Македонија
АСОМ: Итно стопирање на законот за игри на среќа – 10.000 луѓе остануваат без работа
Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) најостро реагира на Предлог на Закон за игрите на среќа и за забавните игри, кој Владата го усвои вчера, и бара истиот веднаш да се стопира и да не се проследува до Собранието. Донесувањето на ваков закон по скратена постапка, без вклучување на засегнатите страни и без јавна расправа, претставува повторување на катастрофалниот пристап кој го имаше и претходната влада.
За жал, владејачката коалиција предизборно калкулира и за евтини политички поени во своите математики ја вклучи и индустријата за игри на среќа, која е најрегулираната гранка во државата.
Со овој предлог-закон се загрозуваат над 10.000 директни работни места и повеќе од 50.000 индиректни во индустрии поврзани со игрите на среќа, а државниот буџет ќе изгуби повеќе од 280 милиони евра годишно. Ова ќе значи уништување на целата легална индустрија заради краткорочни политички поени пред избори.
Овој закон не само што нема да ги заштити граѓаните од евентуални штетни последици од игрите на среќа, туку целосно ќе ги стави во ризик. Со затворање на легалната индустрија, преку ноќ ќе се отворат стотици нелегални казина и обложувалници, како што тоа беше во деведесеттите. Овој закон целосно ја дерегулира една од најрегулираните индустрии во државата, ги става играчите во ризик и ја враќа државата години наназад.
Прво, овој предлог-закон предвидува оддалечување од 500 метри на објектите за игри на среќа од училиштата, исто како и претходниот закон. Ова во пракса значи затворање на објектите и ништо друго. Понатаму, факт е дека никаде во светот ваков закон не постои, ниту има докази дека тоа ќе значи некаква заштита за малолетниците. Индустријата е целосно регулирана и тие не смеат да играат и не играат во објектите.
Со законот се предвидуваат давачки кои се целосно нерационални и спротивни на пазарната логика и кои исто така не постојат на ниту еден регулиран пазар во Европа и светот. Ако власта се надева дека на овој начин ќе успее да го наполни буџетот — многу се лаже. Законот ќе предизвика затворање на објектите, а приходот на државата драматично ќе се намали или целосно ќе се изгуби.
АСОМ остро се спротивставува на предложената законска измена со која се монополизира приредувањето на интернет игри на среќа и со која исклучиво право за нивно приредување ѝ се доделува на државата.
Државата јасно и недвосмислено воспоставува монопол врз приредувањето на интернет игрите на среќа, целосно исклучувајќи ги лиценцираните приредувачи, кои нема да можат да добијат право да приредуваат посебни игри на среќа преку интернет.
Покрај крајно монополистичките тенденции на Владата, оваа одредба е спротивна на наводните заложби дека интернет обложувањето ќе биде целосно спречено. Тоа не се спречува, туку сега ќе си го контролира само Владата и нивните претставници, на сметка на приватниот сектор.
Принудната дислокација на нашите објекти, забраната за приредување игри на среќа на интернет за лиценцираните приредувачи, неоснованото зголемување на давачките и надоместоците, како и одредбите што директно навлегуваат во правната сигурност на веќе издадени лиценци ќе значат практично затворање на легалната индустрија.
Преку ноќ 10.000 луѓе ќе останат без работа, а дополнителни 50.000 работни места ќе бидат во ризик. Затворањето на легалната индустрија ќе значи и силен удар врз пазарот на недвижности, каде повеќе од 800 објекти ќе останат празни, а сега се под закуп.
И сè ова ќе се случи, а граѓаните нема да бидат заштитени, напротив, ќе бидат во ризик да играат во диви казина и обложувалници, ќе порасне значително криминалот, а безбедноста на играчите ќе биде загрозена.
Ја информираме јавноста дека АСОМ со сите расположливи капацитети и ресурси ќе се бори против штетниот закон кој ги става граѓаните во ризик и уништува легална индустрија на сметка на нелегалната. Не исклучуваме и масовни протести ако Владата не покаже слух и не го повлече законот за заеднички да седнеме на маса и донесеме функционален и европски закон, нешто што АСОМ со години го бара.
За крај прашуваме јавно:
Дали целта е да се отвори пат за нелегалниот бизнис од кој страдаше државата во минатото?
Дали целта е да се монополизира индустријата од страна на поединци во Владата на сметка на приватниот сектор, со што ќе страдаат илјадници вработени?
Дали Владата знае и е свесна дека законот во оваа форма нема да ги заштити граѓаните, туку ги става во ризик?
За крај, прашањето е кој има интерес од ваквиот закон, кој еднаш беше отфрлен како штетен и погубен, и зошто се повторуваат рестриктивните практики кои никаде во светот не се покажале како успешни.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел обезбеди еднократна финансиска помош за ранливи категории граѓани
Општина Бутел и оваа година обезбеди средства за исплата на еднократна финансиска помош за најранливите категории на граѓани.
Како што информираат од Општината, финансиската поддршка е дел од програмата за социјална заштита за 2026 година и произлегува од изборната програма на градоначалникот Дарко Костовски, која континуирано се спроведува веќе пет години.
Поддршката е наменета за граѓани со здравствени проблеми, како и за сите други ранливи категории граѓани. Од Општина Бутел истакнуваат дека оваа мерка претставува подадена рака и исполнување на дадените обврски кон граѓаните.
Во соопштението се наведува дека градоначалникот останува посветен на креирање политики кои обезбедуваат заштита на најранливите категории, како и создавање средина со еднакви можности за сите граѓани, при што се нагласува дека предизборните ветувања се реализираат во практика.
Македонија
(Видео) Фрчкоски од СДСМ обвинува: 51 тендер добила иста фирма по локалните избори
Антикорупцискиот тим на СДСМ денеска изнесе обвинувања за сомнителни тендери, посочувајќи дека фирма блиска до ВМРО-ДПМНЕ добила 51 тендер во вредност од околу 16 милиони евра.
На прес-конференција, членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, изјави дека станува збор за фирмата „Пирамид билдинг солушнс“, која, според тврдењата на СДСМ, од 2022 година, односно од периодот по локалните избори до денеска, добивала тендери во општини под контрола на ВМРО-ДПМНЕ.
Фрчкоски наведе дека само во општина Аеродром фирмата добила 22 тендери, во Гази Баба 10, како и во општините Ѓорче Петров, Прилеп, Битола и Гевгелија. Според СДСМ, дел од тендерите биле финансирани и со средства од унгарскиот кредит.
Како последен пример, од СДСМ го посочија тендерот од декември 2025 година со Град Скопје, во вредност од 320.000 евра, кој, според нив, бил доделен веднаш по преземањето на функцијата градоначалник од страна на Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Непознати глутници се појавија преку ноќ – пронајдени улични кучиња од Албанија во Скопје, се бара истрага и проверка на безбедносните камери
Здружението за заштита на животните Анима Мунди алармира и јавно бара итна, темелна и независна истрага поради сериозни индиции за организирано внесување и дислоцирање на кучиња во град Скопје, појава која, како што наведуваат, директно ја загрозува јавната безбедност, благосостојбата на животните и владеењето на правото.
Од здружението информираат дека во изминатите денови, на територијата на општина Карпош се појавила нова глутница кучиња кои се целосно непознати за локалното население и не се дел од постоечката улична популација. Според Анима Мунди, станува збор за нестерилизирани и необележани кучиња, што, како што наведуваат, исклучува можност за природен прираст и укажува на насилна дислокација.
Во соопштението се наведува дека јавното претпријатие ЈП Лајка нема оставено, ниту испуштено ваква бројка нестерилизирани и необележани животни на ниту една локација во Скопје, при што се посочува дека граѓаните со години ги познаваат уличните кучиња во своите маала, а овие животни не се дел од таа популација.
Анима Мунди информира дека на терен биле пронајдени и кучиња со ушни маркици од Република Албанија, што, како што наведуваат, отвора сериозни сомнежи за нелегален и можен прекуграничен транспорт и напуштање на животни.
Здружението бара целосна проверка на сите јавни и приватни безбедносни камери на локациите каде што кучињата се појавиле, како и на сите влезно-излезни правци кон Скопје. Се бара од Министерство за внатрешни работи и Јавно обвинителство да утврдат кој, како и од каде ги транспортира и истовара животните, наведувајќи дека, според нив, не станува збор за изолиран случај, туку за логистички организирана активност.
Во соопштението се наведува дека масовното напуштање и дислоцирање кучиња претставува суровост и сериозна општа опасност, поради што Анима Мунди поднела конкретни предлози за измени на Законот за заштита и благосостојба на животните, како и предлог-измени на Кривичниот законик, со кои напуштањето миленик, суровоста и предизвикувањето општа опасност би се третирале како кривични дела, по примерот на Република Хрватска.
Истовремено, од здружението упатуваат итен јавен повик до ЗЕЛС ова прашање да се отвори и дискутира на ниво на сите градоначалници, нагласувајќи дека секоја општина мора хумано и законски да ја третира проблематиката со уличните кучиња, преку масовна стерилизација, јасна евиденција и најстроги санкции каде што ќе се утврди масовно дислоцирање.
„Ова не е проблем на една општина. Ова е системска злоупотреба и мора да биде санкционирана“, се наведува во соопштението, со барање за итна истрага, одговорност и преземање мерки за сторителите да бидат најстрого санкционирани согласно закон.
Фото: илустрација (pexels)

