Македонија
Ѓорѓиевски потпиша договор со министерот Лимани за опремување на првата градинка во Потстаница
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски оствари средба со министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани и неговиот заменик Ѓоко Велковски.
Целта на средбата, како што извести Општината, беше потпишувањето на договорот за опремување на новата градинка во населбата Потстаница, чија изведба е во завршна фаза. Ова ќе биде првата детска градинка во овој дел од општината, која ќе овозможи современи услови за воспитување и грижа за околу 80 деца.

„Во Кисела Вода секое дете ќе има своето место во градинка. Имавме важна средба со министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, и неговиот заменик Ѓоко Велковски, на која потпишавме договор за опремување на новата градинка во Потстаница. Оваа соработка е од големо значење за брзо и квалитетно реализирање на овој проект. Кога започнав да ја водам општината, наследените листи на чекање за упис во градинка броеја околу 450 деца, а денес овој број е сведен на само триесетина. Со завршувањето на градинката во Потстаница и интензивните градежни активности кои се одвиваат на уште две нови градинки, во Расадник и во 11 Октомври Згради, но и со претходните наши активности преку кои се интервенираше со изградба или проширување на капацитетите во уште 7 други објекти, целосно ќе ги затвориме листите на чекање.
Градинката во Потстаница, која ја добивме како објект преку одлука на Владата и која моментално е во завршна фаза на темелната реконструкција, ќе биде модерен и безбеден простор од 222 квадратни метри, каде околу 80 деца ќе растат и ќе се развиваат во најдобри услови. Ова е од огромно значење за жителите од Потстаница, бидејќи овој дел од општината никогаш досега немаше детска градинка.
Сакам да изразам голема благодарност до министерот Лимани, до неговиот заменик Велковски и премиерот Христијан Мицкоски за брзиот и позитивен одговор во процесот на реализација на овој проект. Ова е доказ дека кога работиме заедно, можеме брзо и ефикасно да ги решаваме проблемите и да создадеме подобра иднина за нашите деца и семејства“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улиците: Полог и Кочанска, општина Кисела Вода;
– од 08:30 до 16:00 часот, корисниците од населените места и објектите од село Алдинци кон Солунска Глава, општина Студеничани;
– од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Македонско Косовска Бригада, општина Шуто Оризари;
– од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од објектите во околината на зграда бр. 17 на бул. Партизански Одреди, општина Центар;
– од 09:30 до 13:00 часот, корисниците од ул. 6 во село Бардовци, општина Карпош.
Македонија
Непречен сообраќај по влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Времето денес облачно со повремени врнежи од дожд и засилен ветер
Времето денес ќе биде променливо облачно и релативно топло со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни со услови за појава на грмежи. Ќе дува засилен до силен ветер од југозападен правец (над 70 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 15, а максималната ќе достигне од 19 до 24 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне со повремен дожд, локално пороен. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Во утре ќе има преодно стабилизирање на времето. Од недела до вторник ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Во понеделник наместа врнежите ќе бидат пообилни и поројни со услови за појава на грмежи. Ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен правец (над 70 km/h).

