Македонија
„Истрага за полициските службеници што не го спречиле нападот врз градоначалничката Арсовска“, бара Хелсиншкиот комитет
Хелсиншкиот комитет за човекови права најостро го осудува физичкиот и вербалниот напад врз градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, што се случи денеска на Бит Пазар за време на службен увид во нелегален градежен објект.
„Особено загрижувачки е фактот што нападот се случил пред очите на полициски службеници, кои, според изјавата на градоначалничката, не презеле соодветни мерки за нејзина заштита, и покрај сериозните закани по нејзиниот живот и безбедноста на нејзиното семејство.
Според сведочењето на Арсовска, напаѓачот ѝ се заканувал со силување и убиство на нејзините блиски, а потоа и физички ја нападнал, удирајќи ја со клоци. Наместо итна интервенција и заштита, полицајците кои биле присутни на лице место, наводно, не реагирале соодветно, дозволувајќи толпата да продолжи со навреди, физички напади и закани“, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
„Овој напад е уште еден алармантен пример за ризиците со кои се соочуваат жените во јавниот живот – насилство, навреди, закани, клевети и институционална незаинтересираност.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека се приведени двајца напаѓачи. Но нема информации за мерки против полициските службеници кои биле присутни на местото на настанот.
Оттука, Хелсиншкиот комитет за човекови права бара:
· Итна и независна истрага за случајот,
· Одговорност за полициските службеници кои не постапиле соодветно на местото на настанот,
· Кривично пријави против сторителите и соодветна постапка против нив,
· Обезбедување ефективна и итна заштита за градоначалничката и другите службени лица кои биле нападнати.
· Осуда на нападот од страна на сите политички и општествени чинители.
Одделот за внатрешна контрола,криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР итно да го разгледа (не)постапувањето на полициските службеници и да преземе соодветни дејствија и мерки против нив
Дополнително, ги повикуваме сите надлежни институции во овој случај да дејствуваат итно и одговорно. Непостапувањето на институциите во случаи на очигледно насилство не само што ја охрабрува културата на неказнивост, туку директно го загрозува владеењето на правото и демократијата“, се наведува во соопштението на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

