Свет
Министерот Кенеди повлекува 500 милиони долари наменети за развој на мРНК вакцини
Американското Министерство за здравство и социјална заштита ќе ги откаже договорите и ќе го повлече финансирањето за некои вакцини што се развиваат за борба против респираторни вируси како ковид-19 и грип. Роберт Ф. Кенеди јуниор во вторник објави соопштение во кое наведува дека 22 проекти, во вкупна вредност од 500 милиони долари, за развој на вакцини користејќи мРНК технологија ќе бидат прекинати.
Одлуката на Кенеди да ги прекине овие проекти е последен потег со кој тој, како долгогодишен критичар на вакцините, ги реализира своите сомнежи во ефикасноста на вакцините во рамките на националниот здравствен систем. Кенеди ја повлече препораката за вакцините против ковид-19, го распушти одборот кој носи препораки за вакцини и не даде силна поддршка за вакцинирање додека ситуацијата со епидемијата на сипаници се влошуваше.
Стручњаците тврдат дека мРНК технологијата е безбедна
Министерот за здравство ги критикуваше мРНК вакцините во видео објавено на неговите профили на социјалните мрежи, објаснувајќи ја одлуката за укинување на проектите што ги водат најголемите фармацевтски компании во земјата, вклучувајќи Pfizer и Moderna, кои нудат заштита од вируси како грип, ковид-19 и H5N1.
„За да ги замениме проблематичните мРНК програми, даваме предност на развој на побезбедни, пошироко ефективни стратегии за вакцини, како вакцини базирани на целиот вирус и нови платформи кои не пропаѓаат кога вирусите мутраат“, рече Кенеди во видеото.
Стручњаците за заразни болести тврдат дека технологијата мРНК користена во вакцините е безбедна, а заслугата за нејзиниот развој во првата администрација на Трамп ја припишуваат на забавувањето на пандемијата на коронавирус во 2020 година. Тие предупредија дека идните пандемии ќе биде потешко да се сопрат без помош на мРНК технологијата.
„Најопасна одлука во последните 50 години“
„Мислам дека во моите 50 години во јавното здравство никогаш не сум видел опасна одлука како оваа,“ изјави Мајк Остерхолм, експерт за заразни болести и подготовка за пандемии од Универзитетот во Минесота. Тој истакна дека мРНК технологијата нуди предност на брзo производство, што е клучно при нова пандемија која бара нова вакцина.
„Одлуката да се стават мРНК проектите на чекање е кратковида, имајќи предвид дека сè уште постои загриженост за можнота пандемија на птичји грип“, рече за Асошиетед Прес д-р Пол Офит, експерт за вакцини од Детската болница во Филаделфија. „Тие сигурно спасиле милиони животи“, рече Офит за постојните мРНК вакцини.
Научниците ја користат мРНК не само за вакцини против заразни болести, туку и за истражување на имунотерапија за рак. На почетокот на оваа година, милијардерот и технолошки претприемач Лери Елисон ја пофали мРНК технологијата во Белата куќа поради нејзиниот потенцијал во лекување на рак.
Традиционално, вакцините се произведуваат преку одгледување делови од вирусот, често во кокошки јајца или големи садови со клетки, а потоа тој материјал се прочистува. Пристапот со мРНК започнува со исечок од генетскиот код кој носи инструкции за производство на протеин.
Министерството најави дека „другите примени на мРНК технологијата во рамките на министерството не се погодени од ова соопштение“.
мРНК технологијата се користи во одобрени вакцини против ковид-19, но уште не е одобрена за вакцина против грип. Moderna, која истражуваше комбинирана вакцина против ковид-19 и грип базирана на мРНК, изјави дека верува дека мРНК може да го забрза производството на вакцина против грип во споредба со традиционалните вакцини.
Министерството најавува „инвестиции во подобри решенија“
Напуштањето на мРНК проектите означува „промена на приоритетите во развојот на вакцини“, наведува министерството во соопштението, додавајќи дека ќе почнат да инвестираат во „подобри решенија“. „Сакам да бидам целосно јасен, Министерството за здравство и социјална заштита поддржува безбедни, ефективни вакцини за секој Американец кој сака да се вакцинира“, изјави Кенеди.
Фокусот е на „универзална вакцина што го имитира „природниот имунитет“
Неколку часа подоцна, во вторник, говорејќи на прес-конференција во Анкориџ, Аљаска, заедно со двајца републикански сенатори од државата, Кенеди рече дека се работи на алтернатива.
Тој изјави дека фокусот на администрацијата е на „универзална вакцина“ која го имитира „природниот имунитет“. „Веруваме дека ќе биде ефективна, не само против коронавирусот, туку и против грипот“, рече Кенеди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руте: Новата арктичка мисија на НАТО е многу значајна
Отфрлајќи ги критиките дека новата арктичка мисија на НАТО е само ребрендирање на постојните активности, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, рече дека тоа е „многу значајна“ иницијатива.
НАТО предложи нова операција „Арктички стражар“ завчера, која би ги консолидирала заедничките вежби во областа под команда на алијансата.
Сепак, дипломатите и експертите веруваат дека ова е главно комуникациски потег насочен кон смирување на Доналд Трамп, како и одговор на заканата што ја оценуваат како во голема мера претерана.
Руте објасни дека мисијата ќе има „чекор-по-чекор пристап“ и ќе започне со обединување на „постојните вежби и активности“ на алијансата во регионот под една команда за да се утврди „што друго ни треба“.
Врховниот командант на сојузничките сили за трансформација, адмирал Пјер Вандиер, исто така ќе биде замолен да испита како „најновите иновативни технологии“ можат да се користат на Арктикот.
фото/Depositphotos
Свет
Макрон: Русија е значително ослабена од конфликтот
Францускиот претседател, Емануел Макрон, тврди дека Русија всушност е значително ослабена од конфликтот.
Според него, Русија влегла во рецесија, станала целосно зависна од Кина, има демографски проблем и се соочува со воен неуспех.
Макрон нагласи дека Европејците сега станаа „единствениот извор на воено финансирање“ за Киев, алудирајќи на Соединетите Американски Држави, кои побараа од Европа да ги засили своите напори.
Тој верува дека не може да се постигне мировен договор меѓу Украина и Русија без учество на Европејците.
„Ние ќе бидеме дел од решението и треба да бидеме дел од решението“, рече Макрон. Тој додаде дека токму тоа е причината зошто неговата канцеларија неодамна воспостави контакт со Москва.
foto/Depositphotos
Свет
Тројца скијачи загинаа во лавина на француските Алпи
Тројца скијачи загинаа откако беа однесени од лавина во луксузниот француски алпски скијачки центар Вал д’Изер, изјави за новинарите Седрик Боневие, задолжен за патеките на одморалиштето.
Боневие рече дека една жртва е француски државјанин, додека другите се странци.
Тој додаде дека инцидентот се истражува.
Медиумските извештаи велат дека инцидентот се случил надвор од пистата.
Се чини дека една од жртвите била зафатена од лавина високо на планинската падина, додека другите двајца биле во група од пет скијачи, вклучувајќи и професионален водич, пониско од планината каде што не можеле да ја видат катастрофата што се приближува.
Не е познато што ја предизвикало лавината, рече Боневие.
Метео Франс, националната метеоролошка служба, во четвртокот го стави подрачјето под црвена тревога поради ризик од лавини.
фото/Depositphotos

