Македонија
Случајот со претседателката на антикорупциската комисија најматен настан за јули, според „Транспаренси“
„Транспаренси интернешнл – Македонија“ го објави редовниот месечен извештај „Бистро – матно“ за јули 2025 година, во кој се евидентирани повеќе случаи на коруптивни дејства, злоупотреби на службената положба и сериозни системски слабости во институциите.
Во делот „Матни настани“ извештајот се осврна на случајот против претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, против која е поднесено обвинение за одавање службени тајни во предметот „Адитив“. Таа вадела и фотографирала класифицирани податоци за набавки во енергетскиот сектор, а истрагата открила дека за добивање сертификат „државна тајна“ колега полагал тестови во нејзино име користејќи нејзини шифри.
„Транспаренси“ го споменува како матен настан и годишниот извештај на Европската комисија за владеење на правото за 2025 година, кој укажува на потреба од почитување на поделбата на власта, спречување негативни последици од измените на Кривичниот законик и ефикасна имплементација на антикорупциските реформи. Во извештајот се посочува дека мешањето од властите предизвикува загриженост за независноста на судството.
Извештајот фрла светло и врз постапката против 36 лица осомничени за злоупотреби при доделување инвалидски пензии и право за туѓа нега. Тие како дел од две криминални групи наплатувале од 150 до 5.000 евра за незаконско посредување.
Државниот завод за ревизија утврдил сериозни системски слабости во работењето на Фондот за здравствено осигурување за 2023 година, како и финансиски и системски неправилности во Државното правобранителство, каде што е евидентиран недостиг на транспарентност и неправилности во постапките за јавни набавки.
Се посочува и дека Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти, кое не постои од 2017 година, сѐ уште функционира без ажурирана сметководствена евиденција, а документацијата е изгубена или одземена во истраги.
Во делот „Бистри настани“ се наведуваат неколку случаи, каде што се преземени конкретни постапки против сторители на кривични дела, меѓу кои апсењето позната очна докторка од Битола поради примање поткуп од пациент, понатаму обвинение против директорот на Геријатрија за барање мито од 20.000 евра, обвинителниот предлог против поранешен претседател на СУНРСМ за злоупотреба на службената положба. Бистар настан е и веста дека Министерството за здравство овозможи онлајн-пријавување неправилности од страна на граѓаните преку веб-страница со можност за анонимност и објавување на податоците на месечно ниво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Во СДС врие и револтот од Филипче веќе никој не го крие, наместо промени, партијата ја движи кон поголема пропаст“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Измина веќе и втората недела од локалните избори и историскиот пораз на СДС. Од СДС нема никакви решенија, ниту кадровски или политички промени, како што најави Венко Филипче“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Партијата продолжува се повеќе да тоне, истакнати партиски членови и поддржувачи јавно ја искажуваат нивната разочараност и повикуваат на промени, но Филипче се држи за претседателското столче како да е негова приватна сопственост.
Во СДС врие и револтот веќе никој не го крие, се погласно и се поотворено членовите, активистите и поранешни функционери зборуваат дека Венко Филипче веќе нема никаков кредибилитет и дека со секој изминат ден дополнително ја тоне партијата.
Наместо да ја прифати одговорноста за најлошиот резултат на СДС во историјата на партијата, Филипче повторно бега од реалноста и вината ја гледа на друго место, освен во себе.
Со барањето други кривци за поразот и со тоа што не поднесува оставка, Филипче само покажува дека е личност без морален интегритет и доблест.
Наместо тоа, гледаме како Венко Филипче продолжува со истите партиски комбинации, со истите луѓе и со истите веќе видени матрици. Изборот на Александар Трајановски за негов заменик, е уште еден обид да се зачува влијанието на Заев, односно таа партиска матрица и влијание што СДС го доведе до колапс.
Партиските членови, активисти и симпатизери, но и граѓаните гледаат дека вакво раководство нема ниту план, ни визија, ниту пак сила и доблест за промени.
Едно е сигурно, СДС со ваков партиски врв оди во уште поголема пропаст и ако продолжи да ги штити истите луѓе кои ја урнаа партијата, ќе исчезне од политичката сцена побрзо, сакале тие да признаат или не“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Почнува судењето за пожарот во „Пулс”: Роднини на загинатите молкум го следат пристигнувањето на обвинетите
Под силно полициско обезбедување утрово почнува судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ во кој загинаа 63 лица.
Покрај новинарските екипи еден час пред почетокот на судењето пред новата судница во Идризово се дојдени роднини и семејства на загинатите. Молкум ги гледаат полициските комбиња во кои пристигнуваат обвинетите.

Обвинението, поднесено во јуни годинава, опфаќа 34 физички и три правни лица, обвинети за тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив се тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, генерален секретар и двајца поранешни министри за економија. Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на фирмата чија подружница било кабарето „Пулс“.
Покрај главниот предмет, се води и посебна истрага против 13 полицајци поврзани со случајот, која се одвива побавно поради одложени сослушувања на сведоци. Одлуката од Јавното обвинителство се очекува на почетокот на декември.
Во Основното јавно обвинителство Кочани се води и предистражна постапка против службеници на Управата за јавни приходи.
Според обвинителниот акт, со години се кршеле закони, се прикривале неправилности и се дозволувало објектот да функционира иако не ги исполнувал ниту минималните услови за безбедност. Обвинети се сопственици на дискотеката, членови на нивните семејства, архитектка, ексградоначалници, инспектори, обезбедувачи и државни функционери.
Македонија
По осум месеци од трагедијата, почнува судењето за пожарот „Пулс“ – обвинети се 34 лица
Судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што се случи на 16 март, а во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени, почнува денеска, во судницата во затворот „Идризово“.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски најави дека обвинението ќе го застапува тим од околу 15 обвинители, со веќе утврден план за нивна координација.
„Во судница обвинението ќе го застапуваат истите обвинители што беа и досега, но најверојатно ќе ангажираме уште неколку, за да не се одолговлекува постапката. Од наша страна сме целосно подготвени и екипирани“, изјави минатата недела Коцевски.
Обвинението, поднесено во јуни годинава, опфаќа 34 физички и три правни лица, обвинети за тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив се тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, генерален секретар и двајца поранешни министри за економија. Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на фирмата чија подружница било кабарето „Пулс“.
Покрај главниот предмет, се води и посебна истрага против 13 полицајци поврзани со случајот, која се одвива побавно поради одложени сослушувања на сведоци. Одлуката од Јавното обвинителство се очекува на почетокот на декември.
Во Основното јавно обвинителство Кочани се води и предистражна постапка против службеници на Управата за јавни приходи.
Според обвинителниот акт, со години се кршеле закони, се прикривале неправилности и се дозволувало објектот да функционира иако не ги исполнувал ниту минималните услови за безбедност. Обвинети се сопственици на дискотеката, членови на нивните семејства, архитектка, ексградоначалници, инспектори, обезбедувачи и државни функционери.

