Култура
Објавена книгата „Стасај ме ако можеш“ од Васил Мукаетов
Неодамна, книгоиздавателството „Панили“ ја објави новата книга од еден од најактивните и најподуктивните македонски поети за деца изминативе години, Васил Мукаетов, насловена „Стасај ме ако можеш“.
И во оваа книга, Васил Мукаетов го задржува својот стил – авторски и содржински, пишувајќи за богатиот свет на современото дете. Содржината ја карактеризираат пет циклуси „Од час во час се нешто ново околу нас“. „Врв си е врв, гледај да си дома прв“. „Лево-десно. Со децата се е лесно“. „Татковината е вековина, татковината е траење, татковината се чува со разум и знаење.“ „На крајот-нешто ќе сториме за да се одмориме.“ Но, тие се читаат и како компонирана целина, тоа е воопшто и карактеристика на книгите на Мукаетов, коишто не се само збир на поетски текстови, туку секогаш се целина со концепт и со внатрешна архитектоника на делото.

„Треба да се посочи дека македонската литература за деца, во својот досегашен развој беше исклучително исполнета со рурална поезија и проза, која во сегашните услови на развојот на општеството и технологијата изгледа, за жал, застарена и стереотипна. Оттука, појавата на поетот за деца Васил Мукаетов и неговите дваесетина по многу нешта значајни книги, само ме уверува дека тој е авторот што го следи современото дете, со вистински очи и како рамноправен соговорник ја продолжува играта како слобода, а слободата ја поистоветува со постоењето на својот читател-детето. Едноставно, овој македонски поет за деца, се осмели, и со содржината на ракописот ја прошири границиата на поетските теми, суверено и доминантно внесувајќи го семејството како дел од севкупната психологија на постоењето на сите нас и на децата, притоа откривајќи нови поетски простори и елементи“, нагласува во рецензијата писателот, публицист и новинар, Мишо Китаноски.
Според Китаноски, основна карактеристика на поезијата на Мукаетов, вклучително и во книгата „Стасај ме ако можеш“ е непоредноста што ја воспоставува низ метафорите со своите читатели – децата, благиот хумор и шармантноста на лексичкиот, односно поетски јазик, толку потребен за сегашните деца.
„Кога кон ова ќе се додаде поетското откривање, воспевање на скриените нешта на семејството во градот, при тоа нудејќи му на читателот оригинален поетски приод и глас и станувајќи рамноправен соговорник кој низ стих ги принесува неговите чувства, тогаш имаме право да заклучиме дека пред нас е една оригинална поетска книга што ја збогатува македонската издавачка продукција“, истакнува Китаноски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Герасимовски: „Џез под ламба“ ги сплоти скопјани, незаборавна џез вечер и празнична магија во Центар
На пјацетата пред Италијанската амбасада граѓаните уживаа во музика, греано вино и печени костени.
Настанот „Џез под ламба“, во организација на Општина Центар, создаде пријатна празнична атмосфера, исполнета со џез верзии на познатите божиќни песни и стари шлагери во изведба на бендот на Мартина Елиора.
„Ме радува што настанов и годинава привлече голем број посетители. Овие радосни и среќни луѓе се доказ дека на градот му недостигаат вакви содржини. Џез под ламба прерасна во убава традиција, која ја збогати културната сцена во градот“, рече градоначалникот, Горан Герасимовски, кој заедно со скопјани уживаше во празничниот амбиент и џез атмосферата.
Герасимовски, ја искористи можноста да ги покани сограѓаните на централниот предновогодишен настан во организација на Општина Центар.
„Ги поканувам сите скопјани на 29 декември на големата предновогодишна забава “Вечер под ѕвездите” на Боемска улица! Преку ден подготвивме богата детска програма, а во вечерните часови музичка журка со Brass Brothers и Либеро бенд. Ветувам добра забава за сите генерации“, порача градоначалникот.
Култура
Почина Брижит Бардо
Француската актерка Брижит Бардо починала денеска на 91-годишна возраст, пренесе „Гардијан“.
Бардо, француска актерка и пејачка која стана меѓународен секс-симбол, а подоцна ѝ го сврте грбот на филмската индустрија и се посвети на борбата за правата на животните, починала во 91. година од животот.
Меѓународната слава ја стекна со филмот And God Created Woman од 1956 година, кој го напиша и режираше нејзиниот тогашен сопруг Роже Вадим. Во наредните две децении, Бардо беше олицетворение на архетипскиот „секс-симбол“. На почетокот на 1970-тите, таа објави дека се повлекува од глумата и стана сè поактивна во јавниот и политичкиот живот.
Нејзината отворена поддршка за правата на животните со текот на времето беше проследена и со контроверзни изјави за етничките малцинства и јавна поддршка на францускиот крајнодесничарски Национален фронт, поради што беше осудувана за расна омраза.
Родена во 1934 година во Париз, Бардо пораснала во богато, традиционално католичко семејство. Како талентирана танчерка, ѝ било дозволено да студира балет и добила место на престижниот Париски конзерваториум. Паралелно работела како манекенка и во 1950 година, на само 15 години, се појавила на насловната страница на списанието „Ел“.
Манекенската кариера ѝ ги отворила вратите кон филмот, а на една аудиција го запознала Роже Вадим, за кого се омажила во 1952 година, откако наполнила 18 години. По неколку помали улоги, се истакна и во филмот Doctor at Sea од 1955 година, кој беше голем хит во Велика Британија.
Филмот And God Created Woman, во кој ја играше улогата на ослободена тинејџерка во Сен Тропе, го зацврсти нејзиниот имиџ и ја претвори во светска икона. Филмот доживеа голем успех во Франција и во светот и ја лансираше Бардо меѓу најголемите француски филмски ѕвезди.
Во 1960-тите години, Бардо се појави во низа значајни француски филмови, меѓу кои The Truth на Анри-Жорж Клузо, номиниран за Оскар, Very Private Affair на Луј Мал и Contempt на Жан-Лик Годар. Подоцна прифати и холивудски понуди, како Viva Maria! и вестернот Shalako со Шон Конери.
Во интервју за „Гардијан“ во 1996 година, Бардо изјави дека притисокот од славата го доживувала како товар, велејќи дека никогаш не била подготвена за живот на ѕвезда. Од глумата се повлече во 1973 година, на 39-годишна возраст. Потоа целосно се посвети на активизмот за заштита на животните, учествуваше во протести против ловот на фоки и во 1986 година ја основа Фондацијата „Брижит Бардо“.
Култура
(Видео) Музичка вечер посветена на Зафир Хаџиманов на годишнината на КИЦ Белград
Македонскиот КИЦ во Белград во петокот ја заокружи првата година од своето постоење со вечер посветена на бардот на македонската и на српската култура, Зафир Хаџиманов.
Во едно исклучително емотивно музичко дружење со неговите најблиски, синот Васил Хаџиманов и легендарната Бисера Велетанлиќ, бројната белграска публика на глас ги пееше големите хитови на Зафир и Бисера, а со долги аплаузи беа поздравени бравурозните интерпретации на Васил Хаџиманов на неколку обработки на традиционални македонски песни, но и неговите теми, „Охрид“ и „Сланкамен“.
Премиерно, во чест на својот татко, Васил ја испеа и првата голема фестивалска песна на Зафир Хаџиманов, „Човјек као ја“, која во далечната 1965 година ја компонира Арсен Дедиќ.
На семејството Хаџиманови, директорот на КИЦ Белград Васко Шутаров му подари неколку раритетни фотографии кои никогаш не биле јавно презентирани, изработени од некогаш познатиот фотограф Иван Иванов.
Овој проект инициран и организиран од КИЦ Белград е поддржан и помогнат од Министерството за култура и туризам.

