Македонија
Почна изградбата на ветерниот парк кај Штип, 55 ветерници ќе обезбедуваат струја за 100.000 домаќинства, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги исполнува ветувањата, инвестицијата која беше најавена уште вториот ден од изборот на Владата го постави камен темелникот. Со поставување на камен темелник започна изградбата на ветерниот парк во близина на Штип со инвестиција од 500 милиони долари на „Алказар енерџи“ ќе се изградат 55 ветерници кои ќе произведуваат струја за 100 000 домаќинства“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Оваа инвестиција има огромна важност за државата како и развојот на економијата и создавање конкурентност на македонската индустрија на европскиот пазар.
Инвестицијата на ”Алказар енерџи” има директен и индиректен импакт во економијата. Прво тоа што ќе се произведе и продаде директно ќе влегува во БДП. А индиректно придобивки ќе имаат не само трите општини кои гравитираат на чија територија е ветерниот парк туку и во годините што следуваат придонес во развојот на стопанството, индустријата, енергетиката.
Оваа инвестиција ја зголемува енергетската независност на државата, ги зајакнува националните енергетски капацитети и придонесува кон исполнување на зелената тразиција на државата.
Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ продолжува со привлекување на странски инвестиции, отворање на нови работни места, како и инвестиции во енергетиката со цел стабилен и независен енергетски сектор“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Успешно спасени двајца вработени во мобилен оператор заглавени во снег кај Лазарополе
Двајца вработени во мобилниот оператор А1 синоќа беа заглавени во снег кај село Лазарополе, во близина на базната станица на операторот, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Случајот бил пријавен во 23:30 часот, откако со лицата не можело да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа. Веднаш по пријавата, во акцијата биле ангажирани припадници на Одделот за специјални полициски операции, Одделот за униформирана полиција, како и на Дирекцијата за заштита и спасување.
Со две теренски возила, опремени со санки за снег и спасувачка опрема, екипите се упатиле кон местото на настанот.
„Денеска (11.01.) во 08:30 часот, лицата биле пронајдени и успешно извлечени во добра здравствена состојба. Станува збор за лицата Г.Н. (47) и М.М. (37), двајцата од Скопје, кои се движеле со теренско возило марка „VW Amarok“ со скопски регистерски ознаки.
Тие биле пронајдени на локација позната како „Коритник“, во близина на предавателот на мрежата на А1, на атарот на село Лазарополе“, стои во објавата на МВР.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.

