Македонија
(Видео) Мицкоски: Македонија го зајакнува својот одбранбен капацитет – набавени артилериски системи и опрема во согласност со НАТО-стандардите
„Денеска стоиме пред важен чекор на нашата држава, го зајакнуваме својот одбранбен капацитет, ја модернизираме својата армија и јасно покажуваме дека знаеме да вложуваме одговорно, стратешки и во интерес на безбедноста на своите граѓани. Со гордост објавувам дека преку Министерството за одбрана успешно ги реализираше два значајни договори за набавка на нова современа воена опрема – опрема која е целосно усогласена со НАТО стандардите. Ова не е само набавка. Ова е визија за Македонија како стабилна, сигурна и подготвена членка на НАТО Алијансата. Ова е порака дека државата станува сила што застанува на свои нозе“, кажа премиерот Христијан Мицкоски.
„Во рамки на првиот договор, се набавени и веќе испорачани шест хаубици – моќни артилериски системи кои ќе го засилат капацитетот на нашата Армија. Заедно со нив е предвидена и набавка на муниција со зголемен дострел, чија испорака и исплата се планирани во текот на 2026 година.
Со вториот договор, обезбедена е набавка на опрема за хаубиците – системи за комуникација и контрола на оган кои значително ќе ја зголемат огнената моќ и прецизноста на делувањето на нашите единици.

Но оваа набавка не е изолиран случај. Таа е дел од една поширока слика. Ние градиме и придонесуваме на секое поле – во економијата, во енергетиката, во земјоделието, во здравството, во образованието и да, и во одбраната. Затоа што напредна држава не е онаа што се развива само во еден сектор, туку онаа што се издигнува во целина.
А силата на една држава се гледа токму во способноста да го заштити својот суверенитет, да го гарантира својот мир и да стои цврсто кога е предизвикана. Без безбедност, нема стабилен развој. Без силна одбрана, нема трајна стабилност.

Ова не се само бројки. Ова се живи сведоштва за новиот пристап кој го градиме – пристап во кој безбедносниот систем се развива темелно, домаќински и со јасна цел. Да обезбедиме одбранбен систем кој ќе се темели на сопствена сила и стратегија.
Нашата Армија со оваа опрема не само што ќе биде помоќна, туку и покоординирана, попрецизна и поусогласена со НАТО стандардите.
Нема повеќе импровизации, нема повеќе застарена опрема и декларативна поддршка. Има реални инвестиции, има план, има стратегија. Има волја и одговорност.

Со оваа набавка, ја градиме државата која самоуверено стои рамо до рамо со сојузниците.
Македонија која се грижи за своите војници, која ја почитува својата Армија и која знае дека силна Армија значи сигурен народ.
На сите припадници на Армијата – ви честитам.
Оваа опрема е за вас. За вашата безбедност, за вашата способност и за вашата посветеност кон татковината. А вие сте нашиот прв бедем и гордост на Македонија“, изјави Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради дефект без парно делови од Центар, Аеродром и Кисела Вода
Поради лоцирање на дефект на дистрибутивната мрежа во моментов има прекин во испораката на топлинска енергија кај потрошувачите од Центар, Аеродром, Ново Лисиче, Кисела Вода и Автокоманда, соопшти ЕСМ.
Екипите на ЕСМ Дистрибуција на топлина се на терен со цел точно лоцирање на дефектот и изолирање на истиот, со цел воспоставување на нормална испорака на топлинска енергија.
За дополнителни информации, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви (02) 3076 200 и 075 400 100.
Македонија
Левица: Центарот за социјални работи во Тетово дувло на криминал и корупција
Скандалот во Центарот за социјални работи во Тетово со незаконски исплатени социјални пензии и додатоци за туѓа нега ја разоткрива длабоката системска корупција и злоупотреба во институцијата која треба да им служи на најранливите. Социјални пензии добивале лица кои што воопшто не исполнуваат услови за тоа, додека лица на кои што им е од суштинска важност да добијат социјална пензија или надоместок за туѓа нега се одбивани, велат од Левица.
„Според досега изнесените податоци неколку вработени во Центарот, меѓу кои и еден раководител исплаќале социјални пензии, туѓа нега и други социјални надоместоци и тоа ретроактивно, на лица кои не исполнувале услови за тоа, со што го оштетиле Буџетот за неколку стотици илјади евра.
Дополнително загрижува фактот што, и покрај тоа што Јавното обвинителство покренало постапка против овиелица, по признание на вина за несовесно работење во службата тие биле задолжени да платат по 18.000 денари по што продолжиле со работа во Центарот за социјални работи во Тетово. Ова испраќа опасна порака дека злоупотребата на јавните пари и газењето на социјалната правда поминуваат без реални последици.
Јавно прашуваме зошто Министерството за социјална политика и министерот Лимани молчат за овој скандал?
Исто така прашуваме како е можно лица кои самите признале дека несовесно работеле и го оштетиле буџетот да бидат сѐ уште вработени во Центарот?
Кого штити Министерството и дали Владата на ДПМНЕ знae воопшто на кои и на колку лица неосновано им биле испраќани социјални надоместоци?
Ова е уште еден доказ дека државата за некого е мајка, за некого маќеа!“, се вели во соопштението на политичката партија.
Македонија
(Видео) Клучката „Момин Поток“ се гради со забрзано темпо, Ѓоргиевски порача: „Наскоро скопјани ќе возат по нов булевар“
Скопје наскоро ќе добие нов булевар, откако со забрзано темпо продолжува реализацијата на еден од најзначајните инфраструктурни проекти – изградбата на клучката „Момин Поток“ и булеварот „Никола Карев“.
Како што информираше градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓоргиевски, во моментов е во напредна фаза поставувањето на атмосферската канализација во средишниот дел на булеварот, на потегот од реката Серава до раскрсницата со булеварот „Словенија“.
Овој сегмент, како што истакнува Ѓоргиевски, е клучен за безбедна, современа и одржлива сообраќајна инфраструктура.
Паралелно се гради и левиот крак од мостот над реката Серава, преку кој ќе се поврзат булеварот „Словенија“ и клучката „Момин Поток“. Со тоа ќе се овозможи побрза и поефикасна врска меѓу неколку важни градски сообраќајници.
„Како што ветив, Скопје пишува нова страница во својата историја. Со дела, не со зборови. Скопјани заслужуваат“, порача градоначалникот Ѓоргиевски.

