Македонија
ЗНМ: Пресудата за новинарот Стојановски е чекор напред, но правдата за новинарите сè уште не е завршена
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ја поздравува одлуката на Основниот граѓански суд Скопје, со која се утврдува повреда на правото на слобода на изразување на новинарот Влатко Стојановски од неделникот „Фокус“ за случајот од 27 април 2017 година во Собранието на Македонија.
„Оваа судска пресуда, која следуваше по одлуката на Уставниот суд од 2023 година, претставува значаен чекор напред во домашната судска пракса и потврда дека државата има обврска активно да ги заштити новинарите во ситуации на ризик. Граѓанскиот суд утврди дека Стојановски бил изложен на непријателска и опасна средина додека професионално си ја извршувал својата новинарска задача и дека институциите не презеле соодветни мерки за да обезбедат негова безбедност, со што се повредило неговото уставно загарантирано право на слобода на изразување. Судот донесе пресуда за делумен надомест на нематеријална штета, што испраќа јасна порака за одговорноста на државата да ги штити медиумските работници.
Оттука, сакаме да ја истакнеме важноста на оваа судска пресуда како позитивен пример за примена на европските стандарди за слобода на медиумите и охрабрување на новинарите во вршење на нивната професионална должност, без страв и притисоци.
Во споредба со другите слични случаи од настаните од 27 април 2017 година, за новинарката Душица Мрѓа тужбеното барање беше делумно усвоено, слично како и за Влатко Стојановски. За Горан Трпеноски повторувањето на постапката беше одбиено, но по поднесена жалба, се чека одлука од Апелациониот суд. Во случаите на колешките Наташа Стојановска, Билјана Николовска, како и колегите Игор Јанковски и Томе Ангеловски, постапките се сè уште во тек пред Уставниот суд откога Основниот суд не ја следеше насоката од претходната уставно-судска пракса.
Во овој момент единствените случаи со позитивен исход се оние на Душица Мрѓа и на Влатко Стојановски, но ниедна од овие пресуди не е правосилна, а другите, и по повеќе од 8 години, се наоѓаат во разни фази пред македонските судови.
Овие судски примери ја истакнуваат итната потреба од доследна примена на европските стандарди и создавање стабилна судска пракса, која ќе ги штити новинарите како носители на јавниот интерес. Само така може да се обезбеди средина во која тие ќе може слободно, безбедно и професионално да си ја извршуваат својата улога во демократското општество“, се наведува во соопштението на Здружението на новинарите на Македонија.
ЗНМ повторно апелира до надлежните институции, вклучително и судските органи и Министерството за внатрешни работи, да обезбедат ефикасна и активна заштита на новинарите гарантирајќи ги нивната безбедност и правото на слободно изразување во сите околности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Вашингтон, Гаши порача: Отворен дијалог со САД е суштински за демократскиот развој на регионот
Во рамките на посетата во Вашингтон, претседателот на Собранието, Африм Гаши учествуваше на панел-дискусија посветена на регионалната економска интеграција во Југоисточна Европа, организирана од Атлантскиот совет.
На дискусијата беше потенцирана зрелоста и улогата на Република Северна Македонија како фактор на стабилност во регионот, значењето на инфраструктурните проекти, како и потребата од продлабочена регионална интеграција и соработка меѓу земјите од Западен Балкан, како предуслов за одржлив развој и напредок кон Европската Унија.
Благодарност до Атлантскиот совет за организацијата на оваа значајна платформа за дијалог – упати претседателот Гаши.
Исто така, претседателот Гаши оствари средба со Макс Приморац, виш истражувачки соработник во Центарот за слобода „Маргарет Тачер“ при Фондацијата „Херитиџ“.
Каде беше остварена плодна и содржајна дискусија за улогата на силните институции, вредностите на слободата и значењето на трансатлантското партнерство за мирот и стабилноста на Западен Балкан.
Отворениот и конструктивен дијалог со нашите американски партнери е од суштинско значење за унапредување на демократските вредности и јакнење на регионалната стабилност – истакна претседателот Гаши.
Македонија
Полицајци, наставничка и пожарникар земале пари од граѓани за да им средат побрзо да извадат лични документи
Двајца полицајци, наставничка и пожарникар се осомничени за примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание односно за пари овозможувале граѓаните побрзо да извадат пасош, лична карта и возачка дозвола.
Полицијата поднесе кривична пријава против М.С., на работно место полицаец во Одделението за безбедност на патниот сообраќај во СВР Скопје, во моментот на сторување на делото со наредба распореден во Одделението за управни работи Скопје, П.П., на работно место полицаец во Единицата за интервентна полиција во СВР Скопје, В.Р., вработена како наставник во средно училиште во Скопје и А.С., вработен како пожарникар во Град Скопје.
„Пријавените во период од февруари до април 2024 година, заеднички, по претходен договор воспоставиле шема, на начин што организирале и спроведувале постапки за издавање на лични документи (лична карта, пасош и возачка дозвола), а со цел стекнување противправна имотна корист, така што трето и четврто пријавените наоѓале заинтересирани граѓани кои имале потреба од изготвување на лични документи, кои им ги доставувале нивните лични податоци во форма на фотографии на трето и четврто пријавените, а овие фотографиите ги испраќале на второпријавениот П.П.“, соопшти МВР.
Второпријавениот посредувал и интервенирал заинтересираните граѓани да ја започнат процедурата за издавање на лични документи, на начин што го поттикнувал првопријавениот М.С., кој како службено лице вршел дејствија на фотографирање и прием на барања, како негови редовни работни обврски.
„Наведените дејствија биле вршени врз претходен договор за одреден паричен надомест со точно утврдена цена, време и начин на извршување со јасно распределени улоги, создавајќи паралелен неформален начин на постапување со кој за паричен надомест овозможувале побрзо остварување на правото за јавна услуга, со намера да се стекнат со противправна имотна корист, нарушувајќи го принципот на еднаков пристап на граѓаните до јавните услуги“, соопштиа МВР.
Македонија
(Видео) Петрушевски: СДСМ со двојни аршини – против возење без дозвола, а гласаа против „Безбеден град“
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на прес-конференција изјави дека СДСМ и Венко Филипче применуваат двојни аршини во однос на прашањето за безбедноста во сообраќајот.
„Од една страна велат дека секој оној кој сака да вози без возачка дозвола треба да е санкциониран, а од друга страна гласаа против системот ‘Безбеден град’“, рече Петрушевски.
Петрушевски потсети дека СДСМ и Филипче гласале против проектот „Безбеден град“ во Собранието, додавајќи дека координаторот на нивната пратеничка група, Оливер Спасовски, кој е поранешен министер за внатрешни работи, не направил ништо поврзано со ова прашање за да ја зголеми безбедноста на граѓаните во сообраќајот.
Според него, во време на претходната власт не бил имплементиран ниту еден системски проект што ќе обезбеди дигитална контрола над сообраќајот, транспарентно санкционирање и реално намалување на сообраќајните прекршоци. Додаде дека проектот „Безбеден град“ не е партиска агенда, туку решение за заштита на животите на граѓаните.

