Македонија
Воведени нови летови од скопскиот аеродром до Стокхолм, Мадрид, Бари, Келн и Прага
Скопје се поврзува со уште пет нови дестинации. Од скопскиот аеродром се воведуваат летови до Стокхолм, Мадрид, Бари, Келн и до Прага, објави вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски.
„Утрово, потпишавме договор за 5 нови дестинации, кои ќе се оперираат од скопскиот аеродром. Пет нови авиолета, кои ќе значат повеќе туристи во Македонија, повеќе бизнис во Македонија и повеќе можности за сите граѓани на Македонија. Веќе од ноември почнува редовна авионска линија Стокхолм – Скопје. Исто така, веќе од ноември почнува редовна авионска линија Мадрид – Скопје, а од декември почнува редовна авионска линија Бари – Скопје, од декември Келн – Скопје и исто така од декември почнува и редовна авионска линија Прага – Скопје. Ова се пет нови авиолинии, кои за неколку месеци ќе почнат да оперираат од скопскиот аеродром“, рече Николоски.
Тој додаде дека за една година се отворени 16 нови авиолинии.
„Со 11 нови линии, што веќе ги отворивме, и овие 5, веќе зборуваме за 16 нови авиолинии, кои ги отворивме за една година. И тоа бројките го покажуваат, само во првата половина од оваа година од скопскиот и од охридскиот аеродром вкупно се превезени 1,5 милион патници, што е зголемување за 5 % од скопскиот аеродром и 11 % за охридскиот аеродром“, рече Николоски и најави дека во следниот период ќе има уште нови авиолинии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на Сиљановска-Давкова со професори од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова разговараше со професори на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје за неопходноста од креирање национален модел на образовна и здравствена политика, во којшто ќе бидат вградени физичката активност и здравите навики кај децата и младите, како гаранција за физички и ментално здрава нација.
За таа цел, деканот на факултетот, Влатко Неделковски, продеканката за настава, Андријана Мисовски и професорите Иван Анастасовски и Серјожа Гонтарев ја запознаа претседателката со предлог проектот, односно со планираните истражувања и временската рамка во којашто ќе се одвиваат (2026-2028), очекуваните резултати и стратешката одржливост.

Соговорниците укажаа на загрижувачките последици од долготрајното седење, гледањето телевизија и прекумерната употреба на дигитални уреди врз здравјето на младите, очигледни во прекумерната тежина, зголемената анксиозност, социјалната изолација и пониската самодоверба.

Тие посочија на научно утврдените придобивки од физичката активност како: поголема мускулна маса, подобра меморија, повисока концентрација, смиреност, полесно учење, повисоки академски резултати.

Претседателката предлага посветување поголемо внимание на предметот Физичко образование во сите степени и форми на образование, од градинка до факултет, практикување интерактивна настава во природа, учење во движење.

Сите веруваат дека инкорпорирањето на физичката активност како неопходен елемент на образовниот процес ќе има силно влијание врз младите и нивниот префериран модел на живот, профилирајќи поактивни, поиздржливи, посвесни и поздрави генерации.
Македонија
До сабота претежно облачно и релативно топло време со повремени локални врнежи од дожд
Облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните делови (локално над 30 l/m² за 24 часа). Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 8, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, облачно со повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
До сабота времето ќе биде претежно облачно и релативно топло со повремени локални врнежи од дожд. Во западните и јужните делови врнежите ќе бидат пообилни (локално над 30 l/m² за 24 часа). Од недела ќе има стабилизирање на времето.
Македонија
Муцунски на НАТО-состанок за Коридор 8: Потребнa e зајакнaта регионална поврзаност
На маргините на министерскиот состанок на НАТО, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на покана на италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани попладнево учествуваше на тематски состанок посветен на проектот „Коридор 8“, кој ја поврзува Република Северна Македонија со регионалната инфраструктура и пристаништата во Албанија, Бугарија, Грција и Романија и е препознаен како клучна точка за интеграција на Западен Балкан со пошироката европска мрежа.
На состанокот беше нагласена потребата од зајакната регионална поврзаност, особено имајќи ги предвид актуелните безбедносни ризици и динамичните геополитички промени. Притоа беше потенцирана заедничката определба за интензивирање на координацијата и комуникацијата меѓу сојузниците во контекст на натамошната модернизација на Коридор 8 – стратешка инфраструктура со растечко геополитичко значење.
Учесниците се согласија дека целосната реализација на Коридор 8 ќе донесе значајни стратешки, економски и безбедносни придобивки. Во светло на најновите геополитички случувања во Европа и пошироко, сојузниците ја потврдија неопходноста од забрзано вложување во Коридор 8 како дел од пошироката европска и евроатлантска безбедносна архитектура.

