Македонија
2.500 денари еднократна помош за пензионерите со ниски примања во општина Центар

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски ги повикува сите пензионери со ниски примања да се пријават за еднократна финансиска помош од 2.500 денари, на јавниот повик што ќе биде објавен утре, 9 јули.
Право на пријавување имаат сите кои примаат старосна, семејна, инвалидска или социјална пензија, при што месечниот износ не смее да го надминува износот од 26.157 денари, односно просечната пензија исплатена во мај 2025 година.
„И годинава не ги забораваме пензионерите. Продолжуваме со поддршка за нашите највозрасни сограѓани. Оваа мерка е знак на нашата постојана грижа и солидарност“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Со барањето потребно е да се достави копија од лична карта, копија од трансакциска сметка и доказ за последната примена пензија, чек или потврда од банка за месец мај или јуни 2025 година (за старосна, семејна или инвалидска пензија). Корисниците на социјална пензија треба да достават потврда или решение од надлежниот Центар за социјална работа.
Барањето може да се подигне и поднесе во Архивата на Општина Центар, барака број 6, или да се преземе од веб-страницата на општината: www.centar.gov.mk. Документацијата се доставува секој работен ден, од 09:00 до 14:00 часот.
Повикот ќе трае до 18 јули или до исцрпување на предвидените средства, по принципот „прв дојден, прв услужен“.
За реализација на оваа мерка, Општина Центар обезбеди 5 милиони денари од буџетот за 2025 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Супорт Кочани“: Никој нема да биде сам, пристигна втора пратка компресивна облека за повредените во пожарот

Денес во Кочани пристигна и беше официјално донирана втората пратка компресивна облека, обезбедена од граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“, наменета за повредените од трагичниот настан од 16 март 2025 година, соопштија од оваа гражанска иницијатива.
Во оваа пратка, како што информираат, се вклучени 43 парчиња компресивна облека, изработени по индивидуални мерки за 17 повредени лица.
„Облеката беше испорачана во Македонија во понеделник навечер, а веќе денес е доставена на Општата болница во Кочани.
Фактурата за оваа пратка, во износ од 283.802 денари, е целосно исплатена од страна на Support Kocani.
Ова е втора по ред испорака на компресивна облека што ја обезбедува иницијативата. Претходно, Support Kocani целосно ја покри и првата пратка во вредност од 923.458 денари, со што вкупниот износ за двете набавки изнесува 1.207.260 денари, односно 23.560,37 евра – средства обезбедени исклучиво преку донации од хумани граѓани, фирми и поддржувачи од земјата и дијаспората.
Голема благодарност упатуваме до компаниите Julius Zorn GmbH и Health 2000, кои што овозможија квалитетна и навремена медицинска помош за што поголем број повредени лица“.
Како што велат, во време на болка, солидарноста е најголем лек.
Од граѓанската иницијатива потенцираат дека никој нема да биде сам.
„Делата зборуваат многу погласно од зборови, а ние не застануваме, продолжуваме посветено и одговорно, сè додека постои потреба и сè додека има луѓе што веруваат во хуманоста,“ порачаа од „Супорт Кочани“.
Македонија
Не е безбедна употребата на „БТР 80“ бидејќи се оперира низ стрмни и тесни улици со остри кривини, вели Ангелов по прашањата дали истите се користат за гаснење на пожари

Во текот на вчерашниот и денешниот ден, во гаснењето на пожарот во скопско, учествуваат еден Хермелин со цистерна од 6 тона и еден Пинцгауер од 1,5 тона на ДЗС, информира директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, откако во јавноста беа поставени прашања дали истите се ставени во употреба за гасење на актуелните пожари.
„Бидејки се оперира низ населени места со стрмни и тесни улици со остри кривини сметам дека не е безбедна употребата на БТР 80. Две од овие возила подготвивме за транспорт во фабриката Самоков бидејки со 6 тонски резервоар за вода и моќна пумпа со домет до 100 метри можат значително да помогнат во одбрана на фабриката доколку за тоа се појави потреба. Но, бидејки пожарот беше ставен под контрола на потегот кон фабриката, одлучив истите да не се транспортираат таму“.
Возилата, појаснува Ангелов, се уредно тестирани од соодветни стручни лица и институции, со поминат технички преглед и се регистрирани на име на ДЗС.
„Сепак, како непосредно одговорен за овие специјални возила, дадов наредба да бидат тестирани и во реални услови. Затоа, учеството од овие и следните неколку денови ги сметам за тест возења, за тестирање на реалните можности на возилата, пумпите и посадите.
Откако ќе се увериме дека специјалните возила се доволно ефикасни и безбедни за употреба, во зависност од потребите на терен, нивниот број постепено ќе се зголемува.
Од дводневната употреба, слободно можам да кажам дека сум презадоволен од нивната ефикасност“, нагласува директорот на ДЗС.
Македонија
Целосно нормализиран сообраќајот на граничниот премин Блаце, на другите премини нема подолги задржувања

Од 09:00 часот, сообраќајот на граничниот премин Блаце е целосно нормализиран за сите видови возила, соопшти АМСМ.
Поради завршување со градежните работи на “Санација на мостот преку река Вардар кај Башино село” на регионален пат Р1312 , делница Башино Село-Велес, од 08.07.2025 година се воспоставува нормален режим на сообраќај во двата правци.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.