Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Таравари во скутот на Ахмети ја пее неговата песна

ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение го обвини Арбен Таравари дека го сменил ставот кон лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, под притисок и уцени, и дека сега работи во корист на ДУИ и Али Ахмети.
„Арбен Таравари уште еднаш го покажа своето вистинско лице, човек кој до скоро јавно го фалеше Христијан Мицкоски и соработуваше со него, денес неосновано го напаѓа, само затоа што е уценет и мора да ја пее песната на Али Ахмети“, се наведува во соопштението на партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека Таравари додека бил дел од Владата не изнесувал критики, туку зборувал за искреноста, капацитетот и посветеноста на Мицкоски, а дека сега, „кога го притиснаа со некои папки и му дојдоа некои потсетници“, решил да стане „гласноговорник на ДУИ“.
„Како и некои функционери на СДС и градоначалничката на Скопје, сега и Таравари е ставен во непријатниот скут на Ахмети, ама очигледно, кога ќе се намести убаво, скутот не му пречи“, се наведува во партиското соопштение.
Од партијата заклучуваат дека „виновникот не е Ахмети, туку самиот Таравари, кој од човек со кредибилитет стана симбол за политичко понижување“, додавајќи дека „народот гледа сè“ и дека „на крајот, секој ќе си го добие заслуженото“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почувствуван земјотрес во Македонија

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, попладнево во 16 часот и 14 минути регистрираше земјотрес чиј епицентар потекнува од епицентралното подрачје Тетово-Гостивар, 39 км западно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.7.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Тетово, Гостивар и блиската околина со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Македонија
МНР: Амбасадата во Прага е во координација со семејството на Чифлиганец за пренeсување на телото во Македонија

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека на 2 август 2025 година, до македонската амбасада во Прага била доставена информација за тешка сообраќајна несреќа во која бил повреден македонскиот државјанин Душко Чифлиганец. Тој управувал мотор кога дошло до незгодата, по што со тешки повреди бил пренесен во болница.
На 3 август, семејството го известило дипломатско-конзуларното претставништво дека Чифлиганец им подлегнал на повредите.
Како што соопштија од МНР, Амбасадата во Прага е во континуирана комуникација со семејството со цел завршување на сите неопходни формалности и организација за пренос на телото во Македонија.
Македонија
Изгаснат пожарот кај Липково, гори на две локации

До 12 часот активни се два пожари на отворен простор, еден пожар е под контрола, а еден е изгаснат.
Активните пожари се наоѓаат во село Богомила во општина Чашка, каде гори мешана шума, како и во село Грешница во општина Македонски Брод, во деградирана нискостеблеста шума, соопшти ЦУК.
Пожарот кој е под контрола е во село Стровија во општина Долнени, зад местото викано Гајдарец-Клепало, во нискостеблеста шума.
Пожарот што е изгаснат се наоѓа во село Слупчане во општина Липково, каде горела ниска вегетација.