Македонија
СДСМ обвинува за партизација на М-НАВ, бара поништување на огласот за вработување

СДСМ обвини дека ВМРО-ДПМНЕ ја претвора М-НАВ во, како што велат, партиска филијала, преку спроведување на спорен процес на вработувања, непосредно пред изборите.
Според СДСМ, на огласот за нови вработувања во оваа клучна институција за авионска безбедност, биле примени лица со блиски партиски врски, наместо стручни и квалификувани кадри. Во партиското соопштение се наведува дека меѓу вработените се и сопругата на Игор Југ, осуден за нападот на Собранието на 27 април, како и сопруг на директорка на Централниот регистар и функционер во младинската организација на ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ тврди дека дел од кандидатите не поседувале ни основни познавања од англиски јазик, а сепак биле фаворизирани. Покрај тоа, според нив, интервјуата биле спроведени исклучиво од страна на директорите на Управниот одбор, без учество на претставници од синдикатот на контролори на летање.
„Со вакви постапки се загрозува безбедноста во авиосообраќајот и се поткопува довербата во институциите“, стои во соопштението.
СДСМ бара итно поништување на огласот, враќање на професионалните критериуми и оставка од сите одговорни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски понудил заедничка резолуција со Бугарија за потврда на самобитноста на македонскиот јазик и идентитетот

Со оглед на тоа што Бугарија тврди дека проблемот за отпочнувањето на преговорите со ЕУ, се само Бугарите во Уставот, македонската страна предлага да биде поднесена заедничка Резолуција во ЕП со којашто ќе се потврди самобитноста на македонскиот идентитет и јазик.
Понудата ја дал премиерот, Христијан Мицкоски, до бугарскиот претседател Румен Радев и до нивната влада.
Пратеникот Антонијо Милошоски, говорејќи на темата рече дека ако пречка за македонските евроинтеграции е само внесувањето на Бугарите во Уставот, тогаш не би требало да биде никаков проблем заедно да поднесеме резолуција која ќе ја гарантира македонската идентитетска и јазична посебност, а истовремено ќе ја зголеми и довербата помеѓу Македонија и Бугарија.
„Понудата која што е дадена од премиерот Мицкоски, е отворена“, рече Милошоски.
Како што истакна, отворањето на Уставот, изгледа дека за многу владини претставници во Софија, е само почеток на многу други барања и многу други изговори за идни блокади. Реалноста, вели Милошоски, е дека добар дел од официјалните претставници на Бугарија, работат на негација на македонскиот идентитет и јазик, нешто слично како што Русија ја негира самобитноста на украинскиот јазик и посебноста на украинскиот народ.
Пратеникот обвини и дека Бугарија сака да спроведе еден историски инжинеринг, каков што не е спроведен никаде во современиот демократски свет, а за жал добива помош од претставници на СДСМ.
„Конкретно, претседателот на СДСМ е спремен сервилно да изгласа се што Бугарија ќе стави на маса, а тоа го потврди и самиот Венко Филипче во неколку негови настани. Народот јасно може да види кој за што се залага, и може да препознае дека СДСМ се демаскирани и дека секој знае дека од страна на нивното раководство постои една спремност да се прифатат било какви дополнителни понижувања и потчинувања на Македонија“, рече Милошоски.
За разлика од тоа, како што додаде, целта на ВМРО-ДПМНЕ, е да ги заштити националните интереси, достоинството на државата, да имаме конструктивен дијалог со секој сосед, па и со Бугарија, базиран на аргументи, но без виткање на рбетот на самата држава.
Македонија
Болницата „Козле“ сѐ уште без вода – пациентите привремено згрижени на други клиники

Поради прекинот во водоснабдувањето на Универзитетската клиника за белодробни заболувања кај децата – Козле, пациентите кои имаат потреба од хоспитализација времено ќе бидат згрижени на Универзитетската клиника за детски болести и на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
Во објектот во Козле ќе продолжат со работа дневната болница и амбулантските прегледи.
Министерството за здравство информира дека ваквата мерка е преземена со цел да се обезбеди континуитет во третманот и грижата за најмладите пациенти. Оттаму додаваат дека состојбата се следи, и веднаш по нормализирање на водоснабдувањето, хоспитализацијата во Козле ќе продолжи непречено.
Клиниката од вчера остана без вода. Во случајот, не станува збор за дефект туку причина е што болницата се наоѓа во висока зона, па нема вода исто како и целата населба Водно.
Македонија
„Ова што ѝ се случува на Македонија е резултат на домашните предавници, кои исполнуваат туѓи агенди, меѓу кои е и Жерновски“, реагира ВМРО-ДПМНЕ

„Се здружија сите домашни предавници, штом Бугарија доживеа тежок пораз во АФЕТ! Од плакарот на тајните служби прво го извадија Апасиев. Не им успеа! Па следуваше новата наредба од темните ходници во Софија: Жерновски да биде полигонот преку кој ќе ја започнат новата тура на лаги против премиерот и Македонија“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на ставовите на Андреј Жерновски.
„Жерновски, внукот на бугарскиот кмет Жерноф, во духот на семејната историја се јави – по којзнае кој пат одработува, јавно и сервилно, за истата таа агенда која сака да го избрише ВМРО од историјата, да го релативизира македонскиот идентитет, и да ја направи Македонија заложник на туѓи интереси.
Но, нема да им успее. Македонскиот народ знае кој се бори за него, а кој тргува со туѓи агенди.
А каква само трагедија е тоа што повторно го потценуваат народот. Тие што ја предадоа и ја продадоа државата, сега, со истиот тој ѓон од образ со кој не потпишаа и не понижија, се осмелуваат да зборуваат за пасоши против оној кој денес со сите сили се обидува да го заштити она што тие го уништија.
Воедно, ја користиме оваа прилика да ја информираме јавноста дека бугарската културно-уметничка инсталација во државата, Андреј Жерновски, има сериозна амбиција да стане нов лидер на СДС. Охрабрен од своите спонзори и внатрешен круг кој тоа повеќе и не го крие, го гледаме како секојдневно е активен со „храбри“ статуси и напади, кои потоа со трчање ги пренесуваат неколку познати медиуми.
Кој ќе биде лидер на СДС – нека си решаваат. Но изборот помеѓу сегашниов и Жерновски е трагедија сама по себе. И за државата. И за демократијата“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно Андреј Жерновски преку објава на социјалните мрежи побара одговор од премиерот Мицкоски дали аплицирал за бугарско државјанство.
Тој сподели фотографија од бугарски медиум, кој тврди дека Мицкоски барал бугарско државјанство.