Забава
Поранешниот фудбалер се смири со девојката откако пијан ѝ викал и ја навредувал во хотел
Енди Керол откри дека се вратил кај својата девојка Лу Тисдејл по неодамнешното кратко раскинување. Двојката се разделила поради низа караници. Најпрво беше објавено дека фудбалерот (36) ја оставил шминкерката (41) бидејќи му здосадило нејзиното однесување. Сепак, Daily Mail дозна дека всушност Лу ја прекинала врската.
Сега Енди ветува дека ќе намали со алкохол за да ја спаси нивната врска.
„Ја сакам Лу и нејзиното семејство. Се караме како и секој пар. Некои од нашите кавги беа околу алкохолот, бидејќи Лу не пие веќе 14 години, а јас знам да испијам пиво или вино за вечера и пијалок после натпревар. Не ми е проблем да престанам. Подобро ни е заедно и се обидуваме да ги надминеме нашите тешкотии,“ изјави Енди.
Извор рече дека Лу го оставила Енди, а потоа тој ја блокирал на социјалните мрежи и ги избришал заедничките фотографии. „Лу беше многу вознемирена од тоа како се одвиваше сè, а кавгите меѓу нив ѝ беа особено тешки. Сепак, Енди сакаше да ја врати назад и дури отпатува на Ибица за да ја пронајде,“ изјавил извор оваа недела.
Енди и Лу имале жестока караница на Миконос кон крајот на минатиот месец. Полицијата прво интервенирала поради бурна расправија во ресторан, а неколку часа подоцна и поради штета во хотелска соба.
Инцидентот во хотелот го потврдил вработен кој за The Sun on Sunday изјавил: „Да, беа сместени кај нас. Тој ги скрши вратите.“ Истата вечер Лу го напуштила хотелот и преспала во ексклузивниот приватен клуб Soho Roc House. Британски турист кој ги видел парот раскажал дека ги сретнал додека жестоко се расправале на улица.
„Мажот, за кого подоцна дознавме дека е Енди Керол, викал: ‘Со нас е готово!’ и делувал многу пијан,“ рекол сведок. Тој додал дека подоцна ги сретнал во истиот ресторан, каде што Керол изгледал бесен, а Лу седела со главата во рацете, како да плаче. „Полицијата пристигна, Енди излезе да разговара со нив, додека жената остана да седи на масата.“
„Ситуацијата е пренадувана“
Во заедничка изјава за The Sun, Енди и Лу порачаа: „Додека вечеравме во ресторан за време на мирен одмор на Миконос, имавме пожесток разговор, каков што повеќето парови понекогаш имаат. Полицијата брзо сфати дека нема причина за интервенција. Излеговме затоа што инсистираа дека сакаат да нè ‘заштитат’.“
„Нашето мислење е дека ситуацијата беше пренадувана од љубопитен минувач. Никој не беше уапсен, ниту беше подигнато обвинение. Среќни сме, заљубени и се радуваме на иднината, а ни е жал што приватна расправија стана јавна работа,“ додадоа тие.
Керол и Тисдејл ја започнаа врската минатата есен, откако Керол се раздели со својата сопруга, реалити ѕвездата Били Маклоу (36).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
(ФОТО) И на 40 години во врвна форма: Роналдо повторно ги воодушеви фановите
Кристијано Роналдо повторно ги воодушеви фановите со фотографија објавена на Инстаграм, на која позира без маица во црни боксерки, покажувајќи ја одличната физичка форма и на 40-годишна возраст.
„По сауна“, напиша кратко Роналдо под фотографијата направена во теретана. Ова не е првпат фудбалската ѕвезда да објави вакви фотографии, со кои редовно ја истакнува дисциплината, тренинзите и начинот на живот по кои е препознатлив.
View this post on Instagram
Забава
Леонардо ди Каприо никогаш повторно не го гледал „Титаник“
Актерот Леонардо ди Каприо ги шокираше фановите со признанието дека никогаш повторно не го погледнал „Титаник“, филмот што во 1997 година го лансираше во светска слава и ја обележа цела една генерација.
Ди Каприо за тоа зборуваше во разговор со Џенифер Лоренс во емисијата Actors on Actors, пренесува „Варајети“. За време на опуштениот разговор, Лоренс директно го праша: „Дали некогаш повторно го погледна ‘Титаник’?“
Ди Каприо без размислување одговори: „Не. Не сум го гледал.“
Лоренс се изненади и му рече: „Па, треба да го гледаш! Се кладам дека сега би можел да го гледаш, навистина е добар.“
„Јас всушност не ги гледам моите филмови. Ти ги гледаш ли твоите?“ ја праша Ди Каприо колешката.
„Не“, одговори Лоренс низ смеа. „Никогаш не сум снимила нешто како ‘Титаник’. Да сум, сигурно ќе го гледав. Еднаш бев многу пијана и го пуштив ‘American Hustle’. Се прашував: ‘Дали јас сум добра актерка?’ Го пуштив филмот… и не се сеќавам на одговорот.“
Ди Каприо слично признание дал и претходно. Во август, за списанието „Есквајр“, изјави дека ретко ги гледа своите филмови, но дека постои еден исклучок.
„Тоа е ‘Авијатичарот’. Тој филм ми беше особено важен“, рече актерот, присетувајќи се на соработката со режисерот Мартин Скорсезе и на неговиот долгогодишен интерес за ликот на Хауард Хјуз.
Филмот „Титаник“, во режија на Џејмс Камерон, стана еден од најуспешните филмови во историјата, а Ди Каприо во него глумеше заедно со Кејт Винслет.
„‘Титаник’ беше голем експеримент за Кејт и за мене“, изјави Ди Каприо уште во 2016 година. „Не можевме ни да замислиме колку голем ќе стане филмот. Сè тоа нè изненади.“
Тој додаде дека по тој успех морал да забави и да се врати на своите актерски цели.
„Знаев дека од мене се очекува нешто одредено, но сакав да останам верен на себе и на причината поради која воопшто почнав да глумам“, порача Ди Каприо.
Забава
Од февруари ќе се наплаќа пристап до фонтаната ди Треви
Од 1 февруари, туристите ќе мора да платат две евра за да добијат пристап одблиску до фонтаната ди Треви во Рим, една од најпознатите туристички атракции во градот. Бесплатен пристап ќе имаат само жителите на Рим, додека разгледување од далечина ќе остане без надомест.
Градоначалникот Роберто Гвалтиери изјави дека со оваа мерка се очекува годишен приход од околу 6,5 милиони евра. Наплатата е дел од поширок план со кој од 1 февруари ќе се воведат влезници и за уште пет локации во градот, со цена од пет евра.
Фонтаната ди Треви ја посетуваат во просек околу 30.000 луѓе дневно, а градските власти ја оправдуваат мерката со пренатрупаноста и проблемите со џепчии. Само во периодот од 1 јануари до 8 декември, просторот пред фонтаната го посетиле околу девет милиони туристи.
Традицијата на фрлање парички во фонтаната продолжува.

