Македонија
Тошковски од Охрид: Поголема контрола на водниот појас, зголемена е безбедноста на туристите
Mинистерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, оствари работна посета на Секторот за внатрешни работи Охрид, Регионалниот центар за гранични работи Запад и Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“.
Притоа ги посети на терен и полициските службеници од СВР Охрид кои патролираат со велосипеди низ градот, како и српските полициски службеници кои и оваа година учествуваат во заеднички патроли во текот на туристичката сезона.
„Во пикот на летната сезона, кога бројот на туристи и возила е драстично зголемен, МВР презема координирани мерки и динамички го адаптира полициското присуство. Во СВР Охрид веќе функционира засилен состав, преку распоредување на полициски службеници и од други сектори, што придонесува за ефикасна покриеност на целиот регион и зачувување на стабилната безбедносна состојба.
Во делот на граничното управување, РЦ за ГР Запад бележи континуирано подобрување на оперативната ефикасност. Податоците покажуваат позитивен тренд во откривање кривични дела, подобра организација на протокот на патници и одржување на стабилен ритам на граничниот сообраќај дури и во најоптоварените часови“, истакна министерот Тошковски, додавајќи дека Охридското Езеро годинава е покриено со значително повисок степен на полициско присуство.
„Обезбедена е поголема контрола на водниот појас, зголемена е безбедноста на туристите, а резултатите од контролните активности покажуваат подобри ефекти од претходните сезони. Видливоста на полицијата во градското подрачје е исто така засилена. Патролите на велосипед, веќе препознатлив белег на СВР Охрид, придонесуваат за побрзо реагирање, директна комуникација со граѓаните и чувство на поголема сигурност во јавниот простор. Присуството на српските полициски службеници, како дел од мешовитите патроли и годинава се потврдува како успешна пракса што позитивно влијае врз перцепцијата на безбедност кај туристите. Иако е зголемено присуството и делувањето на сообраќајната полиција, сепак бројот на жртви во сообраќајни незгоди покажува дека безбедноста во сообраќајот бара посистемски пристап, со силен акцент на превентивни, едукативни и инфраструктурни мерки“, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски заклучувајќи дека МВР функционира со зголемена ефикасност, подобра координација и подготвеност да одговори на зголемените предизвици, резултатите се видливи, напредокот е реален, обврска што продолжуваме да ја исполнуваме професионално, посветено и со јасна цел за создавање побезбедна држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски: Одлуката на САД не значи крај за туристичките визи и „Ворк енд травел“ програмата
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, појасни што значи одлуката на САД за стопирање на процесот на издавање на визи. Тој кажа дека се работи за пауза за постапки поврзани со иселенички визи.
„Не прекин, не црна листа, туку пауза, ќе напоменам за постапки за иселенички визи“, рече Муцунски.
Министерот појасни дека не е загрозено издавањето туристички визи, студентски визи како и визи во рамки на програмата „Ворк енд травел“.
„Ова не влијае на сите други постапки за издавање на визи за САД. Доколку сте стопанственик, слободно ќе можете да аплицирате за виза, доколку сте студент кој што сака да студира во САД или да оди на ‘Ворк енд травел’ ова значи дека нема никаква пречка за вас. Доколку сакате туристички да патувате, Светското првенство во фудбал ќе се одржи во САД, исто така, ќе може да патувате туристички“, рече Муцунски.
Тој порача дека јавноста во следните шест месеци дополнително позитивно ќе се изненади од тоа што може да се случи во развојот на визната политика на САД кон нашата држава, односно, како што рече, да почнеме да затвораме прашања кои што 20 години се обидуваме да ги затвориме.
Македонија
Забранети дополнителни 33 нелегални приредувачи на онлајн игри на среќа – вкупно 307 досега
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска потпиша налог за ограничување на пристапот до нелегални веб-страници и веб-апликации преку јавните електронски комуникациски мрежи, во случаи на нелегално приредување игри на среќа.
Со најновиот налог се опфатени дополнителни 33 нелегални веб-страници, што значи дека вкупниот број на досега опфатени (забранети) нелегални страници изнесува 307.
Налогот е доставен до Агенцијата за електронски комуникации, која е должна во рок од пет дена да го достави до операторите на електронски комуникациски мрежи за спроведување.
Министерството за дигитална трансформација ќе продолжи со континуирани мерки за сузбивање на нелегалното приредување игри на среќа на интернет, со цел заштита на граѓаните и безбедност во дигиталниот простор.
Македонија
Герасимовски: Поддршката за новороденчињата зголемена од 7.000 на 10.000 денари, инвестираме во нова градинка во Центар
Општина Центар ја зголемува финансиската поддршка за младите семејства и за пензионерите, информираше градоначалникот Горан Герасимовски.
„Еднократната парична помош за секое новороденче се зголемува од 7.000 на 10.000 денари“, изјави Герасимовски.
Со оваа мерка, Општина Центар продолжува со континуирана поддршка за семејствата со новородени деца. Финансиската помош ќе ја добијат сите семејства кои ги исполнуваат условите и се жители на општината.
Покрај директната финансиска поддршка, мерката овозможува и прецизна евиденција на бројот на новородени деца на годишно ниво, што претставува основа за следење на демографските движења во општината. Овие податоци се користат и за поефикасно планирање на капацитетите во детските градинки во Центар.
Дополнително, предвидени се капитални средства за изградба на нова детска градинка во близина на Клиничкиот центар, со капацитет за згрижување на околу 100 деца.
Во рамки на социјалните мерки, Општина Центар ја зголеми и еднократната парична помош за пензионерите со ниски примања, од 2.500 на 5.000 денари.
Истовремено, во тек се подготовки за изградба на дом за стари лица на територијата на Општина Центар.
Фото: Depositphotos

