Македонија
Повик за зелени претприемачи: натпреварот „Зелени идеи 2025“ е отворен
АРНО го отвори повикот за 11-тото издание на националниот натпревар „Зелени идеи“, кој ќе трае до 27-ми август 2025 година. И оваа година се повикуваат сите кои имаат иновативна идеја или веќе постоечки зелен бизнис да се пријават и да се натпреваруваат за поддршка на нивната зелена идеја. Секоја година, тројца претставници од секоја земја се натпреваруваат на регионално ниво, за финансиска поддршка од 10.000 или 5.000 долари.
Натпреварот во Македонија, 11-та година по ред, го организира АРНО, со поддршка од МКА2000 (вредносни ваучери за консултантски услуги од сертифицирани консултанти), Македонија 2025 (бесплатна регистрација на Connect2MK и менторски услуги) и Стопанската комора на Северо-западна Македонија (двегодишно бесплатно членство). На тројцата национални победници, АРНО ќе додели ваучер за полугодишно користење на ChatGPT Plus.
Во изминатите десет години, преку регионалните награди се инвестирани над 100.000 американски долари во македонски зелени бизниси. Натпреварот ги поддржува оние идеи кои имаат потенцијал да донесат еколошка и социјална вредност, како и економска одржливост. Идеите може да бидат од најразличен карактер: агро-бизниси со локална храна, производство на песто од македонски босилек, тури за набљудување птици, еко-понуди за туристи, дигитални решенија (пример, за споделување превоз), иновации со еко-производи или решенија што претвораат отпад во корисни предмети. Минатата година, регионална награда доби македонски изум – мобилен шпорет за готвење во природа.
Натпреварот е отворен за сите граѓани кои сакаат преку својата идеја или постоечки бизнис да придонесат за одржлива иднина и локален развој. Особено се охрабруваат луѓе од рурални средини, млади, жени и сите кои работат на иницијативи што ги поврзуваат зелената економија и социјалното претприемништво.
„Во време кога светот се соочува со климатска криза, енергетска несигурност, економска нестабилност и војни, зелените идеи не се елитизам, туку потреба. Свесни сме дека е лето, но токму температурите и климатските промени нека потсетат дека нема простор за опуштање. Време е да се работи, да се сака земјата – не со зборови, туку со дела. Поднесете пријава. На Македонија ѝ требаат зелени решенија, и мали и големи. Сега – повеќе од било кога.“ – Ирина Јаневска од АРНО.
Пријавувањето се врши преку пополнување на онлајн формулар, достапен на веб-страницата www.zeleniidei.mk. За сите заинтересирани, АРНО ќе организира информативна работилница со цел разјаснување на процесот и дополнителна поддршка при аплицирањето.
АРНО го администрира националниот натпревар „Зелени идеи“од 2105-та година и се гордее што досега земјата има регионални победници и вкупна инвестиција од 100 000 долари за развој на зелени бизниси во земјата: Првата кооператива на органски потрошувачи „Наша добра земја“ (2015), инцијативата за репарирање на стар мебел која прерасна во мал бизнис воден од архитектката Марта Мојсова – „СПИН“ (2016), платформата за продажба на евтини оброци „Храна за сите“ (2017), едукација преку илузионистички еко-пораки „Грин меџик продакшн“ (2017) „ Био смарт ориз“ производство на ориз на одржлив начин (2019), „Challenger“ мобилна
апликација која ги наградува граѓаните за одење пеш (2019) , „Вајс адитив“ зелен бизнис кој произведува прехранбен адитив со преработка на комиње (2020), младинското социјално претпријатија „О-круг“ – производство на ароматизери и масла од отпадни кори од портокал (2021), Ве Дог Фуд (2022) пилотираше „Инсект соба за производство на протеин за исхрана на животни“, Мирјана Јософоска- моден бренд кој употребува остатоци од текстил за производство на шапки и модни додатоци (2023) и Трајче Рушев кој е иноватор на пренослив шпорет за готвење во природа (2024). Секој од победниците добива подршка од 10.000 долари или 5.000 долари (во зависност од категоријата во која се натпреварува) за имплементација на зелената бизнис идеја, при што АРНО учествува во мониторинг и евалуација на процесот, и врши дополнително поврзување со други поддржувачи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

