Македонија
Муцунски домаќин на катарскиот државен министер за надворешни работи, султан бин Саад ал-Мураики
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска беше домаќин на државниот министер за надворешни работи на Државата Катар, Султан Бин Саад Ал Мураики, кој престојува во официјална посета на нашата држава.
Двајцата министри се согласија дека посетата претставува потврда за споделените вредности и заемната посветеност кон подинамичен развој на билатералните односи, со посебен акцент на економските врски и трговската размена.
На средбата стана збор и за севкупните односи меѓу двете земји и можностите за нивно понатамошно унапредување, при што беше изразено задоволство од досегашната соработка, вклучително и во рамките на мултилатералните организации. Посебно внимание беше посветено на развојот на економските и бизнис-релациите, како и на потенцијалот за унапредување на образовната и културната соработка.
Дополнително, беа отворени прашања поврзани со унапредување на договорната рамка, повторно воспоставување на директната авионска линија Скопје–Доха, како и други форми на секторска соработка.
Разговорите опфатија и теми од регионален и меѓународен карактер, вклучително и актуелните глобални предизвици од заеднички интерес за двете земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

