Македонија
Пожари во Чучер Сандево, Прилеп, Македонски Брод, Дојран, Тетово – тестиран системот за масовно известување

До утрово, во земјава се евидентирани вкупно 38 пожари на отворен простор. Од нив, седум се активни, четири се ставени под контрола, а преостанатите 27 се целосно изгаснати.
Активни пожари се бележат на повеќе локации низ државата, вклучувајќи го подрачјето меѓу селата Блаце и Горњани во општина Чучер Сандево, каде гори шумска површина. Во општина Прилеп, во месноста Бешишки Рид кај селото Бешиште, пожарот зафатил приземен дел од мешана шума. Во општина Македонски Брод активни се два пожара – едниот помеѓу селата Црешнево и Локвица каде гори деградирана дабова шума и грмушки, а другиот во село Крапа, каде се зафатени нискостеблести шумски површини. Пожар е активен и во село Николич, општина Дојран, со истиот тип вегетација. Во општина Чашка, под Солунска Глава, помеѓу изворите на реката Бабуна и локалитетот Бабина Дупка, се забележува чад на карпест терен. Дополнително, во општина Тетово, во близина на бензинската станица Окта Петрол, активен е пожар на земјоделска површина.
Во текот на вчерашниот ден, граѓаните добија СМС порака за прогласена кризна состојба поради пожарите, со известување за забрана за движење во шумите. Од Центарот за управување со кризи појаснија дека станува збор за тест-порака, испратена со цел да се провери системот за масовно известување на населението во случај на кризни ситуации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во Кочани нема да има концерт за Петровден, Крстевски го откажа на барање на родителите на загинатите деца во „Пулс“

Откажан е музичко забавниот дел од програмата за одбележување на Петровден, празникот на градот Кочани. Ваква одлука вчера донесе в.д. градоначалникот, Венко Крстевски, откако родителите на загинатите во трагедијата од 16 март годинава се собраа пред сцената во Паркот на Револуција, каде требаше да запчне концерт со настап на повеќе бендови. Тие поставија фотографии на своите деца и запалија свеќи.
Животот продолжува, но трагедијата во дискотеката „Пулс“ нè остави во заложништво на болката, особено за родителите кои живеат со страв и загуба. Откажувањето на музичкиот дел од денешниот и утрешниот настан не требаше да се случи – не затоа што не ја почитуваме тагата, туку затоа што нашата обврска е да се грижиме за сите, да го вратиме нормалното секојдневие и да покажеме дека заедништвото се гради со храброст и заедничка работа, а не со запирање на животот, стои во соопштението на в.д. градоначалникот Крстевски.
Претходно, родителите на загинатите во дискотеката „Пулс“ во пресрет на Петровден писмено се обратија до него со барање да се одложи музичко-забавниот дел од програмата.
Македонија
Гужви на Богородица за влез во Грција

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
На ГП Табановце за влез во државата и ГП Богородица за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 15-20 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.
Македонија
Денес сонце и температури до 36 степени

Сончево и потопло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 18, а максималната ќе достигне од 29 до 36 степени.
Во Скопје, сончево и потопло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 35 степени.
Следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.