Македонија
Влен: Османи 20 години гради кариера, без проекти за Чаир

Коалицијата „Влен“ го критикуваше Бујар Османи, наведувајќи дека во изминатите 20 години тој градел лична политичка кариера, но не реализирал ниту еден проект за општина Чаир.
„Дваесет години Османи е во највисоките државни функции, а ниту еден човек од Чаир не почувствува поддршка или помош од него. Денес гледаме глума и празни зборови“, стои во соопштението.
Од ВЛЕН додаваат дека Османи не е кандидат за Чаир, туку за сопствена кариера и дека граѓаните на општината очекуваат посветеност, вистинска работа и конкретни резултати. Во реакцијата се наведува и дека младите во ДУИ се приклучуваат кон ВЛЕН, каде, како што велат, гледаат визија и перспектива.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево со мала до умерена локална облачност, максималната температура до 20 степени

Сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 8, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно време со сончеви периоди и со слаб до умерен јужен ветер. Во среда ќе има локални врнежи од дожд, а од четврток дневната температура ќе биде во пораст.
Македонија
Орце Ѓорѓиевски и Амар Мециновиќ одат во втор круг за градоначалник на Скопје, ВМРО-ДПМНЕ и Левица имаат најмногу гласови и во Советот

Кандидатите за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ и Левица, Орце Ѓорѓиевски и Амар Мециновиќ ќе се соочат во вториот круг од локалните избори што ќе се одржи на 2 ноември.
Според податоците на Државната изборна комисија, од пребројани 91 отсто од гласовите, во водство е Орце Ѓорѓиевски со 36,62 отсто, односно 82.155 гласови, а зад него е Мециновиќ со 13,35 проценти, односно 27.686 гласови.
Зад нив е Башким Бакиу од „Влен“ со 12,15 отсто, Каја Шукова од СДСМ со 11,52 отсто и Скендер Реџепи од ДУИ до 11 отсто од пребројаните гласови.
ВМРО-ДПМНЕ и Левица доминираат и во Советот на Град Скопје. Според официјалните податоци од ДИК, ВМРО-ДПМНЕ во Советот има 35,46 отсто од гласовите, а зад нив е Левица со 12,04 проценти.
Македонија
Орце не бегај од дебата, од вечерва Левица е вистински лидер на опозицијата, порача Апасиев

Вечерва објавуваме дека Левица станува лидер на опозицијата во Македонија, објави на прес-конференција Димитар Апасиев, лидерот на оваа партија.
„За прв пат влегуваме во Советот на Општина Тетово, Виница, Берово, Пробиштип, Лозово, Ранковце, Струмица, Радовиш, Кривогаштани, Струга, Дебарца и Ресен. Покрај во главниот град, втора партија пред СДСМ, Левица станува во Аеродром, Карпош, Кисела Вода, Гази Баба, Бутел, Чаир и Велес“.
Лидерот на Левица со порака до кандидатот за градоначалник на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски: „Орце не бегај од дебата“.
Амар Мециновиќ пак рече, дека денеска Скопје се разбуди а граѓаните покажале храброст дека се подготвени да изберат поинаку.
„Денеска Левица испиша историја затоа што првпат има кандидат во главниот град кој не е поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
Во првиот круг покажавме дека има надеж, во вториот круг сето тоа ќе го претвориме во реалност. Влеговме во вториот круг затоа што илјадници луѓе во Скопје се охрабрија да застанат на страна на промената. Скопјани имаат визија дека градот треба да се раководи од јавниот, а не од приватниот интерес, порача Мециновиќ.
На жителите од Скопје, во вториот круг им порача дека имаат две визии: едната како што рече е онаа која 35 години ја има во државата, која е застарена, коруптивна, криминална и им ги одзема годините, можностите и животите, и онаа втората, за која, како што истакна, е нивна визија, за град во кој сите ќе сакаме да живееме.
„Скопје во наредните недели ќе одлучи за својата судбина“.
Мециновиќ најави дека и во следните денови Левица ќе продолжи со средби со граѓаните.
Во следните недели нема да се занимаваме со тоа што сте навикнати да го гледате, а тоа се препукувања на монополот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Тоа време заврши. Цензурата е залудна, скопјани ја видоа нашата визија. Го дочекавме денот кога ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ нема да ни бидат судбина“, порача Мециновиќ.
Ги повика сите оние што се разочарани и се двоумат во нивниот избор да им се придружат.