Македонија
„Кандидатите за локалните избори на СДС се олицетворение на клиентелизам и неспособност“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„СДС продолжува да ги нуди истите компромитирани кадри. Мартин Костовски, Марјан Даскаловки и Горан Герасимовски, рециклираните кандидати за градоначалници на СДС за локалните избори, се доказ дека СДС се уште функционира по старата пракса. Овие луѓе не се иднина ни за Куманово, ни за Струмица, ни за Центар“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„На јавноста и е добро позната матрицата на СДС, па со оглед на тоа јасно е и дека не може да понуди она што на граѓаните им е потребно.
Кандидатите кои СДС ги предлага се блиски луѓе до Заев, а и се поврзани со низа скандали кои нанеле штета на државата и граѓаните.
Овие луѓе се симболи на клиентелизам и повторно ја нудат праксата на Заев и Ковачевски. Мартин Костовски, човек кој како пратеник беше глув и нем за проблемите на граѓаните. Ама затоа беше послушен кога требаше да се поддржат договори што и правеа штета на државата.
Ова се стандардите на СДС, предуслов е да се биде дел од потесниот круг на партијата, до кој гласот на народот не може да допре.
Марјан Даскаловски од друга страна, кој инаку е познат по неговата врска со изборни манипулации и локални игри во Струмица. Со Даскаловски, Струмица нема иднина. Таа ќе остане заробена општина на истите луѓе кои со години го третираат градот како лична територија.
Очигледно, според СДС политичка блискост е поважна од компетентност. Горан Герасимовски, градоначалникот на општина Центар, е пример за расипничко и неодговорно управување.
Тој е градоначалник кој јавната функција ја сфаќа како лична привилегија. Расипничко трошење на парите на граѓаните, скапи адвокати, налози без податоци, нефункционални проекти, кој општина Центар ја третираше како сопствен буџет.
Центар не доби развој, а СДС повторно го кандидира истиот човек, без ни трошка самокритика или анализа на катастрофалното работење.
СДС се обидува ваквите ликови да ги претстави како решение. СДС не учи од грешките и се обидува вакви луѓе да ги претстави како решенија за проблемите што самите ги создадоа“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Андоновски на министерскиот состанок на ЕУ: Македонија ја гради иднината на вештачката интелигенција дома со Европа како партнер

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, се обрати на панелот посветен на вештачка интелигенција и иновации во рамки на министерскиот состанок за земјите од Западен Балкан, организиран од Европската комисија и еврокомесарката Екатерина Захариева.
Во своето обраќање, Андоновски порача дека Македонија го трансформира пристапот кон иновациите, од фрагментиран систем во интегриран, ефективен и европски усогласен модел. Тој го претстави INOVA, националниот механизам за иновации и претприемништво, кој обединува три министерства – за дигитална трансформација, економија и образование – во една унифицирана структура што овозможува реални резултати на терен.
„Иновацијата веќе не е само технолошко прашање – таа е економско, општествено и стратешко прашање. Со INOVA, обезбедуваме кохерентност, интеграција и инклузивност на сите нивоа,“ изјави Андоновски.
Како дел од новата инфраструктура, беше истакнат и INNOFEIT EDIH – првиот Европски центар за дигитални иновации во Македонија, кој преку Програмата Дигитална Европа обезбедува поддршка за мали и средни претпријатија во форма на пристап до капацитети за вештачка интелигенција, дигитални близнаци, менторство и обука.
Посебен акцент беше ставен на новата Национална фабрика за вештачка интелигенција – ВЕЗИЛКА, финансирана преку програмите Horizon Europe и EuroHPC, која ја поврзува Македонија со европската AI мрежа, вклучувајќи пристап до суперкомпјутери, заеднички податочни простори и обуки за клучни сектори.
„Како што рече претседателката фон дер Лајен – ‘иднината на вештачката интелигенција треба да се создаде во Европа’. Од Скопје, би додал – ‘понекогаш таа иднина треба да се создаде токму тука, дома – но со Европа како наш партнер и со европските вредности како наш водич’,“ заклучи Андоновски.
Настанот собра министри и високи претставници од земјите од Западен Балкан и ЕУ, кои дискутираа за регионалната и европската соработка во полето на дигиталната трансформација, иновациите и примената на вештачката интелигенција.
Македонија
Муцунски – Спиропали: во фокусот инфраструктурното поврзување, со посебен акцент на стратешката важност на Коридорот 8

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски оствари телефонски разговор со министерка за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Елиса Спиропали.
Двајцата соговорници изразија задоволство од одличната билатерална соработка и ја потврдија подготвеноста за нејзино понатамошно унапредување во сите области од заеднички интерес. Во таа насока,Муцунски ѝ упати покана на министерката Спиропали за билатерална посета на нашата земја, на која ќе бидат разгледани конкретни иницијативи за продлабочување на соработката.
Во телефонскиот разговор стана збор и за европската перспектива на двете држави и за заедничките активности на патот кон Европската унија. Во тој контекст, беше потенцирано значењето на инфраструктурното поврзување, со посебен акцент на стратешката важност на Коридорот 8 како проект од регионално значење.
Воедно, беше нагласена важноста на негувањето на добрососедските односи, како и заедничкиот придонес на двете земји кон стабилноста и безбедноста во регионот.
Македонија
Царината: Запленети 160 штеки цигари, ветеринарни препарати, регистарски таблички, девизи и облека со потпис на познати модни брендови

Мобилни царински тимови во изминатите денови спречија повеќе прекршочни дела при што запленети се, 160 штеки цигари, 1.512 метри квадратни теписи, 100 килограми препарати за добиток, 665 парчиња гелови за нокти, три комплети германски регистарски таблички и сообраќајни дозволи, 80 парчиња облека со потпис на познати трговски марки, девизи и очила за сонце.
Обидот за шверц на 160 штеки цигари е откриен при контрола на автобус кој сообраќал на релација Скопје – Истанбул – Скопје, на излез од државата на граничниот премин Деве Баир. Цигарите биле сокриени во делот за вентилација, како и во картонски кутии под еден ред пластични чаши со вода сместени под повеќе седишта и во неколку торби и куфери во просторот за багаж. Непријавените цигари биле во сопственост на возачот на автобусот, македонски државјанин, против кого е поведена прекршочна постапка.
На граничниот премин Богородица мобилен царински тим при контрола на камион откри и спречи обид за нелегален внес на 100 килограми ветеринарни препарати и додатоци за исхрана за добиток. По извршена контрола со мобилен скенер, биле забележани неправилности во кабината на возилото, по што бил извршен деталeн преглед. На креветите во кабината биле пронајдени 100 килограми Tonisity Px и 7,5 литри Neo Boost – препарати наменети за исхрана и поддршка на растот кај прасињата и свињите. Станува збор за производи под ветеринарно-санитарна контрола, за чиј увоз е потребна посебна дозвола издадена од Агенцијата за храна и ветеринарство. Возачот, македонски државјанин, не поседувал соодветна документација за стоката. Против него е поведена прекршочна постапка, а пронајдените производи се привремено задржани за понатамошна постапка.
При личен претрес на македонски државјанин, кој патувал со автобус за Берлин на излез од државата на граничен премин Табановце пронајдени се седум илјади евра, за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи, на патникот му се вратени две илјади евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а останатите се задржани.
Осумдесет парчиња облека со ознаки на заштитени трговски марки се запленети поради основано сомневање за повреда на право од интелектуална сопственост. Случајот е откриен при контрола на камион на влез во државата на граничниот премин Богородица. Камионот бил натоварен со стока со потекло од Турција, наменета за фирма од Косово.
Очила за сонце со вредност од околу 60 илјади денари, се пронајдени под предните седишта на минибус со македонски регистарски таблички, откако претходно биле забележани неправилности при контрола извршена со мобилен скенер. Минибусот, управуван од македонски државјанин, бил пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце.
Службата за мобилен скенер на граничен премин Богородица откри обид за криумчарење на мигранти, државјани на Сиера Леоне, Египет и Екваторска Гвинеја. Случајот е откриен при контрола на товарно возило со влекач со косовски регистарски таблички и приколка со македонски регистарски таблички. При извршен физички преглед се откриени пет мигранти. Лицата се предадени на Одделот за гранични работи и миграции при Министерството за внатрешни работи за понатамошна постапка.
665 парчиња гел за нокти се откриени во кабина на камион на влез во државата на граничниот премин Табановце. Геловите за нокти се запленети, а против сторителот кој се обидел да ги шверцува во државата без да ги пријави и за нив да плати давачки кон државата се води соодветна постапка.
На граничниот премин Блаце мобилен тим откри три комплети германски регистарски таблички и сообраќајни дозволи, пронајдени во внатрешните делови од јакните на тројца македонски државјани кои се пријавиле за излез од државата. Лицата не поседувале документи кои би докажале дека возилата на кои припаѓале табличките се ставени во пропишана царинска процедура. Со тоа, тие се обиделе да пуштат возила во слободен промет без да бидат платени увозни давачки. Против нив е поведена соодветна постапка, а табличките и сообраќајните дозволи се запленети.
При контрола на стока со потекло од Турција наменета за фирма од Тетово, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Тетово, мобилен тим откри 1.512 метри квадратни теписи, кои не биле опфатени со царинските документи.