Македонија
Шверцер удри во патарини и во возила и нападна полицаец – приведени две лица по полициска потера кај Градско

Двајца државјани на Косово се приведени синоќа по драматична полициска потера на автопатот Градско – Скопје, откако се обиделе да пренесат осум мигранти од Народна Република Кина во возило со косовски регистарски ознаки.
Инцидентот започнал околу 21:40 часот кога возилото „фолксваген кеди“, управувано од 24-годишниот Г.Л., а со сопатник 18-годишниот Б.Л., не застанало на полициски знак за запирање и продолжило со опасно движење кон Скопје.
Во обид да го избегне апсењето, возачот оштетил повеќе инфраструктурни објекти и возила – наплатната станица во Градско, во движење удрил во автомобил „опел инсигниа“ со странски таблички и нанел штета и на мотоцикл со македонски ознаки. Потоа била оштетена и рампа на наплатната станица Петровец.
Потерата завршила кај клучката Приштина на скопската обиколница, каде што возачот изгубил контрола и излетал од патот. При обид да избега пеш, физички нападнал полициски службеник, но бил совладан и приведен.
За време на акцијата биле испукани и предупредувачки куршуми, но никој не е повреден.
Приведените се задржани во полициска станица, а мигрантите се префрлени во транзитен центар. По целосно расчистување на случајот, ќе биде поднесена соодветна кривична пријава од Одделението за прекуграничен криминал, странци и реадмисија при РЦ за гранични работи Север.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Врнежи од снег и паднати дрвја на патот Никфорово-Леуново-Бунец, сообраќајот во прекин

На регионалниот пат Никфорово-Леуново-Бунец од 23:20 часот, сообраќајот е во прекин поради врнежи од снег и паднати дрва на коловоз, извести АМСМ.
Се интервенира за негово расчистување.
Во текот на денот и вечерва вработените од Ј.У.Н.П. „Маврово# со сопствена механизација, се вклучија во активностите за расчистување на паднатите дрва кои го отежнуваат движењето на автомобили по регионалниот пат Маврово – Дебар и околу Мавровското езеро.
Македонија
Петрушевски: Венко Филипче ти имаш фирми во Бугарија, на адреса со Заев каде се свртеа 9 милиони од јагленот од РЕК

„Вечерва Венко Филипче, пред 30-тина луѓе во мала сала во Кисела Вода, потрошил голем дел од својот говор за да ме навредува. Редно е да одговорам“, напиша на социјалните мрежи Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Венко, најмалку ти имаш право кој било да го обвинуваш за „лажење“ и „бугаризација“. Јас немам бугарски пасош, немам фирми во Бугарија и немам тајни зделки зад грбот на народот. Ајде еднаш биди искрен и признај дека токму ти си синоним за милионски шеми со фирми во Петрич, заедно со браќата!
Не мора на мене, туку на јавноста дај и одговори: Каде завршија 9 милиони евра од јагленот за РЕК Битола? Зошто на иста адреса во Петрич се појавуваат фирми на твоето семејство и на Вице Заев? Дали тие пари завршуваа во ваши фотоволтаични централи, додека народот го оставивте да плаќа скапа струја? Дали преку бугарски фирми финансирате бизниси по светот, додека Македонија ја потонавте во сиромаштија?
Ова се вистинските прашања, Венко.
Не лажи дека јас или Христијан Мицкоски имаме такви врски. Ние немаме ниту бугарски пасоши, ниту скриени фирми. Ние имаме чесна и чиста биографија.
ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се јасно определени за Македонија во ЕУ, но како достоинствена држава, без понижувања и без тргување со националните интереси.
Доста е од лицемерието Венко! На народот му е јасно дека додека си трупавте милиони преку Бугарија, граѓаните останаа со празни џебови“, вели Петрушевски.
Македонија
Забрана за тешки товарни возила на неколку патни правци

Од 19:45 часот на магистралниот пат Маврово – Дебар воведена е забрана за тешки товарни возила поради задржување на снег на коловоз, извести АМСМ.
Од 19.55 часот воведена е забрана за тешки товарни возила и за патниот правец Гостивар – Стража, додаваат од АМСМ.