Македонија
Зачуван статусот на Охридското Езеро како светско природно и културно наследство
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска на прес-конференција во Владата информира дека статусот на Охридското Езеро како светско природно и културно наследство е зачуван.
„Задоволство ми е да ве информирам дека статусот на Охридското Езеро како светско природно и културно наследство е зачуван. Овој успех е резултат на активна, посветена и координирана дипломатија, во соработка со нашите партнери и пријатели од меѓународната заедница. Заедно покажавме дека кога постои јасна волја, координација и одговорен пристап – резултатите се неминовни“.
Министерот истакна дека уште од првиот ден, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, активно се вклучиле во процесот. „Водевме интензивни разговори, спроведовме дипломатски консултации и градевме заеднички позиции со државите членки на Комитетот за светско наследство“.
Тој укажа на состојбата што беше затекната: „Неопходно е отворено да се посочи дека ситуацијата што ја наследивме беше резултат на години запоставување, неодговорно управување и изостанок на суштински мерки од страна на претходната влада. Наместо превенција и одговорност, оставија проблем што бараше итно решавање. Нашиот пристап беше поинаков – не декларативен, туку посветен и фокусиран на резултати“.
Муцунски потенцира дека зачувувањето на статусот е само прв чекор: „Свесни сме дека пред нас стои обврската да обезбедиме долгорочна заштита, одржливо управување и повторно да ја изградиме довербата во институциите и капацитетот на државата да се грижи за своето највредно природно и културно наследство“.
Во завршницата тој упати благодарност: „Дозволете ми искрено да му се заблагодарам на тимот на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија – за нивната стручност, пожртвуваност и тивка, но клучна работа зад сцената. Токму таа работа придонесе за одлука што значи многу за нас како држава“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

