Свет
Исповед на Севернокорејци за Би-би-си: Нè праќаат во Русија да работиме како робови
Илјадници Севернокорејци се испраќаат да работат во Русија во услови слични на ропство за да го пополнат огромниот недостиг на работна сила, влошен од руската инвазија на Украина, дознава Би-би-си.
Москва повеќекратно се обратила до Пјонгјанг за помош во војната, од која набавува ракети, артилериски гранати и војници. Сега кога многу руски мажи загинале на бојното поле или избегале од земјата, постои зголемена зависност од севернокорејските работници, според јужнокорејските разузнавачки служби.
Би-би-си разговараше со шест работници што избегале од Русија од почетокот на војната, како и со владини претставници, истражувачи и активисти што им помагаат. Тие сведочеа за ужасните услови за работа и сè построгиот надзор за да се спречат бегства.
Еден од работниците, Џин, опиша како, по пристигнувањето на рускиот Далечен Исток, веднаш бил однесен на градилиште под надзор на агент на севернокорејската безбедносна служба. „Надворешниот свет е наш непријател“, му рекол агентот. Џин работел 18 часа на ден на изградба на станбени облакодери.
Сите опишале еднакво исцрпувачка рутина – будење во 6 часот наутро и работа до 2 часот наутро, со само два дена слободни во целата година. Спиеле во валкани, преполни контејнери или на подот од недовршени згради, често без греење и само со церади над отворите.
Работниците биле под постојан надзор на агенти од Пјонгјанг, а прекршоците, како што е земање слободно време од работа, се казнуваат со тепање. „Беше како да умираме“, рече Чан, еден од работниците.
Во Северна Кореја одењето на работа во Русија се смета за престижна можност бидејќи носи подобра заработка отколку дома. Сепак, поголемиот дел од платата веднаш се пренасочува кон државата како надомест за лојалност, а на работникот му остануваат само 100-200 долари месечно, и тоа дури кога ќе се врати дома, со цел да се спречат бегства.
Тае, кој успеал да избега, рекол дека се чувствувал „како во работен логор, затвор без решетки“ кога дознал дека работниците од централна Азија заработуваат петпати повеќе за трипати помалку работа.
Во 2019 година ОН го забрани вработувањето Севернокорејци во странство со цел да се намалат приходите за нуклеарната програма на Пјонгјанг, но забраната сега се заобиколува. Според јужнокорејски извори, повеќе од 13.000 Севернокорејци пристигнале во Русија во 2024 година – 12 пати повеќе отколку претходната година, а многумина дошле со студентски визи.
Се очекува оваа година да пристигнат повеќе од 50.000 работници. Повеќето од нив работат на големи градилишта, а некои во текстилната и во ИТ-индустријата, што е исто така прекршување на забраната на ОН. Рускиот министер Сергеј Шојгу потврди дека 5.000 Севернокорејци ќе бидат испратени за обнова на Курск, а некои може да работат во окупираните делови на Украина.
За да се спречат бегствата, севернокорејските власти воведоа почести идеолошки обуки и сесии за самокритика и речиси целосно ја укинаа можноста за напуштање на градилиштето. Порано работниците можеа да излегуваат еднаш месечно, сега речиси никогаш, а дури и тогаш во групи од по петмина со постојан надзор. Бројот на оние што успеваат да избегаат од Русија и да стигнат до Јужна Кореја е преполовен од 2022 година, од 20 на 10 годишно.
Според професорот Андреј Ланков, работниците ќе останат траен симбол на воениот сојуз меѓу Ким Џонг-ун и Владимир Путин, дури и кога ќе престане испраќањето војници и оружје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп ќе го пречека претседателот на Колумбија во Белата куќа на почетокот на февруари
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денеска објави дека во првата недела од февруари ќе го пречека колумбискиот претседател Густаво Петро на разговори во Белата куќа.
„Сигурен сум дека ќе биде многу добро и за Колумбија и за САД, но кокаинот и другите дроги мора да бидат запрени пред да влезат во Соединетите Држави“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social.
Зборовите на Трамп претставуваат промена во тонот по месеците остри критики кон Петро и неговата влада, обвинувајќи го колумбискиот претседател дека управува со „фабрики за кокаин“.
Трамп објави дека тој и Петро разговарале по телефон во средата и се согласиле да се сретнат во Белата куќа, но не го прецизираше точниот датум на средбата.
Во изјавите објавени денеска, Петро рече дека Трамп му рекол во телефонски разговор дека размислува за воени операции во Колумбија, што е поврзано со регионалните тензии по американската воена операција во Венецуела.
„Трамп ми рече во телефонски разговор дека размислува за лоши работи во Колумбија. Пораката беше дека тие веќе се подготвуваат, планираат воена операција“, изјави Петро за шпанскиот весник „Ел Паис“, додавајќи дека верува оти заканата е замрзната по разговорот, но призна: „Можеби грешам“.
Петро рече дека Колумбија нема капацитети за воздушна одбрана, но повика на народен отпор во случај на таква воена операција во неговата земја.
Средбата треба да се одржи во време кога односите меѓу САД и Колумбија се обидуваат да се стабилизираат и да се префрлат кон дијалог, и покрај широко распространетите разлики околу политиката за дрога и регионалната безбедност.
фото/депозитфотос
Свет
Венецуела сака да ги обнови дипломатските односи со САД
Венецуелската влада започна да истражува опции за проширување на дипломатските односи со САД, а се очекува претставници на американскиот Стејт департмент да отпатуваат во Каракас за технички и логистички проценки, соопштија двете земји. Стејт департментот соопшти дека американските претставници го проценуваат „потенцијалното продолжување“ на работењето на амбасадата во јужноамериканската земја.
Вашингтон и Каракас сигнализираа подготвеност за соработка по американската воена операција од минатата недела што резултираше со апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро. Неговата потпретседателка Делси Родригез ја презеде функцијата привремен шеф на државата.
„Венецуелската влада одлучи да започне прелиминарен дипломатски процес со американската влада, со цел повторно воспоставување дипломатски мисии во двете земји“, соопшти венецуелската влада.
Претходно денеска, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ослободувањето на политичките затвореници во Венецуела е знак за „барање мир“ и дека како резултат на тоа го откажал планираниот втор бран напади.
Во среда, Трамп рече дека САД „се сложуваат многу добро“ со венецуелската влада предводена од Родригез, особено кога станува збор за обнова на нафтената и гасната инфраструктура.
фото/епа
Свет
Трамп му посака среќа на Орбан во изборната кампања
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, му посака среќа на унгарскиот премиер Виктор Орбан, долгогодишен сојузник, во неговата изборна кампања, според писмото што Орбан го објави на својата Фејсбук страница.
Во писмото, Трамп наведува дека „смелото лидерство“ на Орбан служи како пример за остатокот од светот. Тој додаде дека со нетрпение очекува „продлабочување на соработката“ во областите на одбраната, енергетиката и нелегалната миграција, пишува агенцијата „Ројтерс“.
„Секогаш цврсто сте стоеле во одбрана на принципите што ја прават Унгарија толку исклучително место – религијата, семејството и суверенитетот“, напиша Трамп во писмото.
Националистот Орбан се соочува можеби со најтешкиот предизвик во неговите 16 години на власт, со комбинација од економска стагнација во Унгарија, зголемување на трошоците за живот и скандал со малолетнички притворен центар што го зајакнува опозицискиот ривал чија партија води во повеќето анкети.
Изборите се очекуваат во април.
Во писмото, Трамп му се заблагодари и на Орбан за поканата да ја посети Унгарија, наведувајќи дека неговиот тим „ќе биде во контакт“ во врска со распоредот. Во понеделник, Орбан рече дека посетата на „високо рангиран“ американски политичар е веројатно да се случи пред изборите.
фото/епа

