Македонија
Меџити на Конференција за обнова на Украина: Северна Македонија со поддршка на украинскиот територијален интегритет

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, учествува на Конференцијата за обнова на Украина 2025 (Ukraine Recovery Conference 2025 – URC 2025), која се одржува во Рим, Италија.
Станува збор за четвртата по ред голема меѓународна конференција посветена на закрепнувањето и долгорочната обнова на Украина. Настанот е коорганизиран од владите на Италија и на Украина. Целта е мобилизација на владини, финансиски и приватни ресурси за поддршка за реконструкција на земјата погодена од војната.
Во Рим, вицепремиерот Меџити го повторил цврстиот став на Република Северна Македонија во поддршка на украинскиот територијален интегритет, како и подготвеноста да придонесе во процесот на обнова.
URC 2025 е продолжение на годишната серија високи политички форуми што од 2022 година обединуваат влади, меѓународни финансиски институции и стопански комори околу визијата за „брз, одржлив и европски пат на закрепнување на Украина“.
„Присуството на Северна Македонија на највисоко ниво уште еднаш покажува дека нашата држава останува доследен поддржувач на Украина и активен учесник во зацврстувањето на европската солидарност и партнерството со НАТО и ЕУ“, соопштија од Кабинетот на Меџити.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Истрага против 32 физички и правни лица за злоупотреби при јавни набавки во прилепската болница

По поднесена кривична пријава од Управата за финансиска полиција, Основното јавно обвинителство Прилеп денеска донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 16 физички и 7 правни лица, додека уште девет други лица се осомничени за дела кои се гонат во скратена постапка.
Тие се осомничени за кривични дела – Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство од член 275-в, како и Проневера во службата од член 354 од Кривичниот законик. Со пријавата се опфатени и дејствија на несовесно работење, злоупотреба на службена положба и овластување, фалсификување или уништување деловни книги и други кривични дела за дел од осомничените, кои обвинителството исто така ги испитува.
Постои основано сомнение дека осомничените, како соизвршители, учествувале во дејствија со кои свесно ги повредувале прописите за јавни набавки во ЈЗУ Општа Болница со проширена дејност Прилеп со намера за себе или за друг да остварат значителна имотна корист, односно да предизвикаат значителна имотна штета на болницата, што е поткрепено и со наоди од извештај на Државниот завод за ревизија.
Осомничените, меѓу кои поранешната директорка, раководители и други вработени на болницата, но и управители на осомничени правни лица, преку постапки за јавни набавки за сервис на моторни возила, чистење на работните простории, сервис на водоводна мрежа, молерофарбарски услуги, физичко обезбедување, реконструкција на инфективното одделение, односно преку неизвршување на договорните обврски и незаконски промени на налози за исплата, предизвикале вкупна штета на буџетот на болницата „Борка Талески“ од 42.726.978 денари.
Основното јавно обвинителство Прилеп до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за шестмина осомничени, додека за останатите 19 физички лица се предложени мерки на претпазливост.
Македонија
(Видео) Доколку утре има парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ ќе освои над 60 пратеници, порача Манасиевски

„ВМРО-ДПМНЕ како апсолутен победник на локалните избори со освоени 33 општини во првиот круг и водство во 19, плус градот Скопје, би освоило над 60 пратеника доколку утре има парламентарни избори, додека пак СДС и Филипче би биле трета партија во некои изборни единици“, вели Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„ВМРО-ДПМНЕ во однос на минатите локални избори има скок од 12.000 гласа, додека пак СДС е во дебел минус од 111.000 гласа. Во однос на добиени советнички места, ВМРО-ДПМНЕ има 550 места во советите на овие локални избори или во споредба со локалните 2021 скок од 82 места додека од друга страна, СДС има околу 230 советнички места што е за 166 места помалку од 2021 година. Исто така, ВМРО-ДПМНЕ има освоено и најмногу советнички места, во 59 општини и градот Скопје, од кои во најголем дел има апсолутно мнозинство во советите.
Историската победа на овие локални избори на ВМРО-ДПМНЕ се должи на успешната работа на градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ изминатите четири години, како и работата на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Христијан Мицкоски, кои ги поддржаа општините како никогаш досега.
Затоа, продолжуваме и понатаму со работа и со реализација на она што е ветено. Граѓаните го направија вистинскиот избор. Избраа работа, избраа проекти, избраа вистински луѓе на вистински места“, изјави Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Внимание, стаорците нема да чекаат втор круг избори“, предупредува Никола Пановски

„Вториот круг, заедно со рокот на жалби, предавањето на функцијата, нема да заврши пред 9.11.2025. За 18 дена, стаорците, па и глувците, може енормно да се размножат. Скопје веќе 20 дена е елдорадо за глодачите. Имаат достапна храна во изобилство. Излегуваат од подрумите, канализацијата и се хранат, се оплодуваат и за еден месец од секое животно ќе се создадат во просек по 10 младенчиња“, пишува на социјалните мрежи микробиологот Никола Пановски.
„Значи, и по евентуално чистење на градот за 72 часа по 20 дена, ќе имаме илјадници гравидни глодачи, кои на свет ќе донесат десетици илјади младенчиња. Можеби ќе имаме исчистен град, но глодачите ќе бидат многубројни и барајќи храна, ќе бидат крајно агресивни. Храната ќе ја бараат во нашите подруми и гаражи, а ако не ја најдат, ќе ни влезат дома“, вели Пановски.
Тој апелира до Владата веднаш да се прогласи вонредна состојба и да се почне со чистење на сметот.
„Министерство за здравство, Центар за јавно здравје, Институт за јавно здравје, Агенција за храна и ветеринарство, што правите, па вие сте платени да апелирате, да наредувате, да превенирате, не е тоа моја работа. Десетици платени специјалисти по хигиена, епидемиологија, микробиологија, ветеринари, каде сте? Воопшто не е важно дали сега е опортуно да молчите, да чекаме да се исполни ветувањето за 72 часа, аман веќе, побарајте итна акција од Владата, ако не ве слушаат, излезете на улица“, додава Пановски.