Македонија
Дожд и грмежи вечерва и во раните утрински часови, јавува УХМР

Времето до крајот на денот ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, во западните делови западен, а долж Повардарието северен ветер, кој наместа повремено ќе засилува. Кон крајот на денот во северозападните делови облачноста ќе се зголеми и во текот на ноќта и во раните утрински часови ќе има локален дожд, повремено пороен со појава на грмежи и услови за краткотрајно невреме.
Времето утре ќе биде променливо облачно и посвежо, претпладне со повремено пороен локален дожд, грмежи и услови за појава на краткотрајно невреме. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 22, а максималната ќе достигне од 27 до 35 степеним јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно, во раните утрински и претпладневни часови со повремен пороен дожд и услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен, попладне во делови од котлината повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 33 степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска Давкова објави дека се фотографираше со Доналд и Меланија Трамп

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова на својот Фејсбук-профил објави дека ѝ претставувало чест да присуствува на приемот што го приредија претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, и неговата сопруга Меланија Трамп, по повод 80. Генерално собрание на Обединетите нации.
Во објавата таа истакна дека во овие турбулентни времиња е важно да не се отстапува од демократските вредности и да се работи заеднички на зачувување на глобалниот мир и безбедност, додавајќи дека САД остануваат искрен сојузник на Македонија.
„Благодарност за гостопримството!“, напиша Сиљановска Давкова.
Македонија
Филипче: Ѓубрето во Скопје е исклучиво одговорност на ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на Сoцијалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарски прашања поврзани со најновите анкети кои се појавија во јавноста, а кои наводно укажуваат на слаб резултат на СДСМ, остро ги отфрли ваквите наративи, оценувајќи ги како намерен обид да се искриви реалната слика во општеството.
„Прво, анкетите сметам дека се обид да се искриви вистинската слика во секојдневниот живот и реалноста, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ според наши анализи губи огромен број на гласови. Сакаат да створат некаква перцепција дека се победници, меѓутоа вистината е дека граѓаните воопшто не се задоволни од начинот како тие ги раководат општините“, рече Филипче.
Во одговорот, Филипче посочи дека токму локалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ во изминативе четири години е најсилниот аргумент против нив, особено во главниот град.
„Еве, 90% од општините во Скопје, вклучувајќи и градот Скопје, се раководени од ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 4 години. Па гледајте во каков град, какви општини живееме. Така што сметам дека е тоа само еден таков обид“, рече Филипче.
На новинарско прашање за хаосот со ѓубрето, запуштените улици и урбаната запоставеност на градот, Филипче директно ја посочи одговорноста кон ВМРО ДПМНЕ.
„Исклучиво и ексклузивно вината е во ВМРО-ДПМНЕ, во блокадите на Советот во Град Скопје, во рамките на раководењето на нивните општини. Еве, видете како е несредено, неискосено, неисчистено и во Аеродром, и во Кисела Вода. И сега тие луѓе повторно претендираат да бидат градоначалници“, рече Филипче.
Тој додаде дека оваа очајна слика е резултат на неработење и неодговорност на ВМРО ДПМНЕ, а дека пуштањето на анкети со однапред нарачани резултати е обид за одбрана од вистината.
„И во една таква ситуација, кога луѓето се свесни дека тие луѓе немале никаков перформанс, и сега се повторно кандидати, сè што можат во овој предизборен период е да пуштат такви лажни анкети“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Пожарите стивнаа, остана само еден активен

На територијата на државата денеска до 18:00 часот има два пожари на отворен простор, од кои еден пожар е активен и еден е изгаснат, информираат до ЦУК.
Активен е пожарот во Општина Демир Капија, кај м.в. Јаворица каде гори нискостеблеста деградирана шума.
Изгаснат е пожарот во село Дедели, во Општина Валандово, каде гореше депонија.