Македонија
Целосно реновирано болничкото одделение на Клиниката за урологија
Универзитетската клиника за урологија денеска ја промовира новата, целосно реновирана болничка инфраструктура, како дел од широк инвестициски и реформски циклус, кој опфаќа модернизација и унапредување на здравствените услуги, условите за работа и достојни услови за пациентите.
На настанот присуствуваа директорот на Клиниката, хирург уролог и научен соработник д-р Башким Шабани, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за здравство, Азир Алиу, и Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување.
Во изминатите месеци Клиниката успешно реализира низа проекти насочени кон подобрување на условите за работа, унапредување на медицинските услуги и подигнување на квалитетот на грижата за пациентите.
Целосно беше реновирано болничкото одделение со вкупна инвестиција од 300 илјади евра. Од оваа сума 100 илјади евра се обезбедени од фондовската сметка, 100 илјади преку донации, а другите 100 илјади евра од сопствени средства на Клиниката.
Просториите се целосно трансформирани во современи болнички соби, уредени како апартмани. Секоја соба е опремена со нови болнички кревети, ЛЦД-телевизори, нови тоалети, клима-уреди и бактериолошки прочистувачи на воздухот. Климатизацијата на целиот простор создаде значително похумани услови за пациентите, особено во текот на летните месеци кога температурите се високи, а болничкиот престој може да биде непријатен.
Особено значаен е и хуманиот гест на вработените од Клиниката, кои се откажаа од субвенциите за службени мобилни телефони, во вредност од 500.000 денари. Наместо тоа, Клиниката со овие средства купи две машини за перење алишта и 18 клима-уреди за болничките соби. Овој чин, според раководството, е суштинска посветеност за доброто на пациентите.
„За нас, овој проект не е само реновирање болнички ѕидови – ова е реновирање на системот, на вредностите, на односот кон пациентите и професионалноста во здравството. Посветени сме да создадеме клиника што нуди достоинствен престој, современо лекување и човечка грижа. Благодарен сум му на целиот тим што застанавме зад овие промени, со заедничка посветеност. За помалку од една година, Клиниката за урологија стана пример како со тимска работа и вистински вредности може да се создаде модерен и ефикасен здравствен систем, достапен тука, дома“, изјави директорот Башким Шабани, кој заедно со стручниот тим направи целосна трансформација на институцијата.
Медицинската експертиза на Клиниката значително е зајакната и со воведувањето три нови хируршки техники.
„Во последната година почнавме да имплантираме артифициелни уринарни сфинктери и да вградуваме пенилни протези – ригидни и семиригидни, а во финална фаза е и имплементацијата на третата, високоспецијализирана метода – сакрална невромодулација“, истакна Шабани.
Со тоа Клиниката стана сертифициран центар за овие интервенции, кои досега беа достапни само во странство. Денес, овие хируршки процедури, кои се практикуваат во најразвиените медицински центри во светот, успешно се изведуваат и во Скопје.
Откога го разгледаа реновираното болничко одделение, и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и министерот за здравство, д-р Азир Алиу, изјавија дека целосно реновираната Клиника за урологија исполнува достојни европски стандарди.
„Реновираната Клиника за урологија навистина изгледа импресивно. Со овој чекор сме поблиску до европското здравство и до квалитетот на услуги, кои треба да ги почувствуваат пациентите“, изјави Мицкоски.
Покрај новите техники, Клиниката отвори и просторија за полуинтензивно лекување, опремена со монитори за следење на виталните параметри, во која ќе се третираат потешките пациенти.
Човечкиот ресурс останува во фокусот на развојните политики. По направената анализа за потребата од медицински персонал, неодамна беа вработени 22 медицински сестри, болничари и хигиеничарки, кои претходно беа ангажирани со договор на дело. Со тоа Клиниката ја зајакна кадровската основа и овозможи поквалитетна грижа за пациентите. Паралелно, се подготвува и нова програма за вработување доктори, со цел задржување на стручниот кадар во државата и континуирано подобрување на квалитетот на услугите.
Во следната фаза од развојот почнува реновирањето на Центарот за трансплантација на бубрези и на Центарот за калкулоза. Во план е да се набави нов апарат за третман на каменчиња на уринарниот тракт, а ќе се изгради и нова хируршка сала за ендоскопски интервенции. Целта е централизација на третманот на уринарните каменчиња на едно место, каде што пациентите ќе добијат најсовремени решенија, без да се упатуваат на другите клиники. Новиот Центар за трансплантација ќе располага и со просторија за дијализа, што ќе овозможи трансплантираните пациенти да останат во рамките на Клиниката, без да се препраќаат до Клиниката за нефрологија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.
Македонија
Ако не се реши проблемот со превозниците, ќе трпи цела Европа, порача Николоски од Загреб
Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски порача дека доколку не се изнајде решение за проблемот со превозниците и електронската евиденција за престој и работа во шенген-зоната, тоа ќе претставува сериозен удар не само за македонската и регионалната економија, туку и за економијата во цела Европа.
Николоски денеска во рамки на работната посета на Загреб оствари средба со Лука Буриловиќ, претседател на Стопанската комора на Хрватска, на која беше потенцирана клучната улога на транспортниот сектор во развојот на регионалната економија и негативните последици што би ги имале ограничувањата во работењето на превозниците од земјите од Западен Балкан.
Според Николоски, ваквата состојба претставува сериозна закана за економската стабилност и развој доколку не се изнајде соодветно решение во рамки на Европската Унија, со што професионалните возачи нема да се третираат како туристи или мигранти, туку како професионалци кои ја извршуваат својата работа.
На средбата беше разговарано и за унапредување на економската соработка и зголемување на трговската размена меѓу двете земји. Николоски изрази надеж дека размената ќе продолжи да расте и дека во иднина може да достигне и до една милијарда евра.
Претседателот на Стопанската комора на Хрватска, Буриловиќ, оцени дека економската соработка меѓу двете држави е добра и оти постои голем потенцијал за нејзино унапредување, особено преку директна соработка меѓу компаниите, како и преку развој на инфраструктурата, вклучително и железничката.
Македонија
Ѓорѓиевски објави видео: Скопското Кале целосно исчистено и уредено
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави видео на своите официјални профили на социјалните мрежи, со порака дека скопското Кале е целосно исчистено и уредено.
Преку својата изјава, градоначалникот Ѓорѓиевски истакнува дека грижата за културното наследство и јавните простори останува еден од приоритетите на Град Скопје.
Тој потенцира дека Скопското Кале, како симбол и гордост на градот, заслужува континуирано внимание, одржување и заштита, со цел да се зачува неговата историска вредност и да се обезбеди пријатна и безбедна средина за сите посетители.
Од Град Скопје велат дека и во иднина ќе продолжат со активности насочени кон унапредување, одржување и промоција на културно-историските знаменитости во главниот град.

