладне намалување на облачноста

Претпладне променливо облачно со сончеви периоди. Во западните планински региони ќе има услови за слаб дожд. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб, долж Повардарието умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 13 до 19 степени.
Во Скопје, претпладне променливо облачно со сончеви периоди. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 18 степени
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива непречено, по влажни коловози

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.