Македонија
Изминатите три дена 2.490 сообраќајни прекршоци на територијата на целата држава

Во текот на изминатите три дена од оваа недела полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи, во рамки на засилените сообраќајни контроли на патиштата низ земјава, евидентираа вкупно 2490 платни налози по основ на разни прекршоци од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, а во помала мера и по основ на Законот за возила, извести МВР
„Така, заради неприлагодена брзина на движење изречени беа 513 прекршоци, за неправилно паркирање 657, додека пак 251 учесник во сообраќајот се отстранети од сообраќај поради непоседување возачка дозвола. Исто така, за 89 учесници во сообраќајот изречени се прекршоци за некористење сигурносен појас, 103 лица се санкционирани за користење на мобилен телефон при управување со возило и уште 153 лица заради неносење на заштитна кацига. Покрај ова евидентирани се девет случаи на минување на црвено светло, а изречени се дури 185 прекршочни платни налози за пешаци, додека пак од сообраќај се отстранети 26 возачи заради управување на возило под дејство на алкохол.
Согласно пак Законот за возила во посочените три дена од неделава беа изречени 12 прекршоци по основ на технички неисправни возила и 56 по основ на возила коишто не биле регистрирани“, соопшти МВР.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Болницата „Козле“ се’ уште без вода – пациентите времено згрижени на други клиники

Поради прекинот во водоснабдувањето на Универзитетската клиника за белодробни заболувања кај децата – Козле, пациентите кои имаат потреба од хоспитализација времено ќе бидат згрижени на Универзитетската клиника за детски болести и на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
Во објектот во Козле ќе продолжат со работа дневната болница и амбулантските прегледи.
Министерството за здравство информира дека ваквата мерка е преземена со цел да се обезбеди континуитет во третманот и грижата за најмладите пациенти. Оттаму додаваат дека состојбата се следи, и веднаш по нормализирање на водоснабдувањето, хоспитализацијата во Козле ќе продолжи непречено.
Клиниката од вчера остана без вода. Во случајот, не станува збор за дефект туку причина е што болницата се наоѓа во висока зона, па нема вода исто како и целата населба Водно.
Македонија
„Ова што и се случува на Македонија е резултат на домашните предавници кои исполнуваат туѓи агенди, меѓу кои и Жерновски“, реагира ВМРО-ДПМНЕ

„Се здружија сите домашни предавници, штом Бугарија доживеа тежок пораз во АФЕТ! Од плакарот на тајните служби прво го извадија Апасиев. Не им успеа! Па следуваше новата наредба од темните ходници во Софија: Жерновски да биде полигонот преку кој ќе ја започнат новата тура на лаги против премиерот и Македонија“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на ставовите на Андреј Жерновски.
„Жерновски, внукот на бугарскиот кмет Жерноф, во духот на семејната историја се јави – по којзнае кој пат одработува, јавно и сервилно, за истата таа агенда која сака да го избрише ВМРО од историјата, да го релативизира македонскиот идентитет, и да ја направи Македонија заложник на туѓи интереси.
Но, нема да им успее. Македонскиот народ знае кој се бори за него, а кој тргува со туѓи агенди.
А каква само трагедија е тоа што повторно го потценуваат народот. Тие што ја предадоа и ја продадоа државата, сега, со истиот тој ѓон од образ со кој не потпишаа и не понижија, се осмелуваат да зборуваат за пасоши против оној кој денес со сите сили се обидува да го заштити она што тие го уништија.
Воедно, ја користиме оваа прилика да ја информираме јавноста дека бугарската културно-уметничка инсталација во државата, Андреј Жерновски, има сериозна амбиција да стане нов лидер на СДС. Охрабрен од своите спонзори и внатрешен круг кој тоа повеќе и не го крие, го гледаме како секојдневно е активен со „храбри“ статуси и напади, кои потоа со трчање ги пренесуваат неколку познати медиуми.
Кој ќе биде лидер на СДС – нека си решаваат. Но изборот помеѓу сегашниов и Жерновски е трагедија сама по себе. И за државата. И за демократијата“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно Андреј Жерновски преку објава на социјалните мрежи побара одговор од премиерот Мицкоски дали аплицирал за бугарско државјанство.
Тој сподели фотографија од бугарски медиум, кој тврди дека Мицкоски барал бугарско државјанство.
Македонија
Ако ги затворите легалните игри на среќа, ќе се игра во подруми – АСОМ со писмо до политичарите

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) ги повика политичките претставници да не го затвораат легалниот сектор на игри на среќа, предупредувајќи дека тоа ќе доведе до раст на криминалот и нелегалното обложување.
Од асоцијацијата посочуваат дека индустријата е строго регулирана, вработува над 10.000 луѓе и редовно плаќа даноци, и ја осудуваат негативната реторика која го оцрнува бизнисот, а за која велат дека е со цел некој политички да профитира пред избори.
АСОМ ја критикува власта, обвинувјќи дека со години избегнува јавна дебата за важниот закон за игри на среќа и што пишува тајни верзии на законот без да вклучи експерти и јавност. Тие нагласуваат дека немаат што да кријат и сакаат јавно да ги соочат аргументите, додека прашуваат дали политичарите имаат нешто да кријат. Истовремено, предупредуваат дека индустријата се користи како заложник за коалициски и предизборни интереси, оставајќи илјадници вработени во неизвесност.
„Дали знаете што ќе се случи кога ќе ја затворите легалната индустрија за игри на среќа? Ќе се случи истото што се случи во Албанија пред неколку години и истото што се случуваше тука пред десетици години – ќе процвета нелегалниот бизнис, играње по подруми. Ќе расте криминалот, ќе се игра небезбедно, а државата ќе трпи огромни загуби. Им се обраќаме директно на албанските политички партии – зошто не го земете искуството на Албанија? Албанија виде дека затворањето на индустријата нанесе огромна штета, порасна криминалот, се играше „на диво“ и на крај ги вратија легалните обложувалници“, велат од АСОМ.
Се додава и дека е крајно лицемерно политичарите да зборуваат дека се борат против легалните приредувачи на игрите на среќа, но истовремено државата самостојно да организира игри на среќа на интернет и самостојно да има интерес да организира видеолотариски игри.
„Секоја власт лицемерно и политички го злоупотребува нашиот легален бизнис сектор само за да направи преземање, а не за да регулира или пак да ги заштити граѓаните“, велат од АСОМ.
АСОМ и компаниите кои ги претставува организацијата уште еднаш цврсто и јасно порачуваат – законот за затворање на легалните игри на среќа не смее да се донесе. Го опишуваат како штетен за граѓаните, за вработените кои ќе изгубат работни места и за безбедноста на играчите. Бараат итна јавна расправа за да се соочат аргументите и конечно да се донесе закон кој ќе биде европски, одржлив и од кој ќе имаат бенефит сите граѓани на оваа држава.
Во спротивно, велат дека се подготвени да одат до крај и со сите расположливи средства да ја бранат нивната легална индустрија од политички напади.