Македонија
Скопјанец преку веб-страница продавал билети за непостоен концерт
Полицијата поднесе кривична пријава за скопјанец кој преку веб-страница продавал билети за непостоен концерт.
Денеска, Секторот за компјутерски криминал поднесе кривична пријава против А. Х. (25) од Скопје за сторено кривично дело компјутерска измама.
Според информациите од МВР, А. Х., во периодот од 4.4.2025 до 13.6.2025, како одговорно лице на компанија што организира музички настани, преку веб-страница за продавање билети овозможил електронско купување билети за концерт што воопшто не бил предвиден да се одржи, односно не бил склучен никаков договор за негово одржување, со што ги довел лицата во заблуда да купат билети за концертот и притоа не ги рефундирал парите.
Од МВР најавија дека продолжува активно да спроведува мониторинг на содржините на социјалните мрежи и на целокупниот интернет-простор, со цел превенција од повикување на насилство, загрозување на сигурноста, ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, злоупотреба на лични податоци и говор на омраза со елементи од кривични дела за кои се постапува по службена должност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Празнично работно време на шалтерите на ЈП Водовод и канализација – Скопје
ЈП Водовод и канализација – Скопје ги известува граѓаните на град Скопје дека денеска (среда) шалтерите за наплата, шалтерите за рекламации, како и операторите во Дирекцијата на претпријатието ќе работат во периодот од 07:30 до 15:30 часот.
01.01.2026 година (четврток) е неработен ден.
Од 02.01.2026 година (петок), се продолжува со редовно работно време.
Македонија
Во прекин сообраќајот кон Ќафасан поради сообраќајка
Поради сообраќајна незгода сообраќајот према ГП Ќафасан е во прекин во двата правци, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сончево време со температура до 6 степени
Времето ќе биде сончево и студено со мала до умерена локална облачност. Ќе дува засилен до силен северен ветер и наместа ќе има услови за провејување на снег. Минималната температура ќе биде во интервал од -10 до -4, а максималната ќе достигне од -3 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, претежно сончево и студено со умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 3 степени.
Во четврток и во петок ќе се задржи студено време со минимални температури кои насекаде ќе бидат негативни, а локално ќе се спуштат и под минус 10 степени.
Од петок и во деновите потоа ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи, претежно од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а температурите ќе биде во пораст.

