Македонија
Средба Мисајловски – Пирс во Лондон: македонско-британската соработка во одбрана на највисоко ниво, придонесот кон регионалната безбедност прв приоритет
Македонскиот министер за одбрана Владо Мисајловски кој е во работна посета на Обединетото Кралство, утрово се сретна со специјалната претставничка за Западен Балкан, дама Карен Пирс со која разговараше за стабилноста и безбедноста на регионот, геополитичките предизвици и развојот на одбранбената соработка помеѓу двете сојузнички земји.
„Обединетото Кралство го сметаме за еден од најсилните и најважните сојузници во Алијансата. Нашата одбранбена соработка е исклучително силна и видлива, особено преку големиот број заеднички активности и британската поддршка во развојот на одбраната и Армијата“, рече министерот.

Мисајловски се осврна и на регионалната безбедност, за која рече дека е „исклучително важна во време на сериозни геополитички предизвици“, потврдувајќи дека македонската Армија ќе продолжи да дава свој придонес во мисијата на НАТО на Косово, КФОР. „Како еден од столбовите на регионалната сигурност, остануваме целосно посветени на учеството на Армијата во оваа мисија“, потврди тој.
Во рамки на посетата, министерот Мисајловски заедно со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцински остварија средба и со парламентарниот државен потсекретар и министер за услуги, мали бизниси и извоз во Министерството за бизнис и трговија на Обединетото Кралство, Гарет Томас со кого разговараа за можната идна соработка во доменот на наменското производство, имајќи ја предвид заедничката декларација од Самитот на НАТО во Хаг, каде сојузниците се обврзуваат да ја зајакнат соработката во доменот на одбранбената индустрија и развојот на нови и напредни технологии.

Во поддршка на оваа цел министерот Мисајловски оствари средби со повеќе владини органи во Агенцијата за извоз и финансирање на Владата на Обединетото Кралство кои работат на полето на сајбер безбедноста, финансирање и поддршка на проекти, развој на нови и напредни технологии во делот на одбранбената индустрија и во делот на набавките.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Сарај и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09:00 до 14:00 часот, дел од корисниците од село Буковиќ, горниот дел (општина Сарај);
во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците на улицата Струшка (општина Карпош).
Македонија
Апасиев: Следната недела ќе закажам посебна седница за трагедијата во „Пулс“
„Како претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот во Собранието на РМ, следната недела планирам да ја закажам посебната комисиска седница на која ќе се разгледува добиената Претставка од „Здружението 16 Март“ на родителите од Кочани, на која ќе се расправа за изнесените наводи поврзани страшната трагедија во дискотеката „Пулс“. На седницата официјално ќе бидат поканети и претставници на подносителите“, напиша на социјалните мережи пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев.

За време на саботниот „Марш на ангелите“ во Скопје, семејствата на загинатите во „Пулс“ побараа пратениците да иницираат надзорна расправа и посебна анкетна комисија за целосно и независно испитување на случајот.
Македонија
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), локално со услови за невреме со засилен ветер (над 60 km/h) и појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 13 до 18 степени.
Во Скопје, облачно со повремени врнежи од дожд, во делови од котлината повремено пообилни. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на серија влажни воздушни бранови до крајот на седмицата следува период на променливо облачно и релативно топло време со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни, локално со услови за невреме со засилен ветер (над 60 km/h) и ретки грмежи. Во текот на 24 часа се очекува да наврне поголема количина дожд (над 30 l/m2). Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец.

