Економија
Фотографскиот гигант „Кодак“, стар 133 години, пред банкрот
Поранешниот фотографски гигант „Истман Кодак“, компанија со традиција од 133 години, ги предупреди инвеститорите дека е во опасност од банкрот.
Во својот извештај за заработка „Кодак“ соопшти дека нема „обезбедено финансирање или достапна ликвидност“ за да отплати долг од приближно 500 милиони долари, пишува Си-ен-ен.
„Овие услови фрлаат значителен сомнеж врз способноста на компанијата да продолжи како континуирана компанија“, се наведува во документот на „Кодак“.
Компанијата се обидува да собере пари со суспендирање на плаќањата во својот пензиски фонд.
И покрај мрачните прогнози, извршниот директор Џим Континенца тврди дека компанијата постигнала напредок.
„Во вториот квартал ‘Кодак’ продолжи да постигнува напредок во однос на нашиот долгорочен план и покрај предизвиците на неизвесната деловна средина“, рече тој.
Портпаролот на компанијата за Си-ен-ен додаде дека тие се „уверени оти ќе може да отплатат значителен дел од нивниот долгорочен заем многу пред рокот на достасување и да го модифицираат, продолжат или рефинансираат преостанатиот долг и/или обврските за преференцијални акции“.
Веста силно одекна на пазарот, а акциите на „Истман Кодак“ (KODK) паднаа за повеќе од 25 проценти во вторникот.
Компанијата „Истман Кодак“ е основана во 1892 година, но нејзините корени датираат од 1879 година кога основачот Џорџ Истман патентирал машина за обложување плочи. Тој го продал првиот фотоапарат на „Кодак“ во 1888 година за 25 долари.
Во тоа време фотографијата била резервирана за малкумина поради нејзините технички барања, но фотоапаратот на „Кодак“ бил дизајниран да ја доближи до масите. Истман исто така го создал легендарниот слоган: „Вие го притискате копчето, ние го правиме другото“.
Самото име „Кодак“ нема никакво значење. Според компанијата, Истман го измислил затоа што му се допаѓала буквата К. „Буквата K ми беше омилена – се чувствува како силна, моќна буква“, објасни тој.
„Кодак“ доминира на пазарот со децении. Во текот на 70-тите, според „Економист“, тие држеа 90 проценти од продажбата на филмови и 85 проценти од продажбата на фотоапарати во САД, а хит-песната на Пол Сајмон, Kodachrome, беше на врвот на листата во 1973 година. Иронично, падот беше потпомогнат од технологијата што самите ја измислија – првиот дигитален фотоапарат, воведен уште во 1975 година.
Компанијата не успеа да се приспособи на дигиталната ера и поднесе барање за банкрот во 2012 година, со долгови од 6,75 милијарди долари кон 100.000 доверители. Краткорочно закрепнување се случи во 2020 година кога американската влада ги ангажира да произведуваат фармацевтски состојки. Цената на акциите потоа скокна толку многу што тргувањето беше запрено дури 20 пати во еден ден.
Иако повторно се соочува со загуби, „Кодак“ објави планови за проширување на фармацевтскиот дел од својот бизнис. Компанијата продолжува да произведува филмови и хемикалии за други компании, вклучително и филмската индустрија.
Фото: принтскрин/инстаграм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

