Македонија
„Влен“: За еден ден, оваа влада направи повеќе за Албанците отколку ДУИ за цел мандат
Во еден единствен ден, вчера Владата во која „Влен“ е рамноправен партнер донесе повеќе одлуки од суштинска корист и значење за Албанците во државата отколку што која било влада на ДУИ успеала да донесе во цел еден мандат, велат од „Влен“.
Во партиското соопштение се наведува дека овие резултати се доказ дека кога Албанците се вистински застапени на масата за одлучување, ветувањата стануваат дело, а декларациите – конкретни подобрувања во секојдневниот живот.
„Ние сме во Влада за да покажеме конкретни резултати за Албанците во Македонија.
Вчера беа донесени следните одлуки:
1. Закон за средни училишта на верските заедници.
За прв пат исламското средно училиште, Медресето “Иса Беу” Скопје добива јасен правен статус, чекор што ДУИ го ветуваше, но никогаш не го оствари.
2. Нов Закон за игрите на среќа
Коцкарниците и кладилниците се дислоцираат далеку од младите луѓе. Оваа мерка штити млади животи и семејни буџети од зависност, тема на која ДУИ молчеше со години.
3. 205 милиони евра за здравствена инфраструктура, каде е предвидено и:
Целосна реконструкција на Клиничката болница во Тетово
Градба на нова болница во Кичево
Инвестиции што ќе обезбедат достоинствено лекување таму каде што живее мнозинството албанско население.
4. 110,5 милиони денари за нов водовод во Љуботен и Љубанци (Општина Бутел)
Долгоочекуваното решение за чиста вода во предел каде што живеат многу албански семејства конечно станува реалност, наместо политичка флоскула.
5. Санација на спортски терени во сите населени места
Создаваме здрави услови за младите, мотивирајќи ги да изберат спорт, а не пороци, нешто што децении беше оставено во запуштеност.
ВЛЕН вети работа, донесе резултати. За еден ден постигнавме повеќе конкретни добивки за Албанците отколку што ДУИ испорача за цел мандат. ВЛЕН ќе продолжи со истото темпо: реални промени, видливи за секое семејство, во секое населено место“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

