Македонија
Обвинето едно лице за насилство врз градоначалничката на Скопје
По целосно испитување на настанот, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против едно лице за кривично дело насилство од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
На 11 јули, на улицата Севастополска во Скопје, обвинетиот извршил грубо насилство врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, со кое предизвикал телесна повреда кај оштетената и чувство на несигурност, загрозување и страв во јавноста.
Додека градоначалничката заедно со овластени службени лица присуствувала на локација по претходна пријава на граѓани во врска со бесправно градење и неовластено приклучување на водоводната и на електропреносната мрежа на објект, обвинетиот пристигнал со електричен тротинет и ѝ се приближил заканувачки.
Потоа физички ја нападнал, удирајќи ја најпрвин по лицето и раката, а потоа со ногата во пределот на левата потколеница. Присутните униформирани полициски службеници реагирале да го спречат во намерата, но тој продолжил и вербално да ја навредува и да ѝ се заканува.
Јавниот обвинител до судот достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот за кој и натаму постои опасност да се даде во бегство или да го повтори делото.
За истиот настан, за насилство со вербални закани кон градоначалничката, беше пријавено уште едно лице, меѓутоа по прибирање на сите докази, вербалните искази на сведоците и на оштетените, како и извршеното препознавање со соочување, се утврди дека оштетените не го препознаваат пријавеното лице како сторител на заканувачки и насилнички дејства кон нив.
Бидејќи не постојат материјални и вербални докази од кои неоспорно би се утврдила кривична одговорност на второпријавениот за конкретното кривично дело, јавниот обвинител донесе решение за отфрлање на кривичната пријава против него и на судот му предложи да ги укине претходно определените мерки на претпазливост за ова лице.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Сарај и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09:00 до 14:00 часот, дел од корисниците од село Буковиќ, горниот дел (општина Сарај);
во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците на улицата Струшка (општина Карпош).
Македонија
Апасиев: Следната недела ќе закажам посебна седница за трагедијата во „Пулс“
„Како претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот во Собранието на РМ, следната недела планирам да ја закажам посебната комисиска седница на која ќе се разгледува добиената Претставка од „Здружението 16 Март“ на родителите од Кочани, на која ќе се расправа за изнесените наводи поврзани страшната трагедија во дискотеката „Пулс“. На седницата официјално ќе бидат поканети и претставници на подносителите“, напиша на социјалните мережи пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев.

За време на саботниот „Марш на ангелите“ во Скопје, семејствата на загинатите во „Пулс“ побараа пратениците да иницираат надзорна расправа и посебна анкетна комисија за целосно и независно испитување на случајот.
Македонија
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), локално со услови за невреме со засилен ветер (над 60 km/h) и појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 13 до 18 степени.
Во Скопје, облачно со повремени врнежи од дожд, во делови од котлината повремено пообилни. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на серија влажни воздушни бранови до крајот на седмицата следува период на променливо облачно и релативно топло време со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни, локално со услови за невреме со засилен ветер (над 60 km/h) и ретки грмежи. Во текот на 24 часа се очекува да наврне поголема количина дожд (над 30 l/m2). Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец.

