Македонија
Герасимовски: Македонската музика повторно на сцената во Центар, пријави се за „Нешто што ќе остане“

Музичкиот хепенинг „Нешто што ќе остане“ и оваа година останува заштитен знак на културната сцена во Центар.
За реализација на овој проект, чија цел е афирмација на македонската музика и домашните изведувачи, Општина Центар објави Јавен повик со вкупен буџет од 1.840.000 денари.
„И оваа година ветуваме добар ритам, позитивна енергија и изведувачи кои вреди да се слушаат. Под отворено небо, во Паркот на франкофонија сите заедно ќе уживаме во македонскиот звук“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Организаторите треба да понудат четиричасовна програма со реномирани македонски бендови, соло изведувачи или забавни групи, и водител со соодветно искуство за ваков вид настани. Дополнително, потребна е и целосна техничка и логистичка поддршка за концертот.
Право на учество имаат регистрирани здруженија, организации и правни субјекти со седиште во Општина Центар – Скопје, кои делуваат во областа на културата, уметноста и маркетингот.
Рокот за пријавување е 7 дена од денот на објавување на повикот.
Апликациите се поднесуваат лично во Архивата на Општина Центар или по пошта, на адреса: Општина Центар – Скопје, Сектор за јавни дејности / Одделение за култура, ул. „Михаил Цоков“ бр.1, 1000 Скопје.
Датумот на одржување на „Нешто што ќе остане“ ќе биде дополнително објавен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче бара итни мерки: прегледи за жителите, анализи на воздух и почва, поширока безбедносна зона

Претседателот на СДСМ и поранешен министер за здравство, Венко Филипче, ја оцени ситуацијата по вчерашниот пожар во Трубарево како сериозна и упати конкретни барања до институциите за итно дејствување. Тој истакна дека ваквите кризни настани бараат одговорна, транспарентна и координирана реакција, а не политички спинови и конфузни пораки.
„Граѓаните имаат право да знаат што дишат и што внесуваат во организмот, но и да бидат заштитени од државата. Тоа е нивно основно човеково право, а должност на институциите е да им го обезбедат“, посочува Филипче.
Тој потенцираше дека одговорноста не завршува со гаснење на пожарот, туку дури почнува со справувањето со последиците, кои како што рече можат да бидат долгорочни и опасни по здравјето.
„Јавно барам да се овозможи медицински преглед за сите жители во и околу Трубарево, особено за оние кои биле директно изложени на чадот и токсичните гасови“, изјави тој. Дополнително, побара и лабораториски анализи на воздухот, почвата и водата со јасен фокус на диоксини, тешки метали и HF остатоци, но подвлече дека тие резултати мора да бидат транспарентно објавени.
Филипче посочи и на потребата од обезбедување психолошка поддршка за жителите и пожарникарите кои биле на лице место. „Не можеме како држава да ги оставиме сами со траумата“, нагласи тој.
Претседателот на СДСМ укажа дека воспоставената безбедносна зона од 400 метри е недоволна, и предложи таа да биде проширена на периметар од 500 до 2.000 метри. Во тој радиус, рече тој, мора да се воспостави јасен протокол кој ќе вклучува затворање на училишта ако е потребно, дистрибуција на маски, ограничување на движењето, како и активирање на јавен систем за предупредување преку СМС пораки и локални медиуми.
„Очекувам да бидат поставени мобилни мерни станици кои ќе го мерат загадувањето во реално време, особено по правците на ветерот“, додаде Филипче. Тој исто така предупреди на потребата од долгорочно следење на квалитетот на почвата и водата, информирање на населението дали може да ги користи земјоделските производи, како и дали ќе биде потребна дезинфекција на јавни површини.
На крајот, побара целосна истрага за причините за пожарот. „Потребна е истрага за тоа што точно се случи, зошто немало контрола, каде затаиле протоколите и кој ќе понесе одговорност“, рече Филипче, потенцирајќи дека „наместо конфузни изјави и политички спинови, луѓето очекуваат одговори и решенија“.
Македонија
Обвинителство чешла документи, Армијата мери токсини по пожарот во Трубарево, се чека и на резултатите од министерството на Меџити

Во врска со големиот пожар што зафати магацински објекти во селото Трубарево, Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека презеле дејствија за утврдување на фактите и обезбедување на докази за понатамошната постапка.
Јавниот обвинител упати барање до Началникот на Генералштабот на Армијата за ангажирање на Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана. Припадниците на единицата со специјални инструменти извршија мерења и детекција на хемиска и токсична контаминација на воздухот со гасови и честички кои се ослободуваат од пожарот.
Првичните резултати од мерењата веќе се доставени до обвинителството. Од Обвинителството образложија дека се работи за истите резултати кои синоќа ги презентираше министерот Панче Тошковски, и врз основа на кои на жителите од Трубарево им беше препорачано да го напуштат живеалиштето. Според овие резултати, во непосредна близина до 150 метри на центарот од огнот регистрирано е високо ниво на штетни супстанци и е високоризично. До 200 метри е средно ниво на опасност, а на оддалеченост до 400 е ниско ниво на опасност.
Покрај тоа, се очекуваат и резултати од надлежните служби при Министерството за животна средина, кои ќе дадат дополнителни податоци за степенот на загаденоста.
Обвинителството издаде наредби за прибирање на целокупната документација за работата на компанијата во чии магацини настана пожарот. Во наредниот период, откако ќе се обезбедат информации за видот на складираните материјали, ќе биде наредено и вештачење за да се утврди видот на контаминацијата и последиците врз животната средина.
Моментално, во опожарениот објект не постојат услови за увид на лице место поради опасноста, а полициските службеници и натаму го ограничуваат пристапот на сите неовластени лица и лица без соодветна заштитна опрема.
Македонија
(Видео) Се’ уште чади во Трубарево преку песокот со којшто е затрупан отпадот, спречено е ширење на пожарот

Благодарение на брзата и координирана акција на скопските пожарникари, спречено е ширење на големиот пожар што вчера избувна во Трубарево, во магацини со пластичен и електронски отпад, изјави утрово директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Како што рече, со навременото делување спасени се четири објекти, но и голема количина на пластичен отпад до која не дошол огнот.
И покрај тоа, чадењето сè уште е присутно од под песокот со кои се затрупани литумските батерии. Пожарникарите во моментов работат на навлажнување на песокот за целосно догаснување, со оглед на тоа што ваквиот вид отпад е исклучително тежок за гаснење, рече Ангелов.
Паралелно, околу 2:30 часот по полноќ, екипи на скопската противпожарна бригада интервенирале и на депонијата Дрисла, каде биле забележани пламени јазици. Се работело за испарување на гас, а брзата интервенција спречила опасност пламенот да го зафати главниот дел од депонијата.
„Состојбата во Дрисла е стабилна, продолжуваме со агресивно затрупување на преостанатиот дел, бидејќи најмалку половина од местото што гореше вчера е веќе покриено. Дел од механизацијата беше пренасочена во Трубарево,“ изјави Ангелов.