Македонија
(Видео) Мицкоски: Иднината на државата почнува од секое село и секоја општина

Премиерот Христијан Мицкоски, во обраќање посветено на локалниот развој истакна дека иднината на земјата започнува од силните локални заедници.
„Живееме во свет што станува се подинамичен, понекогаш непредвидлив, исполнет со глобални предизвици, но и со големи можности. Во таков свет, секоја држава мора да го постави својот модел на развој. А најсилни ќе бидат оние што ќе изградат силни локални заедници“ рече Мицкоски.
Тој потенцира дека Владата обезбедила 250 милиони евра за капитални проекти во општините, со што се поддржуваат 829 локални проекти со вкупна вредност од речиси 14 милијарди денари. Проектите опфаќаат инфраструктура, транспорт, животна средина и енергетска ефикасност.
„Иднината, почитувани, не започнува глобално и централно, Иднината започнува локално. Започнува со изградена улица во едно село. Со нова водоводна мрежа. Со реновирано училиште во рурална општина. Со локална економија што добива ветер во грб. Тоа се темелите на стабилна и успешна држава“, порача Мицкоски.
Изрази благодарност до меѓународните партнери, меѓу кои Европската Унија, Обединетите Нации и Светската банка, за нивната поддршка која ја оценува како клучна во изработката на локални стратегии и развој.
„Државата не се гради од центарот кон периферијата, туку од темелите нагоре, а тие темели се во секоја општина и локална заедница, во секој дом“ заклучи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Прекинат сообраќајот на патот Мавровска крстосница-Гостивар поради сообраќајна несреќа, возилата се пренасочуваат по споредните патишта

Денеска во ОВР Гостивар во 15:56 часот пријавена е сообраќајна несреќа на магистралниот пат од Мавровска крстосница кон Гостивар, во која учествувале четири мотоцикли и четири патнички возила.
До сега се пријавени пет повредени лица. Сообраќајот на овој магистрален пат е во прекин, а од страна на полициски службеници од ОВР Гостивар сообраќајот се пренасочува по споредни локални патишта (Прогрес каменолом и Панорама кај Вруток).
Македонија
Муртезани на панел за улогата на Албанците во регионалната соработка и европската интеграција

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска учествуваше на Амбасадорската конференција #Diplo2025, што денес и утре се одржува во Тирана, Албанија. Министерот Муртезани беше говорник на панелот на тема „Албанците во регионот – заеднички идентитет, заедничка европска цел“, во рамки на првиот ден од Конференцијата.
Во своето обраќање, министерот Муртезани нагласи дека патот кон Европската Унија за земјите од Западен Балкан претставува избор на вредности и заедничка иднина, а не само технички процес. Тој истакна дека Северна Македонија останува цврсто посветена на европската агенда преку спроведување суштински реформи поддржани со Инструментот за претпристапна помош и Инструментот за реформи и раст во рамки на Планот за раст за Западен Балкан.
Министерот потсети на значењето на Охридскиот договор од 2001 година, кој ја претвори Северна Македонија во функционална мултиетничка демократија и овозможи активна политичка и институционална улога на Албанците во државата. Овој модел, како што подвлече, е доказ дека различноста претставува сила која ја зајакнува стабилноста и е вредност што се поклопува со европските стандарди. Муртезани се осврна и на потребата од натамошна регионална поврзаност преку заеднички инфраструктурни и културни проекти. Тој го посочи Коридорот 8 како симбол на интеграција и европска поврзаност, кој истовремено ја олеснува трговијата и ја зајакнува соработката меѓу државите од регионот. Во тој контекст, тој ја истакна важноста и на културните и образовните размени кои придонесуваат за создавање на заеднички европски идентитет.
Во своите пораки, Муртезани нагласи дека албанските заедници низ регионот имаат улога на природни мостови за дијалог и разбирање, кои придонесуваат за добрососедски односи; еден од клучните критериуми за членство во Унијата. Тој истакна дека Албанците во регионот отсекогаш биле активни во градењето институции, јакнењето на социјалната кохезија и унапредувањето на владеењето на правото, како и во борбата против корупцијата, што претставува клучна вредност и европска и општествена.
Завршувајќи го своето обраќање, министерот Муртезани се повика на зборовите на писателот Исмаил Кадаре „Европа е нашата куќа и ние немаме друга“, подвлекувајќи дека оваа порака е потврда на заедничката определба за европска иднина на целиот регион.
Македонија
Орце Ѓоргиевски: „EXIT“ доаѓа во Скопје!

Кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓоргиевски, информира дека е постигнат договор со основачот на „EXIT“ фестивалот, Душан Ковачевиќ, од следната година Скопје да биде нова дестинација на една од водечките европски фестивалски групации.
„Убеден сум дека бренд како „EXIT“ значително ќе го зголеми квалитетот на забавниот живот и културната понуда на Скопје и Македонија. Тоа ќе ја стави нашата метропола на мапата на топ дестинации за посета на огромен број туристи, бидејќи граѓаните на Скопје и Македонија го заслужуваат најдоброто“, изјави Ѓоргиевски.
Со ова Скопје ќе се вброи меѓу европските градови кои се дел од мрежата на еден од најпрестижните музички фестивали во Европа, што ќе значи и нова енергија, нови инвестиции и зголемување на туристичкиот потенцијал на главниот град.