Македонија
Зајкова: Ако некој пратеник мисли дека банките му се поважни од народот, нека излезе и нека каже – „гласав за банките, а не за народот”
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, повторно, по трет пат ќе ги поднесе измените на Законот за платежни услуги и платни системи, со кој се намалуваат и укинуваат неоснованите банкарски трошоци кои банките им ги наплаќаат на граѓаните.
„Конечно после 2 години постојано говорење и борба имаме добра вест – Гувернерот на Народната банка го прифати предлогот на ЛДП – да се намалат банкарските провизии и трошоци што со години ги празнат џебовите на граѓаните! НБРМ ги намали надоместоците на банките, сега е на ред ние да ги намалиме трошоците на граѓаните. На народот му наплаќаат за сè: за трансакции, за одржување сметки, за да си ги гледате парите на банкомат, па дури и за да ги извадите од банкомат! Огромни профити за банките, празни паричници за народот“, изјави Зајкова во своето обраќање од собранискиот прес-центар.
Зајкова посочува дека само за првите три месеци од годинава секоја личност во Македонија – па дури и новороденчињата – им дале по 1000 денари на банките, односно повеќе од 5000 денари по семејство, средства кои може да се пренаменат за зголемување на платите и на пензиите.
„Доста беше! Граѓаните не се банкомати, не се бројка за профит, туку луѓе што се борат да преживеат. И кога веќе Гувернерот покажа слух, време е Собранието да застане со нас – и конечно да покажеме сите дека работиме за граѓаните, а не за банките. Нашиот предлог повторно по 3-ти пат ќе биде доставен до Собранието и очекуваме овој пат сите пратеници, без разлика на партијата, да го поддржат“, вели пратеничката Зајкова и додава дека ова не е политика, туку прашање на финансиска правда.
„Ако некој пратеник мисли дека банките му се поважни од народот, нека излезе и нека каже ‘Гласав за банките, а не за народот – само затоа што ЛДП го предложи решението’, а ЛДП како и досега, ќе гласа секогаш за она што е од интерес за граѓаните“, заклучува Моника Зајкова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа, со што се решава долгогодишниот проблем со водоснабдувањето, изјави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„По даденото ветување за време на изборниот период, денес започнуваат градежните активности за поставување на нова водоводна мрежа во должина од повеќе од 600 метри, во соработка со Општина Бутел и ЈП „Водовод и канализација“, со што ќе се обезбеди сигурно, квалитетно и континуирано снабдување со вода за пиење за домаќинствата во Бел Камен“, вели Ѓорѓиевски.
Според него, овој зафат значи сигурно, квалитетно и континуирано водоснабдување за домаќинствата во Бел Камен, чиста вода за пиење во секој дом.
Ѓорѓиевски најави дека по поставувањето на новата водоводна мрежа, ќе следува и реконструкција на улиците.
Македонија
Цената на дизелот се намалува
Цената на дизелот се намалува за два денари, одлучи Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ)
Од 20.12.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 71,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 73,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,635 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,00 денари за литар.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 20.12.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, соопшти РКЕ.
Македонија
За побрз пристап до услугите, промовирани е-киоск и е-сандаче; Андоновски вели дека дигиталната трансформација мора да биде достапна за сите
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, се обрати на конференцијата за промоција на националната ИКТ-стратегија СМАРТ/МК 2030 нагласувајќи дека дигиталната трансформација се реализира преку конкретни, мерливи решенија, што директно го подобруваат секојдневието на граѓаните.
„Дигиталната трансформација мора да биде достапна за сите, без разлика на дигиталните вештини или пристапот до лична опрема“, истакна Андоновски.
Денеска беа промовирани терминалите за услуги (е-киоск) како практично решение за дигитална инклузија и побрз пристап до услуги. Планот е терминалите да бидат поставени на фреквентни локации во државата и да бидат достапни 24/7, со јасно воден процес и визуелни инструкции, приспособени и за граѓани со пониско ниво на дигитални вештини.
Преку е-киоск граѓаните ќе може да се идентификуваат со лична карта или пасош, да изберат услуга, да извршат плаќање и да го добијат документот веднаш – испечатен на самиот терминал. Терминалите се особено значајни за руралните средини, повозрасните лица, граѓаните без постојан интернет-пристап и за општините со ограничени административни капацитети.
Министерот истакна дека е-сандачето претставува официјален, безбеден и правно валиден канал за комуникација меѓу институциите и граѓаните – централизирано место за прием на службени документи, решенија, известувања и други акти со доказ за прием.
„Важно е да се нагласи: е-сандачето не е обична електронска пошта“, потенцира министерот Андоновски.
Системот овозможува нотификации во реално време, побрза достава без чекање, следење статуси на предмети и поефикасна административна комуникација.
Во завршниот дел министерот нагласи дека со досегашната дигитализација на услуги, документ – менаџмент-систем во голем број институции, интероперабилност, како и со е-сандачето и терминалите за услуги државата води конкретна и мерлива имплементација на дигиталната трансформација, со цел ефикасна, достапна и европска дигитална држава.

