Македонија
(Видео) СДСМ до Јаневска: Дали може мирно да спиете знаејќи дека учениците со попреченост на 1 септември нема да го имаат својот образовен асистент до себе
„ВМРО-ДПМНЕ го партизира секој сегмент од општеството, дури и онаму каде што најмалку треба да има политика- во образованието. Ова е опасен, свесен и систематски напад врз она што треба да биде темел на едно праведно и хумано општество. Денес повторно сме сведоци на нов скандал на Владата на ВМРО-ДПМНЕ со партиски вработувања – овојпат ударот е директен кон најранливите – ги одземаа образовните асистенти на учениците со попреченост“, вели Розалија Ангелковска, членка на Комисијата за образование и наука на СДСМ.
„Минатогодишниот скандал со доцнењето во процесот на ангажирање на образовни асистенти оваа година го надградија со уште поголем скандал – постоечките асистенти ги заменија со нови партиски вработувања.
Четири години образовните асистенти професионално работеа со учениците со попреченост во училиштата – но сега се заменети со лица чиј единствен „квалификатив“ е партиката припадност.
На последниот оглас тие ни ги добија потребниот број на поени, кои се добиваат врз основа на досегашното работно искуство, за да добијат нов работен ангажман.
Јавно ја прашуваме министерската Јаневска – дали имате малку свест и дали може мирно да спиете знаејќи дека учениците со попреченост на 1 септември нема да го имаат својот образовен асистент до себе – лицето на кое што му веруваат, лицето со кого го минуваат денот во среќа и лицето со кои напредуваат во образованието.
Дали министерке знаете каква штета им нанесувате на овие деца и на нивните родители?
Вие, министеркe, заедно со вашата партија, наместо да ги решавате проблемите, вие создавате нови. Очгледно не ви е важен образовниот процес на овие деца. Важно ви е по секоја цена зголемувањето на вашата партиска војска.
Ако навистина се грижевте за овие семејства, ќе носевте закони и политики што ги штитат. Но вие менувате правилници за да им ја отворите вратата на нови партиски вработувања. Пред само еден месец го сменивте Правилникот за норматив за образовни асистенти, опис на компетенции и работни задачи, и сега веќе не се вреднува работното искуство, знаењето, обуките на постоечките асистенти, туку се вреднува нешто друго, можеби партиските книшки.
Ова е вистинската слика на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, го руши дигнитетот и авторитетот на вработените во образованието. Секогаш кога се на власт,најмногу страдаат оние кои најмалку треба да бидат повредени: децата.
СДСМ како одговорна партија бара итна ревизија на огласот за образовни асистенти и враќање на професионалците кои четири години се столбот на инклузивното образование. Бараме целосна департизација на образовниот систем и враќање на достоинството на наставниците, професорите и стручните кадри.
Образованието мора да биде натпартиска и надетничка тема.Се работи за нашата иднина. Нема да дозолиме враќање во црни времиња каде што политичките интереси ја газат човечката вредност“, изјави Розалија Ангелковска, членка на Комисијата за образование и наука на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево со мала до умерена облачност, во наредните денови стабилно и студено со ниски утрински температури
Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарјето засилен ветер од северен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 1, а максималната ќе достигне од 4 до 10 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Во наредните денови следува период на стабилно и студено време со ниски утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни. Во првите денови од следната седмица наместа ќе се спуштат до -10 степени. Во деновите од викендот ќе дува засилен до силен северен ветер (локално над 60 km/h).
Македонија
Бадниковата манифестација на 6 јануари: централниот настан ќе се одржи на плоштадот „Македонија“
На денешната прес-конференција, одржана од страна на Здружението „Бадникови поворки“ пред Божикната пештера на Плоштадот „Македонија“ во Скопје, беа објавени главните активности што ќе ја одбележат овогодишната Божикна манифестација, по која Македонија стана препознатлива и надвор од своите граници.
На почетокот на прес-конференцијата, координаторите на Здружението го изразија своето задоволство што, во време кога сè почесто се зборува дека вниманието на децата и младите е сè пократко, а вредностите се потиснати од брзиот ритам на живеење, токму Бадниковите поворки сведочат за спротивното. Податоците покажуваат дека интересот и учеството континуирано растат, а годинава повторно се најавува рекорден одѕив.
Според информациите кои пристигнуваат од повеќе од 80 општини и населени места низ Македонија, како и од македонската дијаспора во Италија, Австрија, Словенија и Соединетите Американски Држави, годинава се очекува уште поголемо учество и вклученост. Со тоа, Бадниковите поворки уште еднаш го потврдуваат својот карактер како манифестација што преку трајните, суштински животни вредности го обединува народот и ги поврзува генерациите.
Посебно беше истакнато дека денес веќе не е потребно дополнително да се поттикнуваат општините за организирање работилници, изработка на божикни ѕвезди, проби или хуманитарни активности – тие активности веќе станаа природен дел од празничното живеење.
Во таа насока, беше изразена благодарност до Министерството за култура, Град Скопје и сите општини кои континуирано ја поддржуваат манифестацијата и придонесуваат таа да стане препознатлива не само во земјата, туку и во регионот.
Оваа година, посебен акцент се става на збогатување на програмата, уште посилно приближување до децата и младите, како и создавање простор за најранливите категории граѓани. Во рамките на активностите, веќе се реализираат посети на домови за стари лица, каде што се организираат читања на божикни приказни, пеење божикни песни како и низа хуманитарни акции.
Планирани се и флеш-моб активности, предводени од Дарио Стојановски и млади музичари, кои ќе внесат радост и топлина во секојдневието, кога динамиката и бремето на животот често ја потиснува празничната атмосфера.
На прес-конференцијата беше претставено и иновативното решение на графичкиот дизајнер Ангел Мицевски, кој повеќе години работи на развој на трајна божикна ѕвезда – симбол на Витлеемската ѕвезда.
Дополнително, претставен беше и уметнички магнет, изработен од уметникот Драган Китановски – Драш, кој семејствата ќе го понесат како симболичен подарок од овогодинешните Бадникови поворки.
Круна на целокупната програма ќе биде големата Бадникова манифестација на 6 јануари, која ќе опфати повеќе од осумдесет градови и населени места во земјата и дијаспората. Централниот настан ќе се одржи на плоштадот „Македонија“, каде што, по завршувањето на бадниковата поворката што од 12:00 часот ќе тргне од Музејот на Град Скопје кон Божикната пештера на Плоштад „Македонија“, ќе биде изведена Божикната авантура – голема музичко-сценска изведба со учество на повеќе од 40 актери, музичари, пејачи.
По изведбата во Скопје, мјузиклот ќе биде прикажан и во Кочани, каде што потребата од надеж, поддршка и светлина е особено силна.
Здружението „Бадникови поворки“ ги повика сите заинтересирани граѓани и медиуми редовно да ги следат информациите што секојдневно ќе бидат споделувани на официјалните профили на Здружението на социјалните мрежи и веб-страницата www.badnikovipovorki.mk
Македонија
По случајот со починатото новороденче на ГАК, Комисијата за стручен надзор констатирала дека реанимациската постапка е спроведена по протокол
Комисијата за стручен надзор за случајот со починатото новороденче на ГАК констатирала дека реанимациската постапка е спроведена по протокол, соопшти Министерството за здравство.
По извршениот надзор за случајот со починатото новороденче на Клиниката за гинекологија, Комисијата за стручен надзор има донесено заклучоци, соопштија од таму.
„Врз основа на целокупната медицинска документација, исказите на медицинскиот персонал и обдукцискиот наод, Комисијата за стручен надзор заклучи дека се работи за предвремено новороденче, со тешка конатална инфекција, респираторен дистрес и нарушена белодробна функција поради незрелото белодробие и инфламаторен процес во рамки на инфекција, со наод на спонтан, парцијален пнеумоторакс, радиолошки верифициран во првите часови по раѓањето.
Поради тежината на состојбата и посочените ризици новороденчето е поставено на механичка вентилација четири часа по раѓањето и поради конатална инфекција веднаш е поставено на антибиотска терапија.
Во текот на лекувањето е индицирана промена на антибиотската терапија со оглед на лабораториските наоди во прилог на септична состојба .
Поради влошување на состојбата било индицирано реинтубирање од дежурен лекар поради појава на масивен десностран пнеумоторакс, итно е поставен торакален дрен и уредно е спроведена реанимациска постапка по протокол“.

